Граѓански вести

Активно граѓанство, но и активно однесување: како скопје да дише повторно?

Активно граѓанство; честопати го спомнуваме, посакуваме, повикуваме. Кога дефинираме што тоа е, зборуваме за начин како граѓаните можат да ги приближат своите проблеми до надлежните институции, да предложат решение и да побараат тоа да биде решено. Но, честопати забораваме на еден дел од активното граѓанство кој е можеби и најважен. Тоа е дека многу од проблемите можеме и самите да си ги решиме, или барем да ги приближиме до посакуваната цел. Тоа го нарекувам активно однесување.

Со такво активно однесување можеме да им помогнеме на институциите, но не помалку важно е и тоа дека откако граѓанинот решил дел од проблемот на своја рака и во свое време, институциите ќе се почувствуваат засрамени доколку и тие не преземат нешто. Игор Стефановски неодамна напиша за случај во кој неговите комшии и пријатели го гледале со потсмев и чудење, додека тој со кофа гасел пожар во маалскиот контејнер. Тој се прашува дали можеби нашиот менталитет води до такво неприфаќање на општествените обврски. За мене, од друга страна, недостатокот на успешни примери е всушност тоа поради кое толку тешко се зафаќаме со решавањето на некој проблем. Ќе се сложиме, примери за другото активно граѓанство, она во кое знаеме да попуваме кој треба да ни го реши проблемот, ги имаме во големи количества насекаде околу нас.

Еве тогаш пример каде активното однесување може да вроди со плод. Оваа зима имавме можност да следиме каков е квалитетот на воздухот во нашиот град преку веб страницата „Скопје Дише“. И токму кога почнавме да ја користиме, страницата престана да работи. Градот кажа дека веб страницата воопшто не била опфатена во оригиналниот тендер, и дека фирмата изведувач ја направила на своја рака, но дека откако поминало некое време фирмата се откажала од одржување на истата. Исто така, од Градот изјавија дека е малку веројатно да распишат тендер за одржување на само таа веб страница. Сите се огласија; и граѓански здруженија, и невладини организации, и загрижени граѓани, и сите се сложија дека страницата треба повторно да проработи, како и дека Градот тоа треба да го овозможи. Но ајде да видиме за каква точно инвестиција во време и ресурси станува збор.

Еден домен за интернет адреса во Марнет годишно чини околу 1,200 денари; хостирањето на една таква веб страница чини нешто повеќе (околу 2500 денари), но исто така има и многу фирми и здруженија кои можат да ја хостираат кај нив (за што се разбира можат да добијат соодветно рекламирање на истиот; пинг МКхост, пинг T-Home, пинг Seavus). Самите мерачи се веќе оспособени да ги споделуваат информациите преку дигитален пат (претпоставувам некое API, .xml или .xls), за што сведочи претходното постоење на „Скопје Дише“. Сега ни преостануваат уште неколку програмери кои тоа ќе го изведат; моја слободна проценка е дека се потребни тројца програмери со по 30 работни часа (пинг Хаклаб). Да не заборавиме дека ќе бидат потребни и пиво и ќебапи (ете, и сок) за програмерите додека работат. Значи доколку (се разбира загрижени) 100ина граѓани се откажат од по едно кафе годишно, сите ние ќе можеме повторно да ја ползуваме услугата на „Скопје Дише“. Хм, тукушто увидов дека и јас образложив како некој друг може да ми го реши проблемот. Епа, пред некој да ме обвини за истото, отидов јас да направам кауза на www.aktiv.org.mk за да соберам луѓе кои ќе ми помогнат во ова.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.