Ако ја прашате Марија Савеска што сака да биде по професија како од пушка, рафално ќе ви одговори, социолог или психолог. Но и биологијата и’ е блиска наука.
- Имам голема желба да студирам. Ми лежат општествени науки , а многу сакам и биологија. Искрено, сакам да студирам на некој од државните факултети, но и да е на некој приватен, после средното образование кое што не можев да го бирам, за факултетот ќе ја следам мојата желба, вели Марија.
Оваа 17 годишна ученичка од Скопје уште од раѓање мора да го сонува и посакува само тоа што се може затоа што има церебрална парализа. Марија учи во средното ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево затоа што ова училиште ги задоволува потребните услови за одржување на настава за ученици со посебни потреби но и другите потреби.
ПРЕВОЗОТ Е НАЈГОЛЕМАТА ПРЕЧКА ЗА МАРИЈА
Освен училиштето што е пристапно за време на наставата за среќа моите родители живеат во близина и имам каде да се сместам бидејќи невозможно е да се издржи ској ден да шетам во близина на училиштето за време а часовите. Превозот од училиште до дома и обратно но и на било која додатна активност во рамките на образовниот процес на Марија е нашиот најголем проблем затоа што Град Скопје не сака да се заморува со нашиот проблем иако е нивни проблем бидејки средните училишта се грижа на градот, ја продолжува својата исповед мајката на Марија, Оливера Савеска.
Од Град Скопје пак велат дека во сите 23 средни училишта кои што се во нивна надлежност се изградени надворешни пристапни рампи а сите средношколци кои посетуваат средно државно училиште имаат право на бесплатен превоз.
- Доколку истите имаат потежок телесен инвалидитет, во тој случај за нив се обезбедува бесплатен превоз со специјализираните возила со рампи кои ги врши ЈСП-Скопје, во рамки на Јавниот повик за повластен јавен превоз за лицата со посебни потреби кои Град Скопје го распишува секоја година, велат од Град Скопје.
Но Оливера тврди дека тоа во пракса за ова средно училиште не функционира.
- Превозот го има два пати дневно ама во фиксно време. Од сабајле само за прва смена и во 13 часот. Во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) има комбиња но тие мора да се закажат до 15 часот еден ден претходно. За превозот што го обезбедува градот не може да се промени времето на земање или враќање во тековниот ден или во попладневните часови и затоа не можеме да го користиме и да си го оствариме правото на бесплатен превоз иако на Марија и’ следуваат две слободни карти. Една за редовен ученик и една за придружник за дете со посебни потреби. Така што превозот целосно е на наш трошок, вели Оливера.
БЕЗ ОБРАЗОВЕН АСИСТЕНТ СЕ ГУБИ КВАЛИТЕТОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО
Иако Град Скопје во 2019 година по втор пат ангажираше 16 образовни асистенти кои работат со средношколците со посебни образовни потреби сепак тоа на Марија не и' значи ништо бидејќи на Марија и е потребен личен ассистент.
- Образовните асистенти работат по четири часа дневно со учениците и им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот. Услугата од асистентите е бесплатна за родителите кои дадоа согласност да се вклучат во проектот, а истата можат да ја користат лица кои имаат интелектуална попреченост. Дел од средствата се обезбедени преку програмата Општинско корисна работа, а дел се од буџетот на градот. Месечниот надоместок за асистентите изнесува нето 9.000 денари, а за нив Градот обезбедува и бесплатен јавен превоз што ќе можат да го користат за време на ангажманот, велат од Град Скопје.
Но мајката на Марија, Оливера вели дека ќерка и во 2018 година добила образовен асистент но тој воопшто не и’ бил потребен. ВО 2019 година како и во прва година Марија воопшто нема асистент затоа што Градот, објасува Савеска обезбедил образовни асистенти само за учениците со ментална попреченост.
Инаку во Програмата за работа на Град Скопје за 2020 година во делот на социјалната, детска и здравствена заштита, меѓу другото пишува дека приритетна цел на градот ќе биде подобрување на квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби и создавање услови за независен живот, олеснување на движењето и физичката комуникација во заедницата на лицата со потешка телесна инвалидност, поголема мобилност како и можност за нивна социјализација, остварување на полесен пристап на лицата со посебни потреби до училиштата и факултетите, нивно вклучување во редовниот образовен процес и обезбедување на самостојност и независност на движењето.
ЧОВЕЧНОСТА И ЖЕЛБАТА ЗА ПРОМЕНИ ГИ БРИШЕ СИТЕ ПРЕЧКИ
Но иако животот ги исправил пред сериозни искушенија, Оливера вели дека и тоа има свои предности.
- Предностите на ваквата ситуација се во тоа што одбравме многу топла човечна средина, опкружена е со деца што имаат вредности во себе и професори кои се трудат околу неа.Таа учи и е рамноправна со другите. Во друго училиште тоа немаше да го има, вели Савеска.
Директорката на ова средно училиште, Елизабета Ангелеска вели дека предноста тука е што училиштето е на еден спарт па секојдневните активности на учениците како Марија се далеку поедноставни.
- По иницијатива на нашиот дефектолог сега се обидуваме и дворот на училиштето да го приспособиме за децата со посебни потреби. На тој начин ќе може во целост да одговориме на потребите на овие ученици. Кога имате благородна цел и кога и покрај некои потешкотии функционирате како едно семејство тогаш ништо не е невозможно. За поголемите работи кои бараат повеќе пари секогаш во пресрет ни излегуваат од Град Скопје под чија што надлежност е нашето училиште, вели Ангелеска.
И како што ни рече Марија на почетокот на нашата средба, таа не отстапува од идејата дека ќе се запише на факултет на кој што сака, а не, на кој што мора.
- Студирањето во однос на условите како пристапност, транспорт, придружба , времетраење на предавањата не е толку сложено како во средното образование. Предавањата се пократки временски со што моментот на носење во тоалет кој е најпроблематичен и заради кој и асистентите не се нафаќаат, освен физичката тежина, поминува во споредна потреба. Ако не се најде придружник кој и’ следува од страна на државата, законски, тука се другите студенти кои се веќе возрасни луѓе и поинакви им се гледањата на лицата со посебни потреби, вели мајката на Марија, Оливера Савеска.
А додека Марија сонува да стане можеби светски признат биолог но можеби и признат адвокат или економист дотогаш никој од нас не смее да заборави дека ништо на овој свет не е невозможно се’ додека човекот не се откаже од соништата.
Автор: Искра Опетческа
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.