Стории

Загрижени за иднината, мечтаат за љубов

Автор: Александра Денковска
Истражување на „Нова Македонија
Првиот впечаток што го добивме за домот што се наоѓа во почетокот на калдрмата што води до гробиштата во Бутел беше вознемирувачки. Во оваа установа заедно живеат младинци со полициски досиеја и деца што потекнуваат од сиромашни семејства.

ИСТРАЖУВАЊЕ: „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ДВА МЕСЕЦА МЕЃУ ДОМСКИТЕ ДЕЦА


Персида првпат ја сретнав пред повеќе од една година, во нејзината куќа, ако може така да се нарече местото каде што живееше. Нѐ пречека во полуразурнато сопче со скршени прозорци, без струја и греење. Собата мирисаше на моч, на влага, на скапан кромид - сѐ заедно. Вториот пат кога ја видов таа беше во значително подобра состојба, иако со последици од поранешниот начин на живот. Се најдовме во една слаткарница во населбата Тафталиџе, во близината на нејзиниот нов дом. Откако ми раскажа за новото работно место и за новиот дом, ја замолив да ми ја каже приказната што ја донела до она сопче каде што се сретнавме првпат.

Ми рече дека била во домот за деца без родители „11 Октомври“. Оттаму ја префрлиле во домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“, а краток период била и во Завод за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Миловановиќ“.

Персида вели дека времето што го поминала во домот „25 Мај“ било вистински хорор. Условите во кои живееле биле лоши, а тврди дека воспитувачите често ги тепале штитениците.

- Ме тераа да просам и да им ги давам парите, ме тепаа и ме навредуваа, не само мене туку и повеќето деца. Трпевме насилство и од воспитувачите и од децата. Оние што се посилни секогаш ги тепаа послабите - вели Персида.

Според неа, најлошо било тоа што никој не ги слушал нивните повици за помош.
- Сега, кога ќе слушнам на вести дека државата правела нешто за децата што се сместени во институциите ми е многу криво. Со тоа само покажуваат дека животот на штитениците никогаш не бил приоритет на нивното интересирање. Велат дека им даваат донации од храна и облека. Но уште јас кога бев во домот храната и облеката не доаѓаа секогаш кај оние за кои беа наменети. Имаше случаи кога некои од воспитувачите ги земаа најубавите работи. Ако некој ни донесеше нешто, тие си избираа и нѐ тераа нас да ги земаме работите што им се допаѓаат и да им ги даваме. Имавме редовна исхрана, но оброците цело време беа исти. Маргарин, мед и чај за појадок. Се случуваше грав да јадеме цела недела, и ориз исто. Месо јадевме многу ретко. Честопати парите што требаше да ги добиваме од домот завршуваа кај воспитувачите наместо кај нас, со изговор дека сме казнети за нешто - раскажува Персида.

Таа вели дека поради сите проблеми и несреќи што ги доживеала во домот неколкупати избегала, но ја враќале назад.
- Последниот пат кога избегав бев претепана. Ногата ми беше повредена. Во почетокот спиев по подруми, сѐ додека не се преселив на местото каде што ме најдоа од здружението за заштита на животни. Заработував од питање. Не ми беше првпат да го правам тоа, питав и додека бев во домот - кажа Персида.

Стевчо Соколов, кој порано работел како воспитувач во овој дом, а сега веќе седум години е директор на установата, вели дека е тешко да се работи со деца, особено со деца на кои им е нарушен моралниот код. Тој вели дека често се случува децата за да се извадат од непријатни ситуации кажуваат дека се од дом и дека се тепани и малтретирани. Вели дека децата така се ваделе од полицијата кога ќе ги фателе како крадат и питаат. За обвинувањата од Персида, Соколов кажа дека не сака да ја демантира, но тврди дека воспитувачите не земале од донациите наменети за децата и дека установата има регистар во кој ги заведува донациите.

НИКОЈ НЕ САКА ДА ЗБОРУВА

За да дојдам до вистински информации за животот на децата сместени во оваа институција разговарав и со поранешни вработени во оваа установа. За жал, од нив не успеав да дознаам ништо. Ми кажаа дека кога почнале да работат во домот потпишале договори што ги обврзуваат дека не смеат да зборуваат за она што се случува во домот.

- Знаете колку е тешко денес да се најде работа. Не смееме да зборуваме за тоа што се случува во домот. Можам само да кажам дека е страшно. Како и во секој дом, и таму се случуваат секакви работи - кратко ми одговорија.

Заклучив дека ништо нема да ми даде подобра слика за животот на овие деца од она што ќе можам да го видам сама. Од оваа причина со две колешки почнавме да волонтираме во домот.

Со децата поминавме речиси два месеца. Првиот впечаток што го добивме за домот што се наоѓа во почетокот на калдрмата што води до гробиштата во Бутел беше трауматичен. Во оваа установа заедно живеат младинци со полициски досиеја и деца што потекнуваат од сиромашни семејства. Штитениците не се поделени по возраста, ниту, пак, по полот. Живеат заедно и ги делат речиси истите навики. Според неофицијални информации на „Нова Македонија“, долго време оваа институција работи без никаква програма за развој и ресоцијализација на штитениците. Некои од луѓето што работат со децата велат дека воопшто не е чудно што пред да го напуштат домот повеќето штитеници имаат полициско досие. Според информации од Министерството за внатрешни работи, само во периодот од јануари до октомври минатата година СВР-Скопје поднело кривични пријави против седум малолетни лица од овој дом за 12 кривични дела.

ДОМОТ КАКО ПАРИЗ ОД 18 ВЕК

Првпат влегуваме во големиот двор, во кој свети само една светилка. На влезот нѐ чекаат деца со неполни 13 години. Облечени во скината и парталава облека, со обувки од кои им ѕиркаат смрзнатите прстиња. Иако е зима, ретко кое дете на себе има некакво палто. Нѐ гушкаат и бакнуваат како цел живот да се знаеме. Не знаеме дали да се радуваме за вниманието или да тагуваме од глетката на децата на кои погледите им талкаат во ќесите што ги држиме во рацете. Разиграни, нѐ фаќаат подрака за да нѐ внесат во домот, каде што нѐ чекаат воспитувачите.

Мислата со која тргнавме во домот беше со децата да направиме драмска секција, да подготвиме драматизација што подоцна децата ќе ја глумат пред нас, воспитувачите, директорот и пријателите на домот. Мисијата уште во почетокот е осудена на пропаст, затоа што воспитувачите ни кажаа дека некои од децата не знаат да читаат и нема да запаметат неколку реченици од драмата.
- Најдобро ќе биде да им дадете некои песнички и тоа не да ги учат цели, туку една песничка да им ја поделите на неколку деца - кажаа воспитувачките.

Ни рекоа дека децата можат да научат само по еден или два стиха.
Како е можно дванаесет и тринаесетгодишни деца да не знаат да читаат. Зарем никој не работи со нив? Одат ли на училиште? Како може државата, која промовира проекти како компјутер за секое дете и образование достапно за сите, во институција што е под нејзина надлежност да дозволи тринаесетгодишници да не знаат да читаат и да не можат да помнат. Но колку повеќе време поминувавме со децата сфаќавме која е причината за незаинтересираноста и за неуспехот. Поразувачки беше фактот дека тоа што штитениците не знаат да читаат не ги потресуваше воспитувачите. Во една ситуација една од нив кажа дека е подобро да не ги викаме машките затоа што играле фудбал, а кога играле не биле заинтересирани за ништо, а најмалку за книги.

Во изминатите пет години само пет штитеници од оваа установа се запишале на факултет.
Директорот Соколов вели дека самото име на домот, Установа за деца со социјално-воспитни проблеми, не им дозволува на децата да имаат голем напредок, затоа што граѓаните се плашат од името. Вели дека штитениците до осмо одделение часови држат во домот, а наставата ја одржуваат со наставници од училиштето „Живко Брајковски“.

Проблем и називот на установата

- Немаме посебни одделенија, туку прво и второ одделение се заедно, трето и четврто и така натаму. Повеќе од очигледно е дека овој метод не дава плод. Ова е голем проблем, поради името на установата не можам децата да ги запишам во училиште да учат со деца на нивна возраст. Проблемот е што родителите на децата од школите се жалат и не сакаат нивните деца да учат со деца од овој дом. Неколкупати се обидов да ги запишам, но неуспешно. Сега пробувам оние деца што покажуваат поголем успех да ги вметнам во одделенијата, едно по едно. Се надевам дека ќе успеам да направам сите да добијат нормално школување - објасни директорот Соколов.

Соколов вели дека уште првиот месец од неговиот мандат како директор на оваа установа побарал да се промени називот токму поради овие проблеми. Се надева дека со измените на новиот закон за социјална заштита конечно ќе се реши овој проблем. Директорот вели дека децата од дом најчесто имаат ниска самодоверба, не се истрајни, отфрлени се од општеството и се плашат од иднината. Овие карактеристики на штитениците дополнително придонесуваат за неуспехот на домските деца.

- Од овие причини сум среќен што пет деца успеаја да се запишат на факултет. Во изминатите години, пред мојот мандат, нема ни вкупно пет деца што се запишале на факултет - вели директорот.
Патот кон одделот во домот каде што се сместени децата е низ долг ходник, валканите ѕидови се украсени со неколку хамери што децата ги изработиле со учителките. Чекориме низ ладното претсобје, а чувството е како да влегуваме во гробница, а не во дом каде што живеат триесетина деца. За страшната атмосфера дополнително придонесува и ниската температура во објектот, која нѐ тера да ги стегнеме капутите околу вратот, а децата се речиси по куси ракави. Уште при првиот чекор кога ја отвораме влезната врата на која има една огромна дупка, во грлото ни застанува грутка, реа на помија ги обвиткува ладните ходници. Најверојатно поради оваа смрдеа првиот чекор во овој дом ме потсети на почетокот од романот „Парфем“ од Патрик Зискинд.

„Во времето за кое станува збор, во градовите царуваше смрдеа што ние денес едвај би можеле да си ја замислиме. Улиците смрдеа на ѓубре, дворовите смрдеа на моч, скалите по куќите смрдеа на гнило дрво и глувчешки измет, кујните на скапана зелка и овчи лој, непроветрените соби на мемла и прав, спалните на неиспрани чаршафи, на влажни душеци и збајатено сладникава реа од нокширите.
Селанецот смрдеше како свештеникот, чиракот како жена му на мајсторот, смрдеше сето благородништво, дури и кралот смрдеше како грабливо животно“, пишува Зискинд.

ДЕЦАТА ОД СИРОМАШНИ СЕМЕЈСТВА И ОНИЕ СО ДОСИЕ ЖИВЕАТ ЗАЕДНО

Една од многуте мистерии што ги имаме за оваа институција е зашто во овој дом живеат и мали деца. Подоцна воспитувачите ни кажаа дека, освен деца со социјално-воспитни проблеми, во домот живеат и деца чии семејства немале доволно пари за да ги издржуваат. Имаше тажни судбини. Сестриче и две братчиња чиј татко починал, а мајка им се премажила, биле оставени во домот затоа што очувот не ги сакал. Дете што живеело со баба си, која не можела да го издржува, момче чија мајка е во затвор и уште десетици трогателни приказни. Деца што мислат дека никој не ги сака и дека се заборавени. Што грев направиле тие да за да заслужат таква судбина?

- Повеќето од децата доаѓаат мирни, желни за љубов, но за неколку недели се вклопуваат во атмосферата и стануваат најголеми разбојници - велат вработени во домот, кои сакаа да останат анонимни.

Според нив, тоа што малите деца животот го делат со деца што на 16 години имаат проблеми во однесувањето не е воопшто добро, а во тоа можевме да се увериме и самите.
Во неколку наврати кога со малите учевме песнички, тие беа мирни сѐ додека во просторијата не се појавеше некое од повозрасните деца. Тогаш малите стануваа други личности. Не беа оние слатки суштества што сакаат да се гушкаат. Веднаш почнуваа да покажуваат сила и желба да бидат главни.
Првиот човек на оваа установа е свесен за влијанието што постарите деца го имаат на помалите.

- Ние сме им последната надеж на некои од овие деца. Другите установи не ги прифаќаат и ако ние не ги земеме, ќе останат на улица. Наскоро планираме да направиме посебни оддели за двете групи деца. Оние со воспитни проблеми и децата од сиромашни семејства ќе бидат сместени во различни делови и речиси нема да се гледаат. Мал број деца во оваа институција имаат кривични дела, но секаде се создаваат позитивни и негативни лидери што влијаат на околината - рече Соколов.

Професорката по психологија за деца Мирослава Милошевиќ-Николоска, која во 1974 година работела во овој дом, вели дека е недозволиво деца на кои им е изречена некаква мерка да се мешаат со мирни и послушни деца.

- Станува збор за две категории на деца, а може и повеќе. На едните им е потребна еден вид грижа, а на другите сосема поинаква. Ништо добро нема да произлезе од мешањето на овие две категории на деца - вели професорката.

Децата ги посетуваме во понеделник и во среда, од 17 часот. Времето ни е точно испланирано. За дружење имаме само два часа пред вечерата. Вежбите одат тешко, затоа што голем дел од штитениците со кои работиме едвај знаат да читаат и не можат да останат фокусирани подолго од дваесетина минути. Некои не помнат имиња, а други не знаат да кажат кога им е роденден.
При сите наши посети децата се неизбањати, под ноктите имаат црно, косите ретко кога им се исчешлани, а облеката речиси никогаш не им е чиста.

Само при една од посетите штитениците мирисаат на чисто, избањати се и средени, а и просториите се значително почисти од претходно. Во бањите има светилки, што не беше случај претходно, барем не во оние неколку бањи во кои влегувавме ние. Децата кажуваат дека само еден ден пред нас ги посетила делегација што ја пуштала во употреба новата чајна кујна.

Според Татјана Гоговска, магистер по комуникации со долгогодишно искуство во работата со деца, секое дете се раѓа со лоши и добри особини, а најмногу социјалната средина влијае кои од нив ќе се развијат.
- Од психолошки аспект, периодот од 8 до 10 години во детството е најексплозивен во развојот на сите емоции, кои се рефлектираат по 18-та година на животот. Затоа треба многу да се внимава во тој период кои карактеристики ќе им се развиваат на децата, како и со кого ќе комуницираат и какви вредности ќе си постават - вели Гоговска.

Таа тврди дека во сегашните состојби на социјалниот дел институциите имаат оставено многу простор за недоследности во овие рамки. А најголеми жртви се децата, кои по 18 години, кога ќе го загубат правото да бидат дел од овие установи, повторно ќе останат на улица, ќе бидат сиромашни, можеби ќе се развијат во личности што ќе крадат, ќе се тепаат и тие повторно ќе имаат потомство што ќе биде третирано и згрижено како и нивните родители.

- Со тоа добиваме непрегледен бесконечен круг од кој не се создава ништо добро - децидна е Гогоска.
Соколов вели дека многу од децата што се сместени во домот најчесто во институцијата доаѓаат воспитно и едукативно незгрижени, а тоа е една од причините поради кои на воспитувачите им е тешко да ги научат децата на основните правила.

- Нашите штитеници најчесто доаѓаат од дисфункционални семејства во кои немале модел на кого да се угледаат. Тие проблеми не може сами да исчезнат. Треба да помине време, децата да добијат нормални навики, за да го отстраниме тој проблем, а тука влијае и возраста кога е донесено детето во домот. Имаме некои случаи што се навистина тешки и ним им треба подолго време за да закрепнат. Некои деца биле малтретирани дома, а некои, пак, едноставно не прифаќаат позитивни норми - вели тој.


Минуваат неколку попатни станици

Неофицијално, децата сместени во домовите имаат неколку станици. Првата е „11 Октомври“, ако прават проблеми или воспитувачите не можат да се справат со нив, ги префрлаат во домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“, а оттаму во домот „Ранка Милановиќ“, за на крајот да завршат во казнено-поправна установа. Ова го потврдуваат и податоците што ги добивме од Министерството за труд и социјална политика.
- Од „11 Октомври“ во јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“ се згрижени шест малолетни лица и две малолетни лица од „СОС-детско село“. Од оваа институција во заводот за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Миловановиќ“ е згрижено едно малолетно лице, како и едно малолетно лице во „СОС-детско село“. Од ЈУ завод за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Миловановиќ“ нема малолетни лица што оваа година се префрлени во воспитно-поправен дом - одговорија од Министерството.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

logo4

Актив.мк е Интернет платформа посветена на зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации од областа на човековите права и медиумите, со цел да се олесни меѓусебната размена на информации меѓу двата сектора и да се придонесе кон унапредување на човековите права и слободата на изразување.

 

Повеќе

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.