Глава 1
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредува постапката за извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права, донесени по предметите против Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Судот).
Член 2
Извршувањето на одлуките на Судот се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите како правична отштета и усвојување и преземање на поединечни и општи мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од истата, како и на причините што довеле до поднесување на жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди.
Член 3
Извршувањето на одлуките на Судот, согласно со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (во натамошниот текст: Конвенцијата) е задолжително за Република Македонија.
Член 4
За извршување на одлуките се обезбедуваат средства од Буџетот на Република Македонија.
Значење на изразите употребени во овој закон
Член 5
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. „Државни органи“ се органите на државната управа, управните организации и другите државни органи на Република Македонија;
2. „Судство“ се Судскиот совет на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд на Република Македонија, апелационите судови и основните судови во Република Македонија;
3. „Јавно обвинителство“ се Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Македонија, вишите јавни обвинителства, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и основните јавни обвинителства;
4. „Европска конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и протоколите кон Европската конвенција“ е меѓународен договор кој ги штити правата и слободите на граѓаните на државите – договорни страни, ратификуван од страна на Собранието на Република Македонија на 10 април 1997 година;
5. „Европски суд за човекови права“ е постојан суд основан од страна на државите - договорни страни на Конвенцијата, со цел да се обезбеди почитување на обврските од Конвенцијата и нејзините протоколи;
6. „Одлука на Судот“ е пресуда, одлука за недопуштеност на жалба, одлука за отфрлање на жалбата од листата на предмети на Судот поради постигната пријателска спогодба и одлука за отфрлање на жалбата од листата на предмети на Судот поради изјавување на еднострана декларација од страна на државата со која се признава сторената повреда;
7. „Биро за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права“ е орган на државната управа во состав на Министерството за правда кој ги врши работите што се однесуваат на застапувањето и постапувањето на Република Македонија пред Судот и врши други стручни работи од надлежност на Министерството;
8. „Голем судски совет“ е совет на Судот составен од седумнаесет судии кој ги вклучува претседателот на Судот, потпретседателите, претседателите на судските совети и други судии избрани согласно со Деловникот на Судот;
9. „Барање за разгледување на предметот пред Големиот судски совет“ е поднесок со кој страните во спорот ја оспоруваат и обжалуваат пресудата донесена од некој од судските совети, а коe може да се поднесе во рок од три месеца сметано од денот на кој е објавена пресудата;
10. „Жалител“ е поединец, здружение на граѓани, правно лице и група на лица и секоја држава - договорна страна на Конвенцијата, кои поднеле жалба до Судот против Република Македонија и во чија корист е донесена одлуката на Судот или со која е постигнато спогодбено решавање на спорот, или неговиот претставник или правен следбеник и лице (група на лица), во чија корист со одлуката на Судот е наметната обврска за Република Македонија во меѓудржавен предмет;
11. „Правична отштета“ е надомест во паричен износ кој Судот со одлуката му ја доделува на жалителот кога ќе оцени дека постои материјална или нематеријална штета за жалителот настаната од повреда на Конвенцијата и протоколите;
12. „Поединечни мерки“ се мерки што државата како договорна страна на Конвенцијата може да ги усвојува во домашниот правен поредок заради отстранување на конкретната повреда утврдена од Судот спрема жалителот, како и за отстранување на евентуалните последици од повредата. Државата е слободна да ги избере средствата со кои ќе ги изврши своите правни обврски и
13. „Општи мерки“ се збир на систематски мерки, легислативни измени, промена на судската и административната практика и постапувањето на надлежните државни органи, како и сите други мерки што државата ги презема заради ефективно надминување на утврдените системски правни недостатоци, недоволната правна регулираност, како и неусогласеноста на домашната легислатива со одредбите и стандардите на ЕКЧП и другите прифатени меѓународни стандарди и обврски, кои кумулираат повреди на Конвенцијата согласно со образложението и насоките на Судот во донесената пресуда.
Глава 2
Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права
Член 6
За следење на извршувањето на одлуките на Судот се формира Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (во натамошнот текст: Меѓуресорската комисија).
Член 7
Стручните и административните работи на Меѓуресорската комисија ги врши Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Бирото).
Состав и раководење
Член 8
(1) Меѓуресорската комисија е составена од функционерите кои раководат со Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа.
(2) По функција членови на Меѓуресорската комисија се претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, претседателот на Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Македонија и владиниот агент.
(3) По потреба во работата на Меѓуресорската комисија можат да учествуваат и други претставници од соодветни институции.
Член 9
Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) со решение ја формира Меѓуресорската комисија.
Член 10
Со Меѓуресорската комисија раководи министерот за правда.
Надлежности
Член 11
Меѓуресорската комисија ги врши работите кои се однесуваат на:
1) анализа на пресудите на Судот донесени против Република Македонија за утврдување на причините кои довеле до повредата;
2) препорачување на поединечни и општи мерки на надлежните државни органи за отстранување на повредата утврдена од Судот и за отстранување на последиците од истата;
3) давање на предлози за подобрување на законската регулатива за заштита на човековите права;
4) следење на извршувањето на одлуките на Судот;
5) обезбедување и размена на информации и податоци во областа на извршување на одлуките на Судот;
6) следење на постојниот систем за извршување на одлуките и предлагање на мерки за негово подобрување и
7) други работи утврдени со закон.
Член 12
(1) Меѓуресорската комисија се состанува по потреба, а најмалку еднаш на три месеци.
(2) Меѓуресорската комисија донесува Деловник за својата работа.
Член 13
(1) Меѓуресорската комисија за својата работа изготвува годишен извештај.
(2) Извештајот од ставот (1) на овој член Меѓуресорската комисија преку Министерството за правда го доставува до Владата и Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот при Собранието на Република Македонија и Собранието на Република Македонија, најдоцна до 31 март наредната година.
Глава 3
Постапка по прием на одлуката на Судот
Член 14
(1) Во рок од еден месец од денот на објавата на одлуката на Судот, Бирото изготвува официјален превод на истата на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
(2) Изворникот на одлуката на Судот и официјалниот превод на македонски јазик се објавуваат на веб страницата на Министерството за правда.
Член 15
(1) Најдоцна во рок од 15 дена по изготвувањето на преводот на одлуката на Судот, Бирото ја информира Владата за содржината на одлуката и обврските на Република Македонија утврдени во неа.
(2) Владата врз основа на Информацијата од ставот (1) на овој член, одлучува за потребата од поднесување на барање за разгледување на предметот пред Големиот судски совет во случај кога Судот одлучил со пресуда.
(3) Бирото најдоцна во рок од три месеца од денот на објавувањето на пресудата на Судот, врз основа на заклучок на Владата, го доставува барањето за разгледување на предметот до Големиот судски совет.
Глава 4
Извршување на одлуката на Судот
I. Извршување на одлуката на Судот во делот за исплата на правична отштета
Член 16
(1) Рокот од три месеца за исплата на правичната отштета утврдена во одлуката започнува да тече од приемот на известието за конечност на одлуката од страна на Судот.
(2) Во случај на непочитување на роковите за исплата се пресметува камата утврдена со одлуката на Судот.
Член 17
(1) Во рок од 15 дена по приемот на известието од Судот за конечност на одлуката, Бирото ќе побара од жалителот или неговиот полномошник да достави податоци за банкарската сметка за исплата на средствата досудени од Судот.
(2) Податоците од ставот (1) на овој член жалителот е должен да ги достави во рок од пет дена од денот на приемот на барањето.
(3) По приемот на податоците од ставот (1) на овој член или по истекот на рокот од ставот (2) на овој член, Бирото подготвува Информација за конечноста на одлуката која ја доставува до Министерството за финансии.
(4) Министерството за финансии во рок од пет дена по приемот на Информацијата од ставот (3) на овој член ќе достави до Бирото предлог на одлука за исплата на досудените средства.
(5) Периодот од приемот на известието за конечноста на одлуката до достава на Информацијата и предлогот на одлуката до Владата не може да биде подолг од 45 дена.
Член 18
(1) Министерството за финансии донесената одлука на Владата за исплата на досудените средства ја извршува веднаш, а најдоцна до истекот на рокот од три месеца сметано од денот на конечноста на одлуката на Судот
(2) Министерството за финансии до Бирото доставува потврда за извршената исплата на средствата, која претставува доказ дека одлуката е извршена во делот на исплатата на правичната отштета.
(3) Бирото во рок од пет дена од денот на приемот на доказот за извршената исплата, го доставува до Одделението за извршување на пресуди на Европскиот суд за човекови права при Генералниот директорат за човекови права и правни прашања на Советот на Европа и до Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа .
Недоставување на податоци за сметка
Член 19
Недоставувањето на податоци за сметка од страна на жалителот, согласно со членот 17 став (2) од овој закон, не претставува пречка за извршување на одлуката на Судот во делот на правичната отштета.
Член 20
(1) Ако жалителот не ги достави податоците за банкарската сметка во рокот утврден со членот 17 став (2) од овој закон, Министерството за финансии средствата утврдени со одлуката за исплата ги префрла на депозитна сметка на Министерството за правда.
(2) Министерството за правда ќе ги префрли одобрените средства на сметка на жалителот по добивање на податоци за сметка.
(3) Средствата на депозитната сметка од ставот (1) на овој член ќе останат на располагање на жалителот најмногу пет години по нивното депонирање. По истекот на овој рок, ако жалителот не достави податоци за сметка, средствата се враќаат во Буџетот на Република Македонија.
Член 21
Во случај на смрт или статусни промени на жалителот, правичната отштета согласно со одлуката на Судот, се исплаќа на наследниците на физичкото лице, односно правните следбеници на правното лице согласно со закон.
II. Поединечни и општи мерки
Член 22
(1) Бирото во рок од два месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот со која е утврдена повреда на правата загарантирани со Конвенцијата, ги известува Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд на Република Македонија, сите апелациони судови, основниот суд и сите други институции или субјекти кои биле директно вклучени во конкретниот предмет, за кој е донесена одлуката.
(2) Со известување за доставената одлука до субјектите од ставот (1) на овој член се доставува и превод на одлуката на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Член 23
Бирото веднаш, а најдоцна во рок од три месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот ја известува Меѓуресорската комисија за донесената одлука, за утврдените повреди и предлага можни општи и поединечни мерки за отстранување на повредите утврдени со одлуката.
Член 24
(1) Меѓуресорската комисија ја анализира одлуката на Судот, ги разгледува мерките од членот 23 на овој закон и изготвува препорака до надлежните државни органи, единиците на локалната самоуправа, судството и јавното обвинителство за преземање на соодветни општи и поединечни мерки за можно отстранување на повредата утврдена од Судот и спречување на настанување исти или слични повреди.
(2) Органите од ставот (1) на овој член ќе ја известат Комисијата за постапувањето по препораките согласно со закон.
Поединечни мерки
Член 25
(1) Поединечни мерки се преземаат од страна на субјектите од членот 24 став (1) на овој закон за отстранување на повредата и последиците кои настанале од повредата.
(2) Поединечната мерка се препорачува во зависност од утврдената повреда и состојбата на жалителот во времето на сторувањето на повредата.
Општи мерки
Член 26
Ако со одлука на Судот се констатира дека утврдената повреда произлегува од закон, друг пропис или практика на субјектите од членот 24 став (1) на овој закон, им се препорачува преземање на општи мерки за надминување на недостатокот, што довел до поднесување на жалба пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди утврдени од Судот.
Член 27
Општи мерки во смисла на членот 26 од овој закон се:
1) измени и дополнувања на законите и другите прописи поради кои настанала утврдената повреда и следење на нивната примена;
2) измени во постапувањето на надлежните субјекти во согласност со закон;
3) обезбедување правна експертиза на законските проекти;
4) стручно оспособување и усовршување на судиите, јавните обвинители, адвокатите, вработените во органите на државната управа, вработените во миграционите служби и други категории на вработени чија работа е поврзана со извршување на законите и другите прописи, а со цел за соодветна примена на Конвенцијата и судската пракса востановена од Судот и
5) други мерки определени во согласност со одлуката на Судот за спречување на повреди на Конвенцијата со цел за отстранување на недостатоците од системски карактер и обезбедување на обесштетување за последиците од повредите, а под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа.
Одговорност за неспроведување или спроведување на одлуката на Судот на несоодветен начин
Член 28
Во случај на непостапување согласно со препораките на Меѓуресорската комисија, или пак неспроведување или спроведување на одлуката на судот на несоодветен начин, констатирано со времена резолуција на Комитетот на министри, одговорните лица на надлежните државни органи, единиците на локалната самоуправа, судството и јавното обвинителство одговараат согласно со закон.
Преодни и завршни одредби
Член 29
Владата на Република Македонија во рок од два месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе донесе решение со кое се формира
Меѓуресорската комисија.
Член 30
Меѓуресорската комисија во рок од еден месец од нејзиното формирање ќе донесе Деловник за работа .
Член 31
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од денот на формирањето на Меѓуресорската комисија.