Граѓански вести

Лицата со попреченост да се вклучат во креирањето политики и носењето одлуки во сите аспекти од животот

Потребно е поквалитетно информирање за лицата со попреченост, намалување на предрасудите кон нив и спроведување позитивни кампањи за промовирање на еднаквоста на граѓаните во општеството. Неопходно е унапредување на ресурсите во образованието, обезбедување обуки и подобри услови за кадарот кој работи со децата со попреченост со цел обезбедување квалитетно образование.

Дополнително, треба да се отстранат архитектонските бариери за слободно движење на лицата со попреченост. Ова се некои од пораките кои ги упати Бранимир Јовановски од Националниот совет на инвалидски организации на настанот организиран по повод националното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост - 3 декември.

Во рамки на настанот, се одржа завршната конференција од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ што го спроведуваа Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, со поддршка на Европската Унија. Низ различни активности на проектот кој беше фокусиран на унапредување на механизмите за соработка меѓу медиумите и граѓанските организации кои работат со лицата со попреченост, беа опфатени 14 медиуми, како и четириесетина граѓански организации кои ги застапуваат лицата со попреченост, во улога на учесници на обуките или како спроведувачи на мали грантови. 

Мајк Џемпсон од Институтот за медиуми и различности од Лондон Институтот за медиуми и различности од Лондон, истакна дека прирачникот „Попреченост: на виделина“ продуциран во рамки на проектот, каде тој е еден од авторите, треба да демонстрира дека лицата со попреченост се „хендикепирани“ само бидејќи другите луѓе и институциите не се подготвени да им излезат во пресрет.

kon2

Владо Крстовски од НСИОМ порача дека е потребно натамошно унапредување на соработката помеѓу медиумите и организациите на лицата со попреченост и на стратешкиот пристап во градењето на коалиции кои ќе придонесат за подобри резултати во однос на видливоста на лицата со попреченост во медиумите, а со тоа и делување врз општата јавна свест.

Медиумската покриеност на лицата со попреченост треба да се подобри кај медиумите на македонски и на албански јазик. Потребен е поголем новинарски ангажман при идентификувањето теми поврзани со лицата со попреченост, нивно конзистентно покривање се до покренување реакции од институцииите и разрешување на проблемите, а новинарските содржини треба да промовираат нормализација на дискурсот во однос на лицата со попреченост, рече Весна Никодиноска од МИМ.

Амбасадорот Жбогар рече дека „битката со дискриминацијата не значи само промена на закони, туку и прифаќање мерки за промена на ставови и однесувања што ги стигматизираат и маргинализираат лицата со попреченост.“ Осврнувајќи се на проектот, тој истакна дека очекува тој да резултира со зајакнување на лицата со попреченост: „Очекувам да видам повеќе лица со попреченост вклучени во креирање политики и носење одлуки во сите аспекти од животот. Очекувам да видам дека државата се доближува до мотото на ЕУ „Обединети во различноста“.

Во рамки на настанот што се одржа во Владата се обратија премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, како и координаторот на Националното Координативно тело, Спасе Додевски.

kon3

Министерката Царовска истакна дека воспоставувањето координативно тело и национален координатор кој ќе ги обедини сите надлежни институции, претставува значаен исчекор во унапредувања на положбата и правата на лицата со попреченост. Таа истакна дека развојот на услугите за лицата со попреченост, како персонални асистенти и помош во домот, остануваат значајна задача за министерството и институциите. Инклузивноста е процес кој постојано се надополнува и надоградува, додаде министерот Адеми, според кого донесувањето на измените во Законот за основно образование придонесоа кон унапредување на можностите и положбата на учениците со попреченост. Посебните училишта ќе се трансформираат во редовни, а кадарот кој досега работел во нив ќе пружа стручна помош и поддршка во училиштата.

 

logo4

Актив.мк е Интернет платформа посветена на зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации од областа на човековите права и медиумите, со цел да се олесни меѓусебната размена на информации меѓу двата сектора и да се придонесе кон унапредување на човековите права и слободата на изразување.

 

Повеќе