Стории

Боксот зашто некој е различен, тежи и боли повеќе!

Автор: Мирослава Бурнс
Истражување на „Плусинфо
Во Македонија расте бројот на случаи кога лица се претепани поради својата сексуална ориентација или етничка припадност, кога се палат џамии и цркви, се напаѓаат домовите на активистите за човекови права, но ретко овие случаи кај надлежните се пријавуваат како криминал од омраза.

Ваквата реалност на своја кожа ја почувствува активистот за човекови права Петар Стојковиќ кој минатата година преку колумна ја обелодени својата сексуална ориентација и оттогаш неговото секојдневие е исполнето со непријатности и несигурност. Неколку пати непознати сторители му го каменуваа домот, постојано прима непријатни пораки полни со закани и со говор на омраза но досега никој не одговара за ова.

- После моето аутирање следуваа закани и каменување на мојата куќа. Случајот е пријавен во МВР, но досега не сум информиран за епилогот од нивната евентуална истрага, ако воопшто постои таква. Засега сум принуден да се движам во контролирани услови со организиран превоз и присуство на трети лица со мене за целото време додека сум надвор од мојот дом – објаснува Стојковиќ.

Тој смета дека и покрај загрозената безбедност на ЛГБТ активистите и заедницата воопшто, институциите не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата.

- Нивните (не)реакции ги охрабруваат ЛГБТ-фобите да продолжат со ширењето говор на омраза и поттикнувањето насилство и други инциденти од омраза. Освен што не дејствуваат превентивно, тие не се одважија ни да ги осудат настаните кои ја проследија неделата на гордоста во Скопје и резултираа со материјална штета и повреда на еден полициски службеник – објаснува тој.

Експертите предупредуваат дека во македонската практика на откривање и гонење на делата на омраза недостасува нивното диференцирање како такви. Наспроти праксата во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, во Македонија нема ни посебно опсервирање и известување како и статистики за делата на омраза - нотираат академик Владо Камбовски и д-р Мирјана Лазарова Трајковска во правната анализа на концептот на казненото дело на омраза и говорот на омраза од септември 2012 година,  додавајќи дека полицијата не води посебни евиденции, а во кривичните пријави не се истакнува постоењето на мотивот на омраза и при постоење јасни индиции дека извршителот постапувал со такви побуди.

„Забележлива е и тенденцијата да се избегнува, или да им се дава поблага квалификација и на очебијни случаи на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. До таков заклучок се доаѓа и преку згорничен  преглед на статистичките податоци за пријавени, обвинети и осудени лица за делото предизвикување национална, расна и верска нетрпеливост“ – пишува во анализата.

Во кривичната пријава што Петар ја поднел до Основното јавно обвинителство во Скопје, може да се прочита и голготата низ која минува поради тоа што решил да открие дека е хомосексуалец.

Таа е поднесена против непознати лица и тоа за расна и друга дискриминација, повреда на рамноправноста на граѓаните, предизвикување расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост и ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

„Во периодот од 20 jуни 2013 до 22 jуни 2013 година на социјалните мрежи сторителите преку профил на Фејсбук именувани како „Дебар Маало цпб”, „Кристијан с рулс”, „Алекс Кобра Иллионаре Филипович” и „Тино Николов”  упатиле директни закани кон оштетениот Петар Стојковиќ порачувајќи му да умре и низа навреди инспирирани поради омраза заради припадност на одредена група, односно поради сексуалната ориентација на Петар“ – пишува во кривичната пријава.

Истиот по објавата на колумната на Петар, еден од сопствениците на овие профили од каде се упатувани заканите, ја сподели на својот приватен профил со навредлива и заканувачка порака „Убаво им правам...“ реферирајќи на ситуацијата за која Петар зборува во својата колумна, објаснувајќи како едно лице маскирано стоело пред неговиот дом и извикувало „педери“.

„Непосредно по објавената колумна на оштетенот и коментарите на социјалните мрежи од страна на сторителите, два пати беше нападнат домот на оштетениот, а тој поради заканите, вербалните и физички напади упатени кон него и неговиот имот, не се движи во јавност поради страв од понатамошни напади“ – пишува во привичната пријава.

Од единицата за компјутерски криминал било побарано итно да ги пронајде ИП адресите на овие профили бидејќи тие на Стојковиќ му ја загрозиле сигурноста, вербално го малтретирале и поттикнале омраза и нетрпеливост кон оштетниот, но и кон другите лица со хомосексуална ориентација.

Петар вели дека досега, не добил никаков одговор од МВР за евентуално пронаоѓање на ИП адресите. Едноставна проверка во полето за пребарување на Фејсбук, не води до сознанието дека два од профилите се уште активни а според описот и понудените содржини, лицата што управуваат со нив, се фанови на еден фудбалски клуб.

Правниот советник на Хелсиншкиот Комитет, Воислав Стојановски, вели дека генерално кај граѓаните постои непознавање на тоа што претставува злосторство од омраза и дека е квалификуван вид кривично дело. Праксата со која Стојановски се соочува секојдневно му покажала дека во Македонија има четири нивоа на непрепознавање на злосторствата од омраза.

- Најнапред граѓаните не се информирани, потоа полицијата не ги заведува како такви, јавното обвинителство гони за други кривични дела а и судиите не го преиначуваат делото. Така да, постои општо непознавање и загрижува одбивањето да се гони од страна на институциите – предупредува Стојановски.

Тој објаснува дека граѓаните пријавуваат кога некој врз нив ќе изврши кривично дело, но генерално оставаат на институциите да го квалификуваат кривичното дело.

-Кога ќе биде пријавено злосторство од омраза, наместо да биде квалификувано како такво од полицијата, тие го квалификуваат како поинаква форма на кривично дело, односно или пишуваат насилство, или пишуваат оштетување на имот. На пример имаме уништување на имот на џамии и на цркви, што е класичен пример на злосторство од омраза и тоа за време на вршење богослужби испишување графити со погрдни зборови, меѓутоа тоа од страна на полицијата се води или како прекршок или како оштетување имот – тврди Стојановски. Според него загрижува тоа што иако полицијата не е последна инстанца, сепак ретко јавното  обвинителство и судот го преиначуваат делото.

- Јавниот обвинител треба да види од фактите кои ги има во записникот, дека насилството настанало поради разлика во верската припадност, националната припадност, или е сторено поради нечија сексуална ориентација. Меѓутоа, тоа не се случува. Случајот оди на суд, на пример како насилство. И судијата може да ги ислуша странките и да утврди дека се работело за злосторство од омраза. Меѓутоа и тоа не се случува и кај нас најчесто судиите се држат до она што им го кажува јавниот обвинител – посочува Стојановски.

Хелсиншкиот комитет ги мапира случаите на злосторства од омраза со цел да ги едуцира граѓаните за поголемата тежина на ваквите кривични дела и да влијае тие подобро да ги разберат.

- Од март до крајот на август имаме мапирано на нашата страница околу 60 злосторства од омраза. Најчесто тие се мотивирани поради разликата на национална припадност, односно се меѓу двете најголеми етнички групи во Македонија, Македонците и Албанците. Меѓутоа, ова не е правило затоа што понекогаш се случува некој некому да му личи дека припаѓа на другата национална заедница и да биде нападнат. Имавме еден случај каде неколку Торбеши беа нападнати од Македонци заради тоа што мислеле според нивниот изглед дека се Албанци. Што значи дека злосторства од омраза може да се случат и по асоцијација. Доволно е некој да помисли дека другиот е од различна етничка група или дека има различна сексуална ориентација од неговата и да го нападне, за да се работи за злосторство од омраза – објаснува правниот советник на Хелсиншкиот комитет.

- На оваа мапа, на второ место доаѓаат насилствата поради различната сексуална ориентација. 

Во нашето законодавство не постои заштита за оваа група на граѓани, така да злосторствата од омраза мотивирани поради сексуална ориентација иако реално се случува, законодавството не ги препознава како такви па не може ниту јавното обвинителство ниту судовите нешто да променат во оваа насока. И третата најчеста причина е верската припадност, односно религијата меѓу православните и муслиманите. Тука се случува да имаме напади на цркви, џамии, пишување погрдни графити, тепање на верски службеници и така натаму – тврди Стојановски.

Така, нападот на ЛГБТ центарот во Старата Скопска чаршија од 22 јуни минатата година се води како „учество во толпа“, иако група вандалски го демолираше центарот, во момент кога внатре имаше и активисти и полиција да го чува. Извршниот директор на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска не е задоволна од начинот на кој што му беше пристапено на случајот со овој напад.

- Веднаш нападот беше пријавен кај полицијата која беше присутна. За нападот постојат снимки кои јасно говорат дека полициските службеници кои требаше да ја пружат соодветната заштита на лицата кои се наоѓаа во ЛГБТ центарот, не го сторија тоа. Од тие причини снимката беше испратена до секторот за професионални стандарди во МВР. Со оглед на фактот дека тој оддел е надлежен да ја испитува професионалноста на вршењето на работните задачи. Бев непријатно изненадена од фактот што до денес не се фатени сторителите, до денес не ни одговорија какви се констатациите од секторот за професионални стандарди при МВР за постапувањето на полициските службеници. Оттука сметам дека ни се даде јасна порака дека државата нема намера да ги заштитува припадниците на ЛГБТ заедницата во Македонија и вработените во ЛГБТ центарот и во Хелсиншкиот комитет – вели Пировска.

Таа заклучува дека нападите и криминалот од омраза  се резултат на зголемена хомофобична кампања во која главни актери се институциите на системот.

- Мислам дека сето ова говори за тоа дека  припадниците на ЛГБТ заедницата и во иднина ќе се соочуваат со предизвици во остварувањето на нивните права но и дека ЛГБТ центарот ќе се соочува со тешкотии во извршувањето на својата функција која е давање поддршка и правна помош на припадниците на оваа вулнерабилна заедница – посочува Пировска.

Сексуалната ориентација воопшто не е влезена како основ за дискриминација, и покрај заложбите на Комитететот таа да влезе во Кривичниот законик, во согласност со препораката на Советот на Европа каде се вели експлицитно дека се забранува дискриминација по однос на сексуална ориентација што би требало да биде прифатено од нашата земја која е членка на Советот на Европа.

Пировска вели дека за граѓаните да научат како да пријавуваат деликатни дела поврзани со криминалот од омраза повторно на потег е државата.

- Треба да знаат дека тоа дело не се квалификува само како насилство туку дека добива поинаква квалификација ако жртвата го искусила поради својата различност. Меѓутоа, не можете на граѓаните да им го направите блиско, со начинот на кој државата се однесува кон овие дела. Државата треба да им овозможи едукација – вели Пировска.

Податоците од Државниот завод за статистика нотирани во правната анализа на академик Владо Камбовски и д-р Мирјана Лазарова Трајковска  покажуваат дека за предизвикување национална, расна и верска нетрпеливост казнива со член 319 Кривичниот Законик  од 2007 до 2010 година нема ниту едно осудено лице.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.