Стории

Термоцентралата Осломеј сериозна закана по животот на граѓаните од околните места

Автор: Фатлуме Дервиши
Истражување на „Порталб
Термоцентралата „Осломеј“ се наоѓа во кичевската котлина и произведува електрична енергија преку согорување на јаглен, кој се обезбедува од површинскиот слој на ова место. Започна со работа во 1980 година и денес брои 780 вработени.

Миле Крагуески e aктуелен директор на термоцентралата, којa работи во рамки на ЕЛЕМ (Електрани на Македонија). Покрај позитивната страна што ја има, како еден од најголемите производители на електрична енергија во Република Македонија, термоцентралата има и своја темна страна, односно, таа крие многу опасности за жителите од околните места. Станува збор за загадувањето на животната средина и сè поголемото влијание врз флората и фауната.

Истражувачите

Во обид да се покаже нивото на загадување на воздухот што го предизвикува термоцентралата во Кичево и околните места, биологот Гафур Ајрули и професорот Адем Џеладиниспроведоа истражување во период од 2010 до 2011 година. Резултатите од истражувањето покажаа многукратно зголемување на недозволени честички во воздухот, кои го надминуваат просечно дозволеното ниво.

Во истражувањето се вели:

“При согорување на јагленот, од високиот оџак на оваа термоцентрала се ослободува јаглероден моноксид, сулфурен диоксид, азотен оксид, јаглероден диоксид и прашина, кои се штетни за квалитетот на животот на локалното население и живите организми во оваа област и затоа претставуваат постојана опасност. Многу малку истражувања се направени во врска со овој проблем, а опасноста е исклучително висока. Во последно време забележано е зголемување на бројот на смртни случаи и намалување на квалитетот на флората, како и оштетување на градинарските производи кои во минатото претставуваа егзистенција за локалното население. Затоа се обидовме во нашето истражување да изнесеме на површина конкретни податоци во врска со оваа постојана опасност. Штетните честици кои се испуштаат од оџакот на термоцентралата негативно влијаат врз флората и фауната во непосредната околина, но најголемото зло од загадувањето е влијанието врз човековото здравје, односно можноста од предизвикување тешки канцерогени заболувања.”

Надминување на граничните вредности на загадување

На веб-страницата на Министерството за животна средина прикажана е табела со хемиски елементи кои доколку се присутни во воздухот во голема мера, доведуваат до сериозно влијание врз животот на луѓето, флората и фауната. Максимално дозволените граници на штетни елементи во воздухот се претставени на табелата подолу.

µg/m3 – микрограм (милионити дел од грамот) на кубен метар, мерна единица за присуство на честичките во воздухот.

 На 13 јануари 2014 година, врз основа на податоците од веб страницата http://airquality.moepp.gov.mk/?page_id=4 се забележува дека бројот на суспендирани честички помали од 10 µg/m3 го достигнале нивото на 900 µg/m3, за разлика од дозволените 50 µg/m3 во текот на еден ден, што е приближно 18 пати повеќе од дозволената бројка. (Види табела подолу).



Понатаму, во табелата прикажана погоре се наведува дека максималниот број на дозволени надминувања на вредностите на загадувачките супстанци изнесува 35 пати во текот на една година. Меѓутоа, ние забележавме дека само во текот на еден месец, од 1 до 31 декември 2013 година, дозволената бројка секојдневно била надминувана. (Види слика подолу. Црвената линија ја прикажува границата на дозволената вредност.)

На прашањето за загадувањето на воздухот што го предизвикува термоцентрала „Осломеј“ во Кичево и околните места, портпаролот на ЕЛЕМ, Мирче Котевски одговори: „Термоцентралата од секогаш поседувала филтри. Филтерот се состои од четири единици и истите беа целосно опфатени со репарирањата во 2011 и 2012 година, така што сега имаме целосно нов филтер кој воопшто не го загадува воздухот. Во термоцентралата Осломеј постојано се вршат контроли и мерења на квалитетот на воздухот од страна на овластена фирма која има акредитирана лабораторија за вакви мерења на две локации во близина на термоцентралата. Досегашните резултати покажале дека квалитетот на амбиентниот воздух е во рамки на предвидените и дозволени вредности на Министерството за животна средина на Република Македонија.”

Всушност, не наидовме на ниту еден експлицитен показател кој посочува дека ова големо загадување на амбиентниот воздух во Кичево доаѓа како последица на емисиите од термоцентралата. Но, тоа го докажуваат неколку други значајни фактори. (Види слика подолу).

Медицински пристап

Докторот од Клиничкиот центар во Кичево, Аќиф Исмаили вели дека во последните години сериозно е зголемен бројот на заболувања меѓу граѓаните на Кичево, кои настануваат како последица на загадувањето предизвикано од термоцентралата „Осломеј“. “Од овие болести, најмногу би ги издвоил белодробните и канцерогените заболувања. Вознемирувачки е фактот што заболувањата сè повеќе ги допираат младите генерации. Пациентите со вакви заболувања се сè помлади, а тоа не е случај во останатите градови. Во Кичево има голем број пациенти кај кои се дијагностицирани тешки заболувања, а несомнено термоцентралата е најголемиот причинител.”

За време на зимскиот период, особено во утринските часови граѓаните на Кичево честопати се соочуваат со снег кој е обоен во сиво. Ова го потврдува и сликата подолу каде јасно се разликуваат трагите од стапалата во белиот снег претворен во сиво.

Граѓаните за термоцентралата

Во спроведената анкета меѓу полнолетните граѓани од Кичево, 4% од нив (што всушност е само 1 испитаник) веруваат дека термоцентралата ги исполнува сите услови за заштита на животната средина, 73%, односно 19 испитаници сметаат дека таа воопшто не ги исполнува условите, 4 испитаници или 15% сметаат дека термоцентралата до некаде задоволува и 2 испитаници одговориле со "не знам". Вкупно 85% од испитаниците ја гледаат термоцентралата „Осломеј“ како многу голем загадувач на животната средина, додека 4% од испитаниците воопшто не ја сметаат за опасна. Вкупно на оваа анкета одговориле 26 лица на различна возраст, со различни живеалишта во Кичево и околината. Истражувањето беше спроведено виртуелно.

Во меѓувреме, портпаролот Котевски во неговата изјава додаде дека "имало такви анкети од околните населени места, но по изградбата на системот за отстранување на пепелта и замената на сите единици на филтрите, ние повеќе немаме реакции од околните населени места."

Во Меѓународниот Пакт за економски, социјални и културни права се вели дека земјите членки му го признаваат правото на секое лице да ужива најдобро физичко и душевно здравје кое може да се постигне. Мерките кои ќе ги преземаат државите договорнички на овој Пакт со цел постигнување на полно остварување на ова право мора да ги опфатат потребните мерки за да обезбедат:

  • здрав развој на детето, како и намалување на бројот на мртвородени деца и детска смртност;
  • подобрување на сите видови индустриска хигиена и хигиена на околината;
  • спречување и лечење на заразните, ендемичните, професионалните и другите заболувања, како и борба против тие болести;
  • создавање услови за обезбедување на лекарски услуги за сите и лекарски услуги во случај на болест.

Големиот број на вработени покажува дека многу семејства се хранат и живеат од приходите од нивното работење во термоцентралата. Затоа, тие со право одбија да зборуваат во врска со загадувањето што го предизвикува термоцентралата во нејзиното опкружување. Секако, со подобрување на условите и намалување на загаденоста, ќе се подобрат не само нивните услови за работа, туку и квалитетот на здравјето и хигиената на сите граѓани на Кичево и на околните места.

Граѓаните и понатаму молчат во врска со ова прашање кое резултира со опасност по нивното здравје, но тоа не значи дека државата треба да продолжи со непреземање сериозни мерки за подобрување на животот на овие граѓани и намалување на загадувањето што го предизвикува оваа термоцентрала.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

 

logo4

Актив.мк е Интернет платформа посветена на зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации од областа на човековите права и медиумите, со цел да се олесни меѓусебната размена на информации меѓу двата сектора и да се придонесе кон унапредување на човековите права и слободата на изразување.

 

Повеќе

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.