Стории

Tранссексуалците во Македонија немаат здравствени права

Индекс на артикл

Автор: Соња Колевска - Делевска
Истражување на
Вест

Не смееш да избираш дали си машко или женско


Транссексуалците во Македонија не постојат за државата. Единствена дефиниција за луѓето од еден пол, а со спротивен, односно различен родов идентитет, за Фондот за здравствено осигурување е хермафродит.

"Трансродни не постои како термин. Кај хермафродитите, по медицински индикации се врши определување на полот и медицинска интервенција додека сe уште се бебиња, и го добиваат конечниот пол. За транссексуалците операцијата се смета за естетска и не се покрива од ФЗО, ниту хормонална терапија, импланти за дојки ниту уро или вагино пластика", стои во официјалниот одговор кој го добивме од Фондот.
Пред две недели Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје соопшти дека годинава се родиле четири бебиња без јасни полово дефинирани гениталии. Според податоците, и во претходните години се раѓале, во просек, по две до три деца со недоволно јасни полови карактеристики, но оти има и такви бебиња што ги имаат и двата пола (хермафродити). Бебињата со вакви малформации во регистарот се заведуваат ни како машки ни како женски, туку како новороденчиња. Во меѓувреме, тинејџерите, адолесцентите и возрасните транссексуалци во Македонија остануваат најранливата група луѓе, препознатливи по улица, најнапаѓани, најтепани, жртви на семејно насилство, на насилство од околината и од нивните партнери. Државата не им помага во транзицијата. Тие што имаат пари, примаат хормонска терапија платена од свој џеб, и толку. Нема придружна поддршка од психијатар, што е основно за тешкиот процес на трансформација, нема финансиска партиципација за скапите хормони, а за хируршка интервенција за промена на пол не станува збор. Ниту има обучени хирурзи во Македонија за такво нешто ниту, пак, државата признава и плаќа дел од трошоците за интервенција во странство, иако транссексуалноста, во суштина, е медицинска состојба која има своја дијагноза Ф64.0.
Што значи, тие што немаат пари ни за хормони, во Македонија тонат психички. Живеат, практично, во пекол, во страв, во стигма, длабоко се повлечени во себе, далеку од надворешниот свет. Дополнителна тешкотија им е што не одат на работа, можноста за вработување не им е достапна како на останатите граѓани, бидејќи речиси ниеден газда не ги прима. Промените кај нив се видливи, тие не може да се скријат. Родот и чувството му се како жена, а полот му е машки, и обратно, родовата припадност му е машка, а се родила со женски пол. Од овие причини, транссексуалците што немаат можност да ја направат трансформацијата во родот во кој се чувствуваат, се најобесправените луѓе во општеството и, вообичаено, финансиски се зависни од други. Во Македонија тие лица не се вработени туку најчесто издржувани до крајот на животот.
Транс групата во Македонија брои 30 луѓе. Тие се од цела Македонија, најмногу од Скопје, а потоа од Охрид, Струмица Тетово и од Кочани. Кој може, мигрира во Скопје каде што се чувствуваат побезбедни бидејќи се во група. Кој не, останува да ги трпи траумите во своето родно село, град, велат во ЛГБТ центарот во Скопје.
Кога станува збор за непочитување на здравствените права на ЛГБТ луѓето во Македонија, најкарактеристичен пример се транссексуалните, односно трансродните лица, вели Игор Раиден, координатор на групата за поддршка на транс луѓето во Македонија. Тој дава многу примери за непостоење на здравствени права на оваа маргинализирана група. Меѓу нив се ситуациите на трансродни луѓе со полупроменети имиња во личните документи, при што се појавува неусогласеност на изгледот со податоците во документите. Од оваа причина, наведува Раиден, често не може да се направат хормонските тестови. На пример, пациент со сменет пол во странство, кој сега е машки лик, за да направи хормонски тестови, требаше да земе упат од гинеколог, бидејќи во личните документи е жена. Ова лице со машки пол добило некако упат од својот матичен гинеколог. Но кога отишло на Клиниката за ендокринологија, му рекле дека гинекологот не смеел да му даде упат. Човекот цел ден докажувал дека е жена, бил принуден да оди против својот родов идентитет. Сурово е тоа што го направил против себе, само да добие упат, раскажува Раиден. Во друг случај, вели, трансжена си отишла приватно на Ендокринологија каде што ендокринологот $ препишал хормони, а таа отишла во аптека и си ги купила хормоните сама.
На Клиниката за ендокринологија во моментов хормонска терапија за промена на полот примаат пет лица, машки и женски. Тие се меѓу 20 и 25 години. Крајната цел, велат лекарите од Клиниката за ендокринологија, е овие пациенти да го сменат полот. Хируршкиот зафат, според нивните кажувања, ќе го прават во Белград. По пластичната операција, направена во странство, сите пациенти што претходно примале хормони на Ендокринологија, се враќаат повторно на терапија, доживотна, бидејќи хормоните, како што објаснува директорот д-р Чедомир Димитровски, мора да се одржуваат, за да не се вратат старите карактеристики од претходниот пол на личноста. Ако машка личност се трансформирала во жена, треба постојано да прима хормон естроген, зашто брадата и мустаќите, на пример, ќе почнат да растат повторно, ејакулацијата ќе се врати.
Постои голема дискриминација од Фондот за здравство кога се работи за правото на лекување во странство, тврди Раиден. Според правилникот за лекување во странство, осигурано лице, со соодветна документација, добива конзилијарно мислење и, по процесирање на случајот од комисијата во Фондот, се добива одобрение за лекување во странство, при што пациентот учествува со 20 отсто од трошоците. Меѓутоа, Фондот за здравство во една пригода се изјасни дека "промената на полот не се третира како заболување и, според тоа, не влегува во основните здравствени услуги". "Не постои оправданост за решавање на психофизичкиот проблем по хируршки пат. Промената на полот не е во пакетот примарни здравствени услуги" се најчестите одговори од Фондот за здравство, наведува Раиден.
Според него, дијагнозата за транссексуалноста како заболување постои во шифрарникот за дијагнози на веб страницата на Фондот за здравство и насекаде.
"Се знае каков е третманот, но во Македонија не им се овозможува на овие лица, само затоа што не им се допаѓа на властите. Сакам да нагласам, на сите власти, не само на оваа", потенцира Раиден.
Наташа Бошкова, адвокат во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, која работи исклучиво на давање правна помош на маргинализираните заедници, во кои спаѓаат и транссексуалците, вели дека по ваквите одговори на државата, односно на Фондот, нема основ за тужба, бидејќи третманот и процесот на трансформацијата на овие лица кај нас не се правно регулирани.
"Еднакво важно со дискриминацијата во правото за лекување во странство е што во Македонија нема ниеден специјализиран психолог што може да работи со трансродните лица, иако овде има страшно добри психолози. На пример, геј момче оди неодамна на психијатар, овој му дал еден куп лекови, му препишал тестостерон, без да го прати на хормонски тестови, и му рекол по една недела да се види со жена. Сакам да кажам, во Македонија има психијатри што лекуваат од хомосексуалност. Башка што психијатар не смее да држи хормони во ординација", наведува примери Игор Раиден.
Според официјалната процедура за трансродните лица, односно стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), лицето оди првин на психијатар. Психијатарот ја проценува општата состојба и тој гледа и утврдува дали транслицето се идентификува со полот. Тој треба да види дали го тера нешто да мисли дека е транс, а не е. Потоа следи препраќање до ендокринолог, по што почнува хормонската терапија. Кај нас има општа специјализација. Нема специјализација за следење на развојот. Трансродните луѓе одат во Белград, таму има стручен тим кој работи 20 години по стандардите на СЗО, кои важат за транслуѓето. Во Белград почнува терапијата, промените кај лицето, и тоа е подготвено за пластична операција.
Во Србија една цена за хормонска терапија и хируршки зафат за промена на полот има за осигурениците, а друга, многу повисока за пациентите од Балканот. Најскапо на Клиничкиот центар во Белград за операција за промена на полот плаќаат пациентите од западноевропските земји, на кои, сепак, во Белград им е поевтино отколку зафатот да го прават во нивните држави. Чаз Боно, единственото дете на светски познатата ѕвезда Шер, кој се роди како женско, во април годинава, на гинеколошко-акушерската клиника "Народни фронт" во Белград го смени полот во машко. Терапијата, т.е. трансформацијата ја почнал уште во 2008 година, а во 2010 година добил потврда од судот да го смени името и полот. Операцијата го чинела само 3000 евра, бидејќи државата покрила две третини од трошоците. За трансмомците операцијата чини од 8000 евра, па нагоре.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.