Стории

Крушки со олово, салата со арсен - загадената почва го убива населението

Автор: Билјана Зафирова
Истражување на „Република“
-Не отруа. Луѓето умираат се помлади и помлади. Постојано слушаме како на некој од комшиите му дијагностицирале рак. Јас дома имам мајка болна од рак. Се прашувам кога тоа ќе ни се случи на нас, останатите. Постојано бараме да ни се овозможи да живееме во здрава средина, да имаме чист воздух и незагадена почва и вода… Но се е залудно.

Се поголем е бројот на оние трудници кои го загубиле плодот во некоја фаза од бременоста. И повеќето молчат само затоа што некој од домашните им работи кај загадувачите што не убиваат. Викаат не можам да плукам таму од каде што го вадам лебот. А истиот тој не убива сите... – вака педесет годишен жител на селото Бујковци, село од околината на Окта, зборува за она што им се случува во изминатите години. Иако, како што нагласи, во неговото семејство нема вработен во фабриките од каде што главно се загадува почвата, инсистираше да остане анонимен.

Вели поголем дел од луѓети имаат бавчи, садат домати, пиперки со кои се прехрануваат. Голем дел од нив своите производи ги продаваат на пазарите.

Од протестите на населението од селата околу ОКТА

Од протестите на населението од селата околу ОКТА

-Не сме свесни какви отрови внесуваме во нашите организми. Се уништуваме со она што сами сме го посеале и одгледале. Буквално вкусот на производите е променет – продолжува да коментира нашиот соговорник, кој посочува дека иако Окта има поставено „некакви филтри на оџаците и не производството било ставено во периодов, резервоарите кои се под земја си го прават своето“. Тој потсетува дека некогаш населението протестираше против загадувањето, но сега веќе тие активности се стивнати.

Бројот на починати лица е во пораст, а голем е процентот на оние кои починале од оваа болест. Населението се сомнева дека причина за тоа е загадената околина, односно загадениот воздуг, загадената вода и почва. Што велат испитувањата? Се обидовме да ги провериме градинарските култури одгледани на почвите во оваа општина, но за жал, лабораториите во земјата не беа во можност да го направат тоа. Недостасуваа реагенси, не препраќаа во лаборатории надвор од земјава, а некои пак бараа енормно висока сума на пари за да го спроведат тоа истражување. Коментарот на еколозите е дека со овој проблем се соочуваат и други делови од земјава, како на пример Велес, а според нив, зелените салати со кои се преплавени пазарите, се најопасни, бидејќи зелјестите рестенија се најголемите абсорбирачи на тешки метали. Поради тоа, многу е важно да се знае на која почва растело растението кое сме го набавиле на пазар.

Расте бројот на починати од карцином

Според државниот завод за статистика од 151 починато лице во 2012 година во оваа во општина, триесет починале од карциномни заболувања (неоплазма). Колку за споредба, во Пробиштип, општина која има 15 480 жители, илјада жители помалку од Илинден, починале 155 лица во 2012 година, а од нив 16 од неоплазма, или половина помалку од починатите во Илинден од истата болест. 89 лица починале поради проблеми со циркулаторниот систем, 6 на респираторен и 5 на дигестивен систем. Во 2011 година во Илинден починале 136 лица, од кои 30 од неоплазма, а починале и четири новороденчиња. Во 2010 година пак, 36 од 135 починати, животот го загубиле поради карциномни заболувања, во 2009 година 39 лица починале од карцином од 128 лица, а во 2008 година од 134 починати, кај 29 причина е карцином.

Општина Илинден – број на жители 15.894
Година
број на починати
починати од неоплазма
2012
151
30
2011
136
30
2010
135
36
2009
128
39
2008
134
29
 
Општина Пробиштип – број на жители 15 480
Година
број на починати
починати од неоплазма
2012
156
16

Извор: Државниот завод за статистика

Почва со арсен и олово

Резултати од испитување на градинарски култури нема, но има од почвата во која тие се одгледани. Следејќи ги резултатите од испитувањата на почвите во Скопје, со проблеми со загадена почва се сретнуваат повеќе реони во градот и околината, а не само во делот на ОКТА. Загадувања се евидентирани околу главни сообраќајници и фабриките во градот. Скопската почва „е засадена“ со арсен и со олово – тешки метали кои се исклучително опасни за здравјето на луѓето и кои наместа се присутни во концентрации до десетпати повисоки од максимално дозволените.

-Со високи концентрации на арсен се зафатени вкупно 60 квадратни километри во реоните околу ОХИС, „Окта“ и железарницата, а ситуацијата е особено критична во подрачјето од ОХИС, кон Горно Лисиче, Долно Лисиче, Огњанци и Драчево, каде што областа е прогласена за „црна точка“. Допрва ќе се утврдува дали овошјето и зеленчукот што се одгледуваат во критичните реони ги содржа во себе тешките метали од почвата – велат од Град Скопје, каде пред неколку месеци беше усвоена Информацијата за извршениот геомониторинг на тешки метали.

Zagaduvanje vozduh protest_003

Од Град Скопје посочуваат дека почвата е контаминирана и во урбаните и во руралните подрачја. Според информацијата, генерално ситуацијата со тешките метали е добра, а на некои микролокации покрај улици и фабрики се јавуваат загрижувачки вредности. Најкритична е состојбата со арсенот и со оловото, во почвата има загадување со бакар и со хром како и природно присуство на никел. Оловото не е глобално застапено, но следејќи го растечкиот тренд за максимум 10 години би можеле да добиеме целосна контаминација со олово. Во зголемени концентрации го има во околината на Железара, одводниот канал на Цементарница, кај МЗТ и на врвот на Водно. Просторот околу железарницата е контаминиран и со цинк и со хром. Бакарот и хромот се пронајдени со вредности 2 до 3 пати поголеми од МДK. Има локалитети што се загадени и со други тешки метали. Ограничени површини околу Бардовци, Шуто Оризари и аеродромот Петровец се карактеризираат како контаминирани, бидејќи содржат кадмиум во концентрации поголеми од максимално дозволените (МKД). Бариумот е присутен околу рибникот на фабриката Железарница и во Стајковци, Ченто и Бардовци, со слабо зголемени концентрации.

- Околу фабриката ОХИС, загадената површина се до Огњанци зафаќа 30 квадратни километри, околу „Рудници и железарница“ кон север и североисток, помеѓу Ченто, Стајковци, Црешево и Брњарци загадената површина зафаќа 20 километри квадратни, а кај агрокултурните почви околу „Окта“, кај селата Текија, Миладиновци и Мршевци е загадена површина од 10 километри квадратни. Во урбаниот дел има повеќе помали локалитети со зголемени концентрации со арсен, како на пример, Чаир, околината на Стара железничка станица, населбата Пролет, училишниот центар во населбата Железара, хотел „Панорама“ и др. – велат од одделението за односи со јавноста во Град Скопје, повикувајќи се на извештајот. Тие додаваат дека кај селата околу ОХИС арсенот во почвата најмногу е присутен два до трипати над дозволеното.

Според испитувањата, микролокалитетот во близина на с. Миладиновци – с.Бујковци – рафинерија 91 процент од почвите содржат арсен кој се движи во границите на МДК вредностите, но во 6 проби постојат вредности над МДК за микроелементот на арсен. Забележана е голема загаденост на почвата околу фабриката ОХИС, а според Цветанка Икономова Мартиновска, која е раководител на Секторот Сектор за заштита на животната средина и природата арсен контаминациите во овој дел се најверојатно поврзани со вештачките ѓубрива многу често употребувани во агрокултурната активност на теренот како и највероватно со бившите активности на ОХИС во врска со производството на разни пестициди, хербициди во минатото кога овој производствен капацитет беше активен.

Ниско ниво на еколошка свест

Еколошката свест на Македонецот е на многу ниско ниво. Според народниот правобранител, Иџет Мемети, бројот на претставки на граѓаните за нарушување на правото на здрава и чиста средина е многу мал. Граѓаните најмногу се жалеле на непостапувањето на комуналните инспектори против граѓани кои постапувале спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности, на зголеменото ниво на бучава што доаѓа од угостителски објекти во соседството или на штетното влијание од антените на телекомуникациските оператори поставени на градежни објекти во непосредната околина. Маклумина поднеле претставка за нарушување на нивното право на чиста животна околина.

 

Зелјастите растенија најголеми апсорбирачи на материи кои предизвикуваат рак

Vibrant Produce

Разговаравме со еколози од факултетот за Екологија во Скопје за тоа како овие недозволени елементи во почвата влијаат на нашето здравје. Тие нагласуваат дека не само ОКТА е загадувач во земјава. Последиците, коментираат тие, од активностите на фабриките порано, сѐ уште се присутни, но и загаденоста на почвата е последица и на фрекфенцијата на сообраќајот во и околу градот.

Последиците од ова, коментираат еколозите, се сконцентрирани во почвата, а се она што се одгледува во почва во која има големо присуство на тешки метали ги апсорбира истото.

- Градинарските култури апсорбираат тешки метали доколку тие се присутни во почват. Некои помалку, некои повеќе, зависно за каква култура се работи. Најризични се зелка, спанаќ, морков, репки, компир, салати… – вели професорот настудиите по Екологија со кого разговаравме.

Според професор д-р Михаил Кочубовски, хроничното труење со арсен, кое се појавува по долготрајната изложеност преку водата за пиење е многу различно од акутното труење. Тој на оваа тема држел многу предавања и воедно посочува дека симптомите и знаците кои ги причинува арсенот се разликуваат кај поединци, популациони групи и географски подрачја. Заради тоа не постои универзална дефиниција за болеста предизвикана од арсен. Долготрајната изложеност на арсен преку храна водата за пиење предизвикува појава на рак на кожата, рак на белите дробови, како и други промени на кожата, како што се промени во пигментацијата и хиперкератоза. Појава на зголемен ризик од рак на белите дробови и на мочниот меур, и со арсен поврзани лезии на кожата биле забележани при концентрации на арсен во водата за пиење пониски од 0,05 mg/l. Ракот е доцен феномен и вообичаено треба повеќе од 10 години за да се развие.

Според A Textbook of modern toxicology оловото полесно се апсорбира кај децата и продира до мозокот. Првично оловото се дистрибуира во крвта, потоа во црниот дроб и бубрезите, а доколку продолжи внесот на олово тој доаѓа до коскеното ткиво. Страдаат крвните клетки и нервниот систем. Страда и репродуктивниот систем кај мажите и жените што доведува до спонтани абортуси и стерилитет. Мештните од селата во Илинден се жалат на големиот број спонтани абортуси кај младите жени од овој крај.

И хромот е присутен во скопската почва. Според биохемичарите тој поттикнува рак на белите дробови. И хроничното внесување на никелот кој исто така е присутен во повата во скопсккиот регион допринесува до развој на карционом на белите дробови.

Од потенцијалните загадувачи не добивме одговор за штетата која ја предизвикуваат. Населението луто и гневно. Еколозите предупредуваат дека состојбата може значително да се промени од година во година. Велат тоа количество на тешки метали во почвата може енормно да порасне за краток период, доколку продолжи загадувањето. Од Град Скопје најавуваат дека во текот на оваа година се испланирани некои конкретни мерки за подобрување на состојбата во оние делови каде е забележано значително загадување.

- Се планира да реализира проект за утврдување на дистрибууцијата и концентрација на тешки метали во разни делови на растителните форми , наменети за исхрана и производство на прехрамбени продукти во скопскиот регион. Поради значењето на проектот , Проектната документација за реализација ќе се подготви во соработка со Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство – вели Љупчо Пандиловски, од Одделението за односи со јавноста во Град Скопје.

Скопјани во овие региони се соочуваат со проблемот со загаденост. Уставот на Република Македонија во чл. 43 експлицитно ги позиционира следните три сегменти во однос на животната средина и природата:

Секој човек има право на здрава животна средина.

Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.

Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Жителите во реоните каде е забележана загаденоста на почвата бараат остварување на нивното уставно право – живот во чиста животна околина. Од Град Скопје најавуваат дека ќе бидат преземени сите мерки за да се намали влијанието на фабриките врз условите во кои живејат овие луѓе.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

 

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.