Брифинг за новинари

Брифингот за новинари е форма на комуникација со медиумите, чија главна цел е информирање на новинарите, наместо преку нив директно да се информира јавноста. Тие можат да се искористат и за да се даде информации за следни приказни. Ова може да биде ефикасен метод вашите идеи за приказни да им ги презентирате на новинарите и е добра можност за средба на вашиот персонал со нив.

Брифингот може да се организира како затворена конференција за печат, на која новинарите добиваат подетални информации отколку на вообичаените конференции за печат, без камери, фотографи и микрофони. Тој често се смета за неформална комуникација со медиумите. Одржувањето редовни брифинзи (еднаш месечно) на новинарите им дава информации кои тие може да ги искористат за приказни. Приказните кои произлегуваат од брифинзите за новинари може да помогнат и во напорите на вашата организација да добие поголемо присуство во медиумите. Дури и ако не ги организирате еднаш месечно, може да ги користите секогаш кога ќе почувствувате потреба да им дадете најнови информации за вашите постигнувања, да ги информирате за резултатите на некое истражување или иницијатива, или да ги запознаете со некоја тема од локално значење.

Брифинзите се обично одличен и евтин (од организациски и од технички аспект) начин вашиот персонал одговорен за деловната политика да се сретне со новинарите и со нив да размени информации и мислења. Можете да ги организирате надвор од вашите деловни простории, на локацијата каде што се изведува проектот или во соработка со други партнери, ако е тоа адекватно. Но, запомнете дека иако се тие неформални, ништо не е "неофицијално".

Како се организира брифинг за новинари?

Најдобро е брифинзите за новинари да се организираат во сала за конференции или во некоја голема канцеларија. Не се покануваат сите медиуми. Изберете ги оние кои се најрелевантни за вашите теми и поканете 6 до 12 новинари. Имајте предвид дека треба да поканите двојно поголем број отколку што очекувате да дојдат и дека некои новинари "ќе отпаднат" во последен момент. 

Секогаш е корисно да подготвите печатени материјали и дополнителни информации. Ако одржувате редовни брифинзи за да ги запознаете медиумите со вашите најнови достигнувања и со следните активности, за новинарите подгответе копии од билтенот, доколку го имате (види: Билтени, стр. 51), распоред на следните настани и, можеби, една страница со постигнувања или селектирани неодамнешни успеси. Во други случаи, брифингот го организирате за да претставите одредени информации, како што се резултати од истражувања или стратешки планови, со што на новинарите ќе им дадете информации за некоја локална тема за која би сакале повеќе да се заинтересираат. Во тој случај треба да подготвите јасни извештаи во писмена форма (не повеќе од четири страници), со основните информации кои ќе ги презентирате, и да им дадете копии од сите графикони, табели или дијаграми кои ќе ги користите. Добро е да им дадете и список на други луѓе или организации на кои можат да им се обратат за дополнителни информации за темата. Од вашиот тим треба да повикате најмногу три лица да присуствуваат на брифингот. Треба да бидат присутни портпаролот и еден експерт.

Неколку дена претходо...

Резервирајте конференциска сала или поголема канцеларија;
Повикајте и лично поканете 6 до12 новинари;
Потврдете го учеството на портпаролот и на експертите (2 до 3 лица);
Развијте ги вашите теми и главните поенти;
Подгответе печатени материјали и дополнителни информации.

Модерирањето на дискусијата за време на брифингот ќе помогне вашата група и поканетите новинари да имаат плодна дискусија, а не официјална презентација по која би следувале прашања. Исто така, модераторот ќе се погрижи во дискусијата да не доминира само еден новинар.

Ќе знаете дека сте биле успешни ако новинарите продолжат да работат на темите од брифингот и ако почнат да известуваат за нив и понатаму да истражуваат. Тоа ќе биде очигледно и ако тие продолжат да доаѓаат на вашите брифинзи и доколку почнат да се обраќаат во вашата организација како извор на информации, дури и надвор од контекстот на вашите брифинзи.

СОВЕТИ: 

За време на брифингот, на вашите говорници претставете им ги новинарите и запознајте ги меѓусебно.
Понудете им кафе, чај или безалкохолни пијалаци.
Секому дајте му шанса да зборува.
Одржувајте контакти со новинарите и по брифингот.

Истражувања и публикации

Правила и закони

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.