Стории

1000 до 3000 евра за етничка фотелја во администрацијата?!

Автор: Габриела Делова
Истражување на Капитал
Освен со партиски книшки, до место во администрација, барем за помалите етнички заедници се доаѓа и со финансиски средства. Истражувањето на Капитал покажува дека политичкиот пазар меѓу партиите е стигнат до тој степен не само што фрла црна дамка врз спроведување на Рамковниот договор, туку прави целосно вулгаризирање на процесот на вработување при исполнување  на принципот на правичната застапеност

Од 1000 до 3000 евра му се потребни на еден припадник на Ромската заедница за да се вработи во администрација, средства кои треба да и ги плати на политичка партија за да обезбеди место во јавната служба. Но и покрај тоа, речиси секој трет Ром се соочува со дискриминација при вработување, поради разните притисоци и уцени при процесот на селекција и политичкиот пазар меѓу самите партии. Ова на кратко е процедурата на вработување во администрацијата, барем кога станува збор за лицата од Ромскиот етникум.

Според истражувањата на повеќе ромски невладини организации застапеноста на ромската заедница во државната и јавната администрација е минимално и неодговара на имплементацијата на начелото на соодветна и правична застапеност. Причините се многубројни но најсимптоматични се скриената дискриминација од страна на јавните институции и профитерскиот однос на ромските политички партиципиенти во власта кои вршат разни притисоци и уцени при процесот на селекција на пријавени кандидати Роми за вработување во адмминистрација. Јавна тајна е дека секој ромски политички партиципиент во власта за надомест од 1000 до 3000 евра врши "услуга" при вработување на ромите во администрација“, вели Зекир Абдулов, претседател на Невладината организација Кхам од Делчево.

Ништо позадоволна со правичната застапеност не е ниту Турската заедница. Припадниците на овој етникум  сметаат дека нивниот процент го користат припадници на други заедници, како резултат на политички пазар меѓу партии, а оние пак што успеале да се вработат, најчесто седат дома и земаат плата.

Охридскиот рамковен договор од политичарите се користи за политички пазарења и, за жал, политичарите манипулираат со младите Турци врз основа на овој Договор. Сите ветувања кои се дадени на младите Турци не се остварија“, вели Енес Ибрахим, генерален секретар на Партијата за движење на Турците, инаку поранешен претседател на НВО Уфук.

И Србите, Власите и Бошњаците, кои иако се подобро застапени во администрацијата, негодуваат околу политичките пазари кои се прават при вработување. Тие се согласни дека пазарот меѓу политичарите е најголемата причини за несоодветното спроведување на принципот на правична застапеност.

Во таа насока оди и последното истражувањето на Институтот за развој на заедницата во соработка со ЗЕЛС,  кое покажува дека непартиската, односно партиската припадност и недостигот на врски се најголемите причини поради која правичната застапеност во земјава е несоодветна.

Од вкупно 1266 испитаници во 19 општини дури 533 лица  одговориле дека причината поради која ова начело не се применува е „погрешната партиска припадност“, а 516 од нив одговориле е “недостигот на врски“. Само 207 одговориле пак дека причина за тоа е „недостиг на соодветни квалификации“.

Македонци и Албанци на местото на помалите етнички заедници?!

Веќе дванаесет години по ред, откако е потпишан Охридскиот рамковен договор (12.08.2001), најтешката мерна единица по која се мери неговото исполнување останува вработувањето во администрацијата, односно спроведувањето на принципот на правична застапеност. Дванаесет години подоцна, иако општиот впечаток е дека постои значителен напредок, сепак помалите заедници негодуваат дека овој договор пред се е ексклузивно право на Албанците, додека помалите етнички заедници се ставени во втор план.

Во последно време забележан е уште еден феномен каде на местото на ромите според принципот на правична застапеност се вработуваат нероми (најчесто Македонци) а тука повторно за одреден профит е замешан ромскиот политички фактор“, вели Абдулов.
На овој феномен предупредуваат и од турската заедница.

 „Другите заедници го користат нашиот контингент за вработувања. Посебно би требало да нагласиме дека некои од владејачката партија беа подмитени за вработување на младите. Десетици млади кои би требало да работат во администрација седат дома и земаат плата. ако да им се вели седи дома, молчи, земи си ја платата и не работи за твојата заедница. Не ни е јасно кога овие млади ќе напредуваат во кариерата, кога ќе напредуваат во бирократската хиерархија? Или Турците вработени во администрацијата засекогаш ли ќе останат на дното од оваа хиерархија? Доколку не се во служба и на својата заедница дали овие службеници воопшто се потребни на турската заедница?“, вели Ибрахим.

Тој забележува и на последните огласи објавени во администрацијата. Конкретно за 1600 вработувања во ЈП Македонски шуми. Според Ибрахим ниту на овој конкурс, правичната застапеност барем за Турците не е спроведена соодветно. Од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор велат и при овој оглас се запазувала правичната застапеност. Прецизно се знае дека 25% од работните места огласени преку овој конкурси се гарантирани за Албанците, а колку процентуално се вработени лица од другите етнички заедници, од Секретаријатот не можеа да прецизираат.

Рамковниот -вентил за вработување на партиски послушници

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека партиите во Рамковниот не гледаат инструмент за интеграција на општеството туку вентил за вработување на нивните послушници.

Ако зборуваме за вработувањето на помалите етнички заедници во државната и јавната администрација тоа треба да се сфати како дел од интегративната политика на земјата. Вработувањата на помалите заедници во државната и јавна администрација оди преку помалите политички партии кои се дел од политичките коалиции. Тука партизацијата е најголем проблем. Партиите во вработувањето не гледаат интеграција на општеството туку вентил за вработување на нивните послушници“, вели Муслиу.

Колумнистот и аналитичар Даут Даути кој редовно пишува на тема Рамковен договор, вели дека партиските вработувања се најголемиот проблем за недоволната застапеност на помалите етнички заедници во администрацијата. Затоа тој советува, дека во вакви услови на практицирање на Рамковниот договор,  помалите партии својата правична застапеност можат да ја обезбедат само преку коалицирање со партија која е на власт.

Професорот Владо Поповски, еден од експертите директно вклучен во создавањето на Рамковниот договор пак вели:

Во политиката на спроведување на правичната застапеност факторите што ја спроведуваат оваа политика како да не ги согледуваат достојно помалите заедници и како да не се грижат доволно каква е нивната позиција. Точно е дека од 2001 година до денес постои нееднакво водење на грижа како за малите заедници така и за големите. Владините политики како да се водат од инстинкт- прво да ги подобриме позициите на поголемите заедници, а потоа на помалите- прво да се погрижиме за поголемата„беља“, па за помалата. Во моментот како да постои инерција и помалку напори за правичната застапеност на помалите заедници. Знаете тоа е како во семејство со повеќе деца, и најчесто најмалото дете најтешко доаѓа до збор“, вели Попоски и додава дека излезот од ова треба да се гледа во поставување по еден помошник од сите помали заедници во рамките на Секретаријатот задолжен за рамковниот договор.

Што покажуваат официјалните податоци?

Ако се погледнат јавно достапните бројки во извештаите на Народниот правобранител и оние на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, општиот впечаток е дека начелото за правична застапеност повеќе или помалку соодветно се спроведува. Така податоците покажуваат дека во моментот Турците во администрација се застапени со 1,7%, Ромите со 1,3%, Србите со 1,6%, Власите 0,7%, Бошњаци 0,5% и останатите 0,9 %. Споредено со податоците од последниот попис од 2001 година, Турците во Македонија се 3,8% од вкупното население, Ромите 2,7%, Власите 0,5%, Србите 1,8%, Бошњаците 0,8%, останато 1%, што значи, дека повеќето заедници се речиси правично застапени, со исклучок на Турците и Ромите.

Сепак аналитичарите предупредуваат дека без да се знае точната бројка на администрацијата (која за едни е 120.000 а според други брои 180.000) тешко е да се утврди дали начелото за правична застапеност навистина е исполнето, особено ако се знае дека дури 65 државни и јавни институции не доставиле извештај за бројот на вработените до Народниот правобранител кој секоја година информира за вработеноста и правичната застапеност во овие институции. Исто така велат тие, бројките од пописот од 2001 година се драстично сменети особено ако е познато дека во моментот барем како што оценува Светска банка има 447.000 луѓе кои не живеат во Македонија.

Од Секретаријата за спроведување на рамковниот договор велат дека од година во година постои напредок во подобрување на правичната застапеност на помалите етнички заедници. „Во таа насока во последните години се објавија и конкурси за вработување кои беа наменети само за помалите етнички заедница. Во 2012 година имаше три такви конкурси, во 2013 година имаше еден. Преку сите три се бараше вработување на преку сто лица“, велат оттаму.

Народниот правобранител, Иџет Мемети вели дека оваа институција не води евиденција за етничката припадност на лицето кое поднесува претставка за дискриминација во процесот на вработување. Она што постои само како податок во Извештајот е дека во 2012 година 0,74% од претставките поднесени до оваа институција се однесуваат на начелото за недискриминација и соодветната и правична застапеност и тоа за права од работен однос по етничка основа.

Слично е и со жалбите доставени до Агенцијата за администрација. Дури 31,30% од жалбите доставени до Агенцијата за администрација во 2012 година биле жалби за избор по оглас, но не постои податок дали и колку од нив се жалат на дискриминација по етничка основа.

Подетална е само анализата на Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“. Истражувајќи ја дискриминацијата на Ромите во општеството, овој Институт дошол до заклучок дека 34,6% од анкетираните Роми,  одговориле дека биле дискриминирани во процесот вработување во јавните институции, односно секој трет Ром бил дискриминиран во процесот на вработување во јавните институции.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.