Трпко Дамјановски од Тетово веќе 25 години се бори со дистрофија. Првите тегоби ги почувствувал на 45-годишна возраст и денес, кога има 70 години, со ведар дух вели: „Јас болеста ја победувам“.
Долги години бил активен планинар, во младите години, во поранешна Југославија, учествувал во голем број младински работни акции и кога за првпат ја слушнал дијагнозата, не му се верувало дека тоа може нему да му се случи.
„По првите симптоми отидов на лекар, кој, без никакво двоумење, дури и сурово ми рече: ‘Ова е дистрофија, ќе тераш вака три месеци, а потоа ќе завршиш во инвалидска количка‘. Тоа беше шок за мене, не поради болеста, туку поради тоа што ќе завршам во количка. На почетокот, како и секој човек кој се разболел од тешка болест, се дадов во потрага по лекари и лекови кај нас, но и во Германија, Америка и Кина, се консултирав и со специјалисти од Русија. Слушнав многу мислења, и стручни и лаички, дури и од надрилекари, но сѐ се сведуваше на тоа дека нема ефикасен лек за мојата болест. Тогаш сфатив дека треба да се борам сам, зашто ако самиот не си помогнам, никој не може да ми помогне. Решив да си помогнам со позитивна мисла и престанав да размислувам дека сум болен од дистрофија. Почнав да се радувам на секој нов ден, престанав да се оптоварувам со тоа како ќе биде утре, дали ќе бидам уште поболен, дали ќе можам да станам од кревет. Таквите размислувања само ја влошуваат состојбата, а добрата и позитивна мисла е вистинскиот лек за болеста. Тоа мое позитивно размислување ме одржа изминативе 25 години и затоа велам дека јас ја победувам дистрофијата“, вели Трпко Дамјановски.
Но, Дамјановски не мисли само на себе. Својата позитивна енергија ја пренесува и врз своите пријатели, кои исто така страдаат од некои тешки болести.
„Десетина години по неколку месеци одев на рехабилитација и вежби во болницата во Козле во Скопје. Еднаш, во мојата болничка соба се најдов со едно младо момче, инженер, кој паднал од некој објект во изградба. Целиот беше со многу тешки повреди. Се жалеше дека за него веќе нема живот. Јас почнав да му зборувам: ‘Ќе се излечиш, ќе оздравиш, ќе се ожениш и ќе имаш деца‘. Тешко му беше на почетокот да ми поверува, но јас бев упорен и успеав да му ја пренесам добрата мисла. Еве го денес, оженет, со деца и добро ситуиран. Често пати знае да ми се јави и да побара од мене совет за некоја поважна одлука што треба да ја донесе во животот. Со добрата мисла му помогнав и на мојот пријател Земри од Радуша. Станавме ептен добри пијатели, иако и тој на почетокот не веруваше дека ќе преживее. Но, позитивната мисла прави чуда. Ова не се однесува само на луѓето со тешки болести. Ако го навикнеш мозокот да размислува позитивно, секогаш ќе има резултати. Мозокот е компјутер, нели?“, советува Дамјановски.
Пред извесно време почна да чита и духовна литература и вели дека таму наоѓа дополнителен мир и позитивна енергија. Сепак, според него, една од главните работи е да се има некаква работна обврска, хоби или нешто што работно ќе те преокупира во текот на денот.
„Јас се пронајдов во везењето гоблени. Кога везам, не мислам на болеста, вдлабен сум во шемата, конците, боите, во тоа како со игла и конец да добијам уште еден лик на мојот гоблен. Везам секој ден. Сега сум при крајот со везењето на ‘Тајната вечера‘. Досега имам навезено десетици гоблени, кои ги работам исклучиво по оригинална шема. Везењето гоблен бара голема концентрација и прецизност и тука нема импровизации. Кога везам, заборавам и на тоа што не може да се заборави“, со широка насмевка зборува Дамјановски.
Тој ретко излегува надвор од својата куќа. Вели дека Тетово не е град за лица со посебни потреби, не можеш низ него да се движиш ниту со патерици, ниту со количка.
„Оваа соба е моето царство. Во неа, секој кој првпат дошол кај мене оставил подарок. Тука имам многу цртежи, фотографии, таписерии, икони кои ги правев заедно со моите пријатели, на ѕидот висат педесетина стари мобилни телефони и уште што не. Тие ми се врската со моите пријатели. Имам желба оваа соба да ја претворам во катче што ќе може да го посетува секое лице со посебни потреби и тука да го искажува својот талент“.
Автор: Зоран Андонов
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.