ЗОШТО СЕ ПИШУВА ОВАА БЕЛА КНИГА?

Проблемите на соработката меѓу ГО и медиумите се посочувани многупати во изминативе години, но и покрај тоа, во релациите меѓу двата сектора не се забележува значителен напредок. Основната цел на оваа Бела книга е да отиде чекор понапред – не само да ги утврди проблемите во соработката меѓу двата сектора, туку да ги посочи и начините за унапредување и интензивирање на таа соработка, со цел поголема промоција и унапредување на човековите права. Преку краток опис на состојбите и приоритетите во шест специфични области од човековите права – граѓански и политички права, права на жени, Роми и други етнички заедници, маргинализирани заедници (лица со попреченост и припадници на ЛГБТИ-популацијата), млади и дигитални права – документот има за цел да ги поттикне механизмите на меѓусебната комуникација и соработка меѓу ГО и медиумите и на тој начин да обезбеди поголема видливост и влијание на ГО во јавноста.
Белата книга опфаќа само некои аспекти од широката област на човековите права, кои беа определени во согласност со категоризацијата на организациите што се пријавија на Јавниот повик на МИМ за учество во проектот. Овој документ беше изработен со помош на група експерти од граѓанските организации и од медиумите, кои ги ставија на располагање својата експертиза и знаење. Во различни фази од продуцирањето на овој документ придонесоа претставници од следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Национален совет за родова рамноправност (НССР), Отворена порта – „Ла страда“, Отворете ги прозорците, Фондацијата Метаморфозис, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А., КХАМ, Мултикултура, Центарот за развој на медиуми на заедниците МЕДИУМ, Центар за слобода - Цивил, како и новинари и уредници од ТВ Алфа, Нова Македонија и Диверсити медија.
Белата книга треба да послужи уште како една алатка на партиципативната демократија, поради што во процесот на нејзина изработка се стремевме да обезбедиме поголема инклузивност на граѓанскиот сектор. Крајната цел на документот и на овој проект е почитувањето на човековите права да стане императив на граѓанското општество и на граѓанскиот активизам во Македонија.

 

Attachments:
Download this file (BelaKniga_AL_fin2.pdf)LIBËR I BARDHË[Prioritete dhe mekanizma për përparimin e bashkëpunimit midis organizatave civile dhe mediave për mbrojtjen efikase të të drejtave të njeriut]830 kB
Download this file (BelaKniga_EN_fin.pdf)WHITE PAPER[Priorities and mechanisms for advancement of the cooperation between the civil society organizations and the media for an effective protection of human rights]1014 kB
Download this file (BelaKniga_web_MK.pdf)БЕЛА КНИГА[Приоритети и механизми за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за ефикасна заштита на човековите права]981 kB