Стории

Татко ми ме продаде и ми го уништи детството

Морав да станувам рано и да ја исчистам кафеаната за да добијам појадок, a потоа во кујната помагав околу вечерата. Kако келнерка почнував да работам околу 20 часот. Во кафеаната доаѓаа гости од различна возраст, најчесто мажи.

Автор: Игор Шегавиќ
Истражување на „Дневник

Малолетната Андријана жртва на трговијата со луѓе

Морав да ги служам, да ги забавувам и да бидам насмеана. Ми дофрлаа погрдни зборови и бараа да им правам друштво на масата, а потоа ме викаа да ги придружувам надвор од кафеаната. Му се жалев на газдата, но тој ми велеше дека оваа „работа“ е таква и дека морам да правам с` што се бара од мене.

Ова е приказната на малолетната Андријана, една од десетте жртви на трговија со луѓе колку што во просек секоја година се откриваат во Македонија. Многу е поголем бројот на жени, деца, но и мажи за кои се претпоставува дека се жртви на некој облик на трговија со луѓе, но не се формално идентификувани од надлежните институции.

Беда, ќотек и сожалување

„Дневник“ истражуваше што се случува со жртвите на трговија со луѓе, дали државата прави доволно да ги заштити и да им компензира за претрпените трауми и зошто на трговијата со луѓе и во 21 век не може да и се стави крај.

Андријана, исто како повеќето од жртвите била трудово и сексуално експлоатирана. Таа одлучи за „Дневник“ да раскаже за делот од својот живот за кој со горчина се сеќава, но кој сега е далеку зад неа благодарејќи на поддршката на вработените во „Отворена порта - Ла Страда Македонија“, здружение за акција против насилството и трговијата со луѓе. Таа во приказната е Андријана, име која таа самата го избра од безбедносни причини. Родена е и живеела во еден град во Македонија.

- Живеевме во трошна куќичка во приградска населба, со татко ми и помалиот брат. Мајка ми н` напушти кога имав пет години. С` уште не сме се сретнале, не знам зошто. Можеби татко ми не ~ дозволуваше. Јас готвев, перев, пеглав и чистев оти во спротивно ќе добиев ќотек од татко ми - вели Андријана.

Тој работел како градежник и бил отсутен по цел ден, сепак, не заработувал доволно за да ги обезбеди основните потреби на семејството.

- Понекогаш ни помагаа соседите зашто н` сожалуваа. Јас редовно одев во училиште. Бев одлична ученичка, но морав да го прекинам школувањето кога го почнав осмото одделение - се сеќава Андријана.

Kога татко ~ како стечаец ја изгубил работата, семејството останало без пари за храна и за огрев, а наскоро им ја исклучиле струјата. Татко и с` почесто не се враќал дома по цели денови, а во куќата почнале да доаѓаат непознати луѓе.


- Едно утро ми рече дека морам да одам со него во град во Западна Македонија. Ми рече дека ми нашол работа како келнерка во кафеана. Не сакав да одам и да го напуштам брат ми и училиштето, па почнав да плачам. Но, тој ме натепа и ми рече дека тоа е единствениот начин да заработиме пари - вели соговорничката.

Се плашев дека сум бремена

По нив дошол газдата на кафеаната со автомобил, по што татко ~ на сила ја внел внатре. Kога стигнале во кафеаната, тој си заминал, а газдата му дал пари.

- Газдата во почетокот беше љубезен и ми кажа дека многу сака да ни помогне. Јас требаше да покажам што знам да работам, а потоа морав да го работам тоа што го бараа од мене. Барав да го слушнам татко ми, но тоа не ми беше дозволено. Газдата ми кажа дека татко ми доаѓал да ги земе парите што ги заработував. Тогаш сфатив дека тој ме продаде - вели Андријана.

Една вечер полицијата дошла во кафеаната и таа веднаш била однесена во полициска станица. По разговорот со инспекторите и социјален работник таа била упатена во прифатилиштето на „Отворена порта“.

- Бев збунета и исплашена, но наскоро ја почувствував безбедноста, топлината и грижата за мене. Најнеопходно беше да се направат медицински прегледи, по што добив лекови за да си го подобрам здравјето. Се плашев дека сум бремена, но бев пресреќна кога резултатите беа негативни - вели нашата соговорничка.

Андријана во договор со вработените во „Отворена порта“ го продолжила школувањето и преку полагање класен испит го завршила осмото одделение. Образованието го продолжила во средното училиште за фризери и козметичари, каде што се запишала како вонреден ученик.

- Сведочев и на судењето против татко ми и уште четворица кои беа обвинети за трговија со луѓе. Социјалните работници од прифатилиштето деноноќно се грижеа и ми помагаа да се подготвам за сведочењето и полесно повторно да ги преживувам работите што ми се случија. Ми олеснуваше и тоа што знаев дека татко ми ќе ја добие заслужената казна - ја завршува приказната Андријана.

Таа по една и пол година го напуштила прифатилиштето, сместена кај свои роднини кои ~ станале привремени старатели, подготвена да почне нормален живот како сите нејзини врснички.

Жртвите без компензација за траумите

Судот на Андријана, за претрпените трауми, ~ доделил компензација од 500.000 денари, која останала нереализирана. Најголемиот број девојчиња кои биле сексуално и трудово експлоатирани, остануваат без надомест за претрпените трауми и покрај пресудите за трговците со луѓе, предупредуваат од „Отворена порта“. Ваквата констатација ја потврдуваат податоците на канцеларијата на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе, според кои, од 2006 година до 2011 година институциите идентификувале 101 жртва на трговијата со луѓе, а имало само шест пресуди за надомест, сите за малолетни домашни жртви на трафикинг.

„Отворена порта“ лани во соработка со МТСП во судските процеси застапувала шест жртви на трговија со луѓе, а кои биле почнати во 2011 и 2012 година. Судовите донеле четири правосилни пресуди од кои три второстепени и една првостепена. Четирите жртви добиле оштетни побарувања во износ од по 400.000 денари.

- Иако има пресуди за компензација, истата како мерка с` уште не е доволно искористена од жртвите од трговија со луѓе, па материјалниот, ниту нематеријалниот надомест најчесто не стигнува до нив. Причина за тоа е што трговците немаат движен или недвижен имот на свое име, не поседуваат хартии од вредност или трансакциска сметка така што нема што да се компензира - вели Маја Варошлија од „Отворена порта“.

Отштетата како превентивна мерка

Таа учествувала во изработката на истражувањето „Право на компензација на жртвите на трговија со луѓе во Македонија“ изработено од „Отворена порта“ во 2011 година. Според неа, компензацијата е од клучно значење за жртвите на почетокот на консолидацијата на нивните животи оти им помага да закрепнат од физичките, емоционалните и финансиските загуби.

- Надоместувањето исто така има превентивна функција, односно индиректно се дејствува лицето повторно да не стане жртва на трговија, оти во потрага по пари може повторно да се доведе во слична ситуација - смета Варошлија.

Таа објаснува дека закрепнувачката функција на компензацијата е многу важен

елемент во рехабилитацијата на жртвите и тоа не само од аспект на финансиската придобивка, туку и од аспект на чувството на жртвите дека правдата е задоволена.

- Чувството на праведност може да биде дури и посилно ако компензацијата се наплати директно од трговецот со луѓе. Барањето за компензацијата жртвата може да го оствари во кривична и во граѓанска постапка. Предноста на кривичната постапка е тоа што и за казнувањето на сторителот и за компензацијата на жртвата се одлучува во една постапка, која е брза, економична и трошоците се значително помали- вели Варошлија.

Негативната страна на оваа постапка е што оштетената страна во случај на досуден мал износ на отштетното побарување или во случај на ослободителна пресуда нема право самата да вложи жалба бидејќи тоа право го има само Јавното обвинителство.

Експлоатација во апартмани наместо во ноќни клубови

Според Марија Тодоровска, програмски директор на „Отворена порта“, трговијата со луѓе во моментов се одвива во позавиена форма, па на истражните органи им е отежнато да ги утврдат средствата што трговецот со луѓе незаконски ги заработил во текот на кривичното дело.

- Трговците со луѓе постојано наоѓаат нови и поинвентивни начини на работа, поради што трговијата со луѓе опстојува и покрај сите мерки што се преземаат на национално, но и на меѓународно ниво. Местата на екплоатација на жртвите сега се приватни куќи и апартмани, викендички, салони за разубавување.

Тоа не беше случај во минатото кога жртвите се експлоатираа по ноќни клубови и ресторани - вели Тодоровска.

Во отсуство на надомест за жртвите, позитивен ефект врз закрепнувањето на тргуваните лица имаат и пресудените казни за трговците со луѓе.

- Kазните се доволно големи ако случаите се водат како кривично дело трговија со луѓе, а за кое е предвидена максимална затворска казна од десет години. Во минатото многу случаи се преквалификуваа во дела со помали законски казни, но сега, ако обвинетите најчесто одговараа за трудова, сега се товарат и за сексуална експлоатација на малолетници што дава основа за повисоки казни - смета Тодоровска.

До десет години затвор за трговците

Според извештајот на националниот известувач за трговијата со луѓе и илегална миграција, во 2011, 2012 и 2013 година во судовите се постапувало по 17 предмети кои се однесуваат на кривични дела трговија со луѓе, трговија со малолетници и организирање група и поттикнување извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетници и шверцување мигранти. Во нив обвинети биле 88 лица, од кои 42 биле осудени на затворски казни, шестмина биле условно казнети, седумина биле ослободени од обвинение. За останатите на крајот на 2013 година била во тек првостепената судска постапка.

Девојки продавани од партнерите

Од „Отворена порта“ предупредуваат дека трговците со луѓе најчесто го користат методот на љубовник или потенцијален партнер, кој е регруторот или медијаторот во пренесувањето или продавањето на девојката. Тие сега помалку ги тепаат жртвите и не ги држат постојано под клуч, а им даваат и минимална сума. На тој начин се отежнува процесот на откривање и идентификација на жртвите. Во прифатилиштето на „Отворена порта“ од 2005 до 2013 година во програмата за социјална асистенција биле вклучени 106 жртви на трговија со луѓе, од кои 80 отсто се девојчиња на возраст од 12 до 18 години. Најголем дел од нив се македонски државјанки кои потекнуваат од дисфункционални и сиромашни семејства и со недостаток од економски и образовни можности.

За три години потрошени над 50 милиони денари против трафикингот

Од Националната комисија за борба против трговијата за луѓе велат дека во однос на доделување компензација на жртвите, македонското законодавство е компатибилно со меѓународните правни документи.

- Со закон е предвидено воспоставување државен фонд за компензација на жртви на кривични дела, а со тоа и на тргуваните лица кои преку истиот ќе добијат надомест на штета, но средства с` уште не се обезбедени - изјави Ана Бурагева, секретар на Националната комисија.

Од редовните годишни извештаи на Kомисијата може да се види дека во 2013, 2012 и 2011 година за спроведените активности за борбата против трговијата со луѓе биле потрошени над 50 милиони денари, пари обезбедени од Владата, Министерството за труд и социјална политика, МВР, од меѓународни организации како и од здруженија на граѓани.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.