Од 2007 година, Обединетите нации го востановија 2 април како Меѓународен ден на аутизмот, со цел да се подигне свеста за важноста на раната дијагноза и интервенција, како и за подобрување на условите за живот на лицата со аутизам.
На овој ден се промовира талентот и вештините на лицата со аутизам и се организираат бројни манифестации со кои ќе се покаже дека овие лице се дел од заедницата како и сите други луѓе.
"Светскиот ден на аутизмот е повеќе од создавање на разбирање, тоа е повик за акција. Апелирам до сите активно да помогнат во унапредување на општествената инклузија на лицата со аутизам, преку поддршка на образовни програми, можности за вработување и други мерки кои ќе придонесат за остварување на нашата заедничка визија", изјави Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун.
Во чест на овој историски ден се спроведува глобалната кампања „Light It Up Blue“, во рамки на која многу познати знаменитости, хотели, спортски и концертни сали, музеи, мостови, продавници и стотици илјади домови ширум светот ќе засветат во сино – бојата на аутизмот.
Како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на аутизмот во Македонија, здружението „Во мојот свет“ организира бројни активности кои ќе се одржат во Дневен центар за деца со аутизам, во Топанско поле во Скопје. Програмата опфаќа рецитал, редење на сложувалка-симбол на аутизмот и пуштање на балони во сина боја.