Преку изведба на краток танцов перформанс „ЛЕМИА“, Институтот за медиуми и различности од Лондон ќе го претстави проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, во рамки на годинешната конференција „Денови на медиумите на ЕУ и Западен Балкан“, на 17 септември во Скопје.
„ЛЕМИА - Рингишпил на перцепции" е кратка танцова точка креирана за двајца изведувачи, Миа и Леон, како осврт на нивното партнерство во танцот, разигран рингишпил на музикалност, безбројните можности на движењето и убавината на танцувањето.
„Ја избравме ЛЕМИА затоа што тие преку игра го изразуваат она што ние го изразуваме преку новинарството и граѓанскиот активизам. И тие и ние веруваме дека како луѓе сите имаме бескрајни можности да се изразиме себеси и да го претвориме она што другите го гледаат како ‘ограничувања’ во наша корист, во креативна акција, во добра кауза, во влијателно парче новинарство кое може да го промени светот. Слободата да се изразиме себеси како уметници или новинари не е само наше основно човеково право, туку тоа е она што нè прави подобри и побогати како човечки суштества" – истакнува Милица Пешиќ, извршна директорка на Институтот за медиуми и различности од Лондон.
Проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, го спроведува Институтот за медиуми и различности од Лондон во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Целта на проектот е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите.