Автор: Сефер Тахири
Професор на УЈИЕ и научен соработник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците
Не е веќе новост дека новинарството е во криза. Кога професионалното новинарството е во криза, цвета „платеното“ и пропагандистичко новинарство.
Уредувачката политика на голем број медиуми е под директно и индиректно влијание на политиката, односно на политичките партии, на власта, влијание кое се манифестира во медиумските содржини. Често, наклонетоста на медиумите се „купува“ со пари!
Не се почитуваат професионалните стандарди и етичките норми, пропишани со Кодексот, усвоен од Здружението на новинарите на Македонија. Има новинари кои не го признаваат Кодексот, но дали овој факт може да им даде за право да го прекршуваат кога сакаат?! Секако дека не.
Во медиумски амбиент во кој медиумите се политички инструменти за артикулирање и реализирање на политички, економски, комерцијални и лични интереси, тешко е да се очекува дека новинарите и уредниците ќе бидат во ситуација да ги почитуваат стандардите за известување за „другиот“! Особено имајќи предвид дека на „другиот“ во нашето општество не се гледа како на предност или богатство, туку како на хендикеп и проблем.
Во почетоците на плурализмот, кога демократијата ги правеше првите чекори, а особено по вооружениот конфликт во 2001 година, се очекуваше дека новинарството ќе биде позитивна сила во општеството. Но, наместо тоа да се постигне со точно и објективно информирање, голем број медиуми денес се полни со дезинформации, полуинформации, шпекулации, клевети и навреди. Ваквиот медиумски пристап кон општествените прашања создава клима на недоверба помеѓу граѓаните. Наместо толеранција, во нашето општество секојдневно имаме примери за создавање тензии. За жал, толеранцијата и интеркултурната комуникација, се на многу ниско ниво. Напредокот на ова поле споредено со 1990 година и со 2001 е на минимално ниво. Како и во секоја постсоцијалистичка држава, така и во Македонија, за ширење на омразата, покрај политиката, односно партиите, образованието и културата, голем удел имаат и медиумите. Во новинарството важи правилото дека фактите се тврдоглави, а коментарите се слободни. Но, за жал малкумина го почитуваат!
Кои се фактите што ни даваат за право да констатираме дека поголемиот број медиуми известуваат за различностите на необјективен начин?
Во дел од медиумите најостро се кршат човековите права и слободи, се стимулираат етничките ривалства и се промовира дискриминацијата и нетолеранцијата кон одредени општествени групи, кои не се мнозинство во политичка, етничка, верска смисла, итн. Новинарите во Македонија, слично како и тие во регионот, не успеваат да ја информираат публиката за начинот на живеење, менталитетот, културата, традициите, правата и потребите на одредени општествени групи. Често за и околу нив известуваат на сосема површен начин, а многу често и со инфериорност,или на селективен и негативен начин. Ваквото известување создава негативна перцепција кај публиката за одредени групи. „Ако некои од уредниците на весниците (медиумите н.з) беа лекари, тогаш ќе им беше одземена лиценцата поради лекарска злоупотреба“, истакнал Џон Овен, поранешен главен уредник на вестите на Си-Би-Си.
Практиката покажува дека има расчекор помеѓу стандардите, нормите и реалноста, помеѓу правилата и нивната конкретна примена, особено кога го имаме во фокус прашањето на претставувањето на „другиот“ во медиумите, кој по разни основи е различен од самиот новинар. Разлики кои некогаш се длабоки.
Една од главните причини зашто имаме необјективно портретирање на разните групации во медиумите е фактот што во медиумите многу е мал бројот на припадници на немнозинските етнички заедници, кои се вработени во македонските медиуми и обратно. Исклучок е Алсат-М телевизијата на пример, која е мултикултурна телевизија во која се вработени голем број новинари, уредници и водители од македонската етничка припадност. Има ретки примери на медиуми на македонски јазик во кои има вработено едвај неколкумина новинари од други етнички групи. Но, затоа има повеќе примери на медиуми на македонски јазик, каде ретко може да се прочитаат колумни од припадници од други етнички заедници. Од друга страна, пак, македонските аналитичари не може да се прочитаат во ниту еден весник на албански јазик. Македонската Радио и Телевизија како јавен радиодифузен сервис треба да биде пионер во процесот на зближување на граѓаните. Имено, само на тој начин ќе биде јавен медиум.
Кои се стандардите и колку тие (не) се почитуваат?
• Кога новинарот пишува за една етничка, општествена, верска или друга групација, исклучително е важно да се интервјуираат претставници на тие групации, и нивните мислења треба да бидат опфатени во новинарските извештаи. Но, медиумската слика во Македонија покажува дека многу често овој стандард не се почитува. Се пишува често за Албанците, Ромите, Турците, лицата со посебни потреби, верските заедници, маргинализираните групи, пензионерите, младите, а со нивните претставници или, пак, со граѓаните кои припаѓаат на тие групи, медиумите не разговараат. За жал, селективно информираат не само комерцијалните медиуми, туку и јавниот сервис. Како резултат, добиваме еднодимензионална слика за состојбите и проблемите со кои се соочуваат споменатите групации.
Класичен пример за непочитување на овој стандард е проектот „Скопје 2014“. Медиумите на македонски јазик, во поголем број, секако со исклучоци, известуваат афирмативно за проектот и ги истакнуваат само позитивните аспекти, притоа никогаш не земајќи во предвид како се чувствуваат Албанците кога е во прашање овој проект. Истото се случува и во медиумите на албански јазик. Иако во дел од медиумите на албански јазик, се пренесуваат изјави и од граѓани етнички Македонци, сепак конотацијата на известувањето за овој проект е секогаш негативна. Истото се случуваше и при известувањето за тепачките во автобуси и во центарот на Скопје, немирите на Калето во 2011 година, Енциклопедијата на МАНУ, Законот за наталитетот, службената употреба на албанскиот јазик, употребата на албанското знаме, учењето на македонскиот јазик од страна на учениците Албанци од прво одделение, предлогот за консензуален претседателски кандидат и ред други прашања, кои низ медиумскиот јавен дискурс, ги зацврстуваат разликите во Македонија.
• Поголемиот број од состојбите кои се поврзани со конфликти помеѓу општествените групи се комплицирани. И покрај овој факт во голем број медиуми во Македонија, ваквите општествено комплицирани прашања се третираат без да се анализира суштината на проблемите, без да се дебатира за решавање на истите и без да се даде поширок контекст за настаните и феномените. Многу често, медиумите ги третираат проблемите неразјаснувајќи ги до крај. Сите комплицирани состојби имаат своја историја, но интерпретирањето на таа историја во медиумите не ја отсликува различноста, бидејќи најчесто и во овој сегмент се известува еднонасочно. Оваа обврска е пред се на јавниот сервис која треба и мора да биде „арена за широка јавна дебата за прашања од јавен интерес“ (член 110 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги).
• Новинарите треба да имаат извори од различните групи и заедници. Според начинот на кој известуваат медиумите во Македонија, се заклучува дека многу е мал бројот на изворите кои новинарите ги имаат во разните општествени групи.
• Новинарот треба да биде внимателен при употребата на зборовите и изразите. Треба да се внимава како членовите на одредена заедница претпочитуваат да се именуваат на јазикот на кој известува медиумот. Ова е правилото, но ако во денешно време не ги слушаме навредите како „циган“, „шиптар“, „цинцар“ или „торбеш“ директно од новинарите, истите може да се слушнат од гледачите на директните емисии, а притоа новинарите не бараат од соговорниците да не ги употребуваат навредливите квалификации за одредени заедници.
• Треба да се внимава кога се употребуваат фрази од типот „општо познато е дека“ и „јасно е дека“. Но, ваквите изрази ги среќаваме многу често во медиумите. Факт кој ни укажува за едностраноста на новинарите, многу често мотивирана и од припадноста кон нивната општествена групација.
• Едно од важните правила е дека групите не треба да се третираат монолитно. Но, во голем број медиуми, се прави нивна генерализација, без притоа да се има предвид дека не сите припадници на одредена група имаат исти ставови. Напротив, може да имаат различни ставови и тие разлики треба да се пренесуваат преку медиумите.
Бидејќи очигледно е дека ситуацијата околу медиумското известување за различностите не е на многу завидно ниво, треба да се преземаат конкретни чекори за да се подобри состојбата. Прво, за ова прашање, како и за многу други медиумски теми, треба отворено да дебатира јавноста, но треба да се дебатира и внатре во редакциите.
Многу е важно новинарите- репортери и уредниците да ги применуваат новинарските стандарди. Комерцијалните медиуми секако дека мора да ги почитуваат овие стандарди, додека јавниот сервис законски е обврзан да „создава програми кои придонесуваат за унапредувањето и разбирањето на културниот идентитет на заедниците, да ги почитува културните и религиозните разлики и да ја поттикнува културата на јавен дијалог, со цел да го зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите помеѓу различните заедници во мултиетничка и мултикултурна средина“ (член 110 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги).
Во 20-годишната историја на независна Македонија, известувањето за „другиот“наместо да создава кохезија, создава голема дивергентност во општеството. Новинарите ако сакаат можат да изнаоѓаат позитивни примери во општеството кои ги зближуваат луѓето. Не е невозможна мисија! Ова можат да го постигнат ако известуваат без емоции и стереотипи и со почитувањето на златното новинарско правило кое вели дека во секој новинарски текст треба да има најмалку два независни извори.
Само така публиката може да ја врати довербата во медиумите.