Граѓански вести

Ромите ја плаќаат цената на визната либерализација

Ромите стигматизирани како потенцијални лажни азиланти ја плаќаат цената на визната либерализација на Балканот, а се чини дека цената што ја плаќаат токму Ромите од Македонија е меѓу највисоките. Така барем може да се заклучи од споредбената анализа на мерките преземени од властите на земјите од регионов наменети за намалување на злоупотребата на симнувањето на визниот режим за влез во земјите на Европската Унија.

Имено,токму чекорите што ги презеде Македонија - измените во кривичниот законик кои овозможуваат и времено  одземање на патната исправа, како и правото на граничната полиција да не дозволи излез од државата на секој што се смета за потенцијален азилант , од страна на авторите на анализата, невладината организација за правата на Ромите Чачипе, со седиште во Луксембург, се посочуваат како драстичен пример на реакција на државата на притисоците од ЕУ, но пример кој што и другите земји од регионот се на пат да го следат.

Податоците за привремено одземени или поништени патни исправи или за произволно донесени, понекогаш и апсурдни забрани за излез од земјава кои се во спротивност со меѓународните (член 13 од Универзалната декларација за човекови права на ООН)  и домашните уставни гаранции (член 27) за заштита на основното човеково право за слободно движење, ја издвојуваат Македонија како исклучително репресивна во борбата против злоупотребата на визната либерализација. 

Имено, неколку илјадници граѓани на нашата земја се лишени од правото да патуваат само врз основа на сомневањата дека би можеле да бидат „лажни азиланти“. Според  одговорот на пратеничко прашање даден од  министерката Јанкуловска во декември 2011 во периодот од април до ноември таа година на 2888 граѓани им е одземено правото да ја напуштат Македонија. Подоцна, во април 2012, податокот го надополнува  портпаролот на МВР Иво Котевски   во интервју за емисијата „КОД“ .

„ Од 29 април 2011 кога започнавме со реализација на оваа мерка  до април годинава од сите гранични премини не им е дозволен излез на приближно 4000 лица за кои што се сомневаме дека имале намера да заминат од Република Македонија со цел да го злоупотребат визниот режим“ изјави  Котевски.

„Најголем број од нив се Роми и тоа е она што не загрижува“, вели за АКТИВ претседателот  на Форумот за правата на Ромите „Арка“ Феад Камберовски.

Иако Законот за гранична контрола јасно забранува дискриминација врз која било основа (член 7)  и во ниту една прилика владините претставници не говорат  експлицитно за Ромите како потенцијални азиланти, праксата покажува дека „профилирањето“ како метода која ја користат граничните полицајци и покрај сите формални терминолошки обланди не е ништо друго туку етничко профилирање кое само по себе претставува дискриминација .

Имено, критериумите врз основа на кои граничната контрола „заклучува“ дека одреден патник е потенцијален азилант до денес остануваат недефинирани. Според изјавата на министерката Гордана Јанкуловска на собраниската седница во декември  контролата се врши врз основа на „методата за проценка на ризик“ и врз основа на однапред утврден „профил“ на азилантите

„ ...врз основа на искуствата кои ги имаме од почетокот на примената на визната либерализација, значи од декември 2009 година, направивме детална анализа, разработен е профилот на потенцијалните баратели за азил според податоците кои ги добивме од земјите членки на Европската унија и ваквата анализа на потенцијалните баратели на азил, е дистрибуирана до сите центри за гранични работи.“ вели Јанкуловска

За разлика од Јанкуловска Европската комисија  е многу попрецизна и директна  кога станува збор за дефинирање на „профилот“.

„Вообичаениот профил на барателите на азил е утврден во втората половина на 2011 година. Огромното мнозинство на барања доаѓаат од припадниците на ромското малцинство, кои често пристигаат со нивните семејства“ – се вели во Вториот извештај за пост визната либерализација на ЕК.

Со други зборови „профилот“ на потенцијалниот барател на азил е – да биде припадник на ромската заедница што во пракса значи етничко „профилирање“. Од невладината АРКА ни велат дека граничната полиција по автоматизам, кога ќе види Ром го внесува знакот за азилант, (со впишување на буквите АЗ во пасошот)  дури и тогаш кога станува збор за лице со работна дозвола во Германија, дури и кога се работи за обид да се посетат роднините на два дена во некоја земја од соседството.

„Во Македонија има 54 000 Роми и сите се потенцијални азиланти. Така се третираат од граничните служби. Тоа значи дека ако се појави Ром на граница тој ќе биде веднаш прашан кај оди, ќе биде симнат и можеби вратен “ вели Камберовски. 

Ваквата практика  за произволни забрани за излез или поништување на патната исправа со ознаката АЗ ја поттикна невладината Чачипе уште во август минатата година да испрати писмо  до премиерот и членовите на Владата на Македонија во кое се изразува загриженост заради загрозувањето на основното човеково право на слободно движење и дискриминација на Ромите.   

И ова писмо како и контактите на АРКА со МВР и со граничната полиција, по сите интервенции и укажувања според Камберовски  резултираа со тоа „наместо ознаката АЗ во пасошот, сега се внесуваат две дијагонални црти“..што всушност претставува ист знак – за лице кон кое се применуваат репресивни мерки за заштита од злоупотребата на визната либерализација.

Истовремено, кампањата за запознавање на населението со визната либерализација не беше само информативна , таа беше фокусирана на влевање страв кај сите што би помислиле да побараат азил со тоа што јасно и недвосмислено им е кажано дека можат да бидат запрени на граница, да им биде одземен пасошот, но и да им биде одземена социјалната помош.   Медиумите неретко со нескриено негативно портретирање на емигрантите придонесоа да  се вкорени стереотипот за Ромите како оние што ја загрозуваат визната либерализација за целото население засилувајќи ја  негативната перцепција како вовед во дискриминација 

На ваквите мерки во Македонија и во другите земји во регионот, според анализата на Чачипе, им кумувале двосмислените изјави и најави за „негативни последици“ од страна на  претставниците на ЕУ   кои во целиот случај со економските емигранти имаат многу поголема улога од советодавна.

Тие де факто ги охрабриле државите да преземат мерки со кои се кршат човекови права, само заради тоа што „Европа не сака да се соочи со сиромаштијата и очајот на ромската популација“.

Во пукнатините на меѓуиграта на Брисел и Скопје, сосема тивко потона фактот дека во документот што Македонија, во мај минатата година,  го достави на ЕК за борбата против злоупотребата на визната либерализација  „превентивните мерки“ дизајнирани од Владата вклучуваа и социјално економски мерки за „подобрување на условите за живот на чувствителните групи“. За разлика од репресивните мерки тие речиси и не се споменуваат.

Како резултат Ромите во Македонија освен лошите економско-социјални услови, денес живеат и со  тоа дека на границата  се граѓани „од втор ред“ дека дополнително можат да бидат проверувани , дека можат да бидат вратени  и  „обележани“  само затоа што на некој службеник  ќе му се сторат „сомнителни“. И сето тоа со амин на ЕУ. 

Висока цена за визната либерализација што Ромите ја плаќаат за сите нас.

 

 

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.