Граѓански вести

ХЕРА: Жртвите на семејно насилство најчести корисници на Првиот семеен центар

Вкупно 20 лица, во изминатите два месецa, побарале помош во Првиот семеен центар на град Скопје. Најголем дел од овие лица се жртви на семејно насилство, или пак, потекнуваат од семејства во кои е присутно семејното насилство.

Од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - Х.Е.Р.А. додаваат дека жртвите на семејно насилство, корисници на услугите на семејниот центар, се најчесто жени на возраст од 40 до 50 години, кои се вработени и живеат во брачна заедница.

Елизабета Божиновска, програмски координатор во Х.Е.Р.А., истакнува дека од вкупно пријавените лица, 4 добиле телефонски услуги и биле препратени до соодветни институции, додека 16 лица се примени како клиенти на центарот и на нив им е пружена соодветна психосоцијална поддршка.

Резултатите од работата на Центарот беа презентирани во рамки на „Конференцијата за вмрежување на институциите на локално и регионално ниво за користење на услугите од Прв семеен центар на Град Скопје“.

На конференцијата беше заклучено дека е потребно општините повеќе да се фокусираат на социјалната заштита во нивните програми и буџети, но исто така активно да се вклучат во проценка на потребите на граѓаните на локално ниво, како и во планирање на потребните социјални сервиси. Според Светлана Трбојевиќ, од Институтот за социјална работа и социјална политика, општините моментално издвојуваат од 0.3 до 1% буџетски средства за социјална заштита. Најчесто тие средства се наменети за администрирање на паричната социјална помош.

Исто така, присутните се согласија дека во иднина треба да се размислува за децентрализација на социјалните услуги, активно вклучување на граѓанските здруженија како даватели на услуги, но и поголема финансиска поддршка од локалната самоуправа и бизнис секторoт.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.