Автор: Сашка Цветковска
Истражување на „Новатв“
„Матна е, нема раат кога врне дожд“, чичко Трајан се обидува да ја опише водата која до скоро течеше од нивните чешми во Пехчево, мал град на истокот од Македонија.
Водовод има, но по пожарот од пред три години кој ја опфатил шумата над градот работите станале проблематични бидејќи снемале голема површина дрвја. Па така, секогаш кога има снег или дожд од нивните чешми тече светло-кафена вода. Или „во најдобар случај е таква“ како што вели чичко Трајан, бидејќи можело да нема и воопшто вода. Проблемот со водата го имаат неколку години. Речиси 3.500 жители живееја со оваа мака. Според надлежните, водата иако матна, била бактериолошки исправна па им велеле да се стрпат додека се најдат пари и решение за овој проблем.
„Што може да е поважно од вода, кажете ми, за некој да бара трпение од вас. Цело Скопје врие од споменици од милион евра, а јас еве пред неколку дена дознав колку чинел „иљачот“, вели тој.
Општината во соработка со невладиот сектор барала решение на овој пробле. Тоа дошло со странски пари во рамки на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, а освен Пехчево вакви и слични проблеми се решаваа и во други општини. 15 илјади долари чинела оваа инвестиција која доаѓа заедно со мала лабораторија каде што општината ќе може да следи дали и колку е загадена водата, ако евентуално дојде до такви проблеми.
Табла на пречистителната страница каде е обележана донацијата од Американската влада
Работно во Пехчево непосредно пред поставувањето на филтерот
Јасмина Пашалиска од локалната невладината организација „Амброзија“ објаснува дека подолго време се барало решение за овој проблем бидејќи општината Пехчево се наоѓа во еден од најсиромашните региони во земјата. Општината ја прифатила подадената рака од странските донатори и заедно со невладината работеле на поставување нов филтер на пречистителната станица во Пехчево.
„Пожарот направи големи проблеми. Секој дожд или снег значење матна вода или прекин на вода, луѓето вака тераа неколку години“, објаснува Пашалиска.
Чичко Трајан вели дека е задоволен. Но, додава дека е „непримерно толку време да се бара чаре за ваков проблем во 21 век“.
Сепак, надлежните институции нагласуваат дека иако матна, водата била исправна и ничиј живот не бил загрозен.
До водовод со маки и среде главниот град
Ако некои немаат филтри, други воопшто немаат водовод. Околу 14 проценти од домаќинствата во Македонија немаат пристап до јавен водовод. Скоро 4 проценти вода пијат од бунар, 5 проценти од сопствен хидрофор, а останатите се снабдуваат со вода на непознати начини надвор од домот.
„Иако податокот дека од вкупниот број на домаќинства 86.9 проценти се снабдуваат со вода од јавен водовод претставува висок статистички показател, самиот факт дека во 21 милениум во срцето на Европа се уште има домаќинства кои пијат вода која не е ниту биолошки ниту хемиски проверена е загрижувачки и не може да има оправдување за државата зошто во секој стан и секоја куќа нема чиста вода за пиење“, ќе забележи Државниот завод за статистика во своите коментари во публикацијата за Животна средина од 2013 година.
Никола .Т. тукушто изградил куќа во населбата Пинтија, која е дел од градот Скопје или се наоѓа на точно 5 километри од главниот град. Куќата ја направил пред околу 1 година, но денес не би го направил истиот избор.
„А зошто да живеат во населба каде што нема јавен водовод, да знаев дека ќе биде вака никогаш немаше да инвестирам во оваа населба“, вели тој.
Пред да почне да гради знаел дека населбата има проблеми со водоснабдувањето. Пинтија е ридска населба. Тие што живеат на повисоките делови имаат водовод, но поради премногу старата водоводна мрежа, немаат притисок, па така вода има само навечер. Постои и уште еден дел од населбата, понов, кој стана многу атрактивен во последните години за луѓето кои сакаат да живеат во близина на шуми и да градат убави куќи, со оглед на тоа дека Скопје е густо населено и тешко се наоѓа убаво земјиште за градење куќи. Дел од проширената Пинтија не не е вклучена на водоводна мрежа.
„Општината постојано ни ветува дека ќе не вклучи на новиот водовод кој делумно е поставен. Мене ова ми беше кажано пред да почнам да градам, а сега од тоа нема ништо“, вели Никола.
Сега жителите собираат пари за сами да се приклучат на водоводот. Купуват цевки, ангажираат компании за копање. Општинските власти им рекле дека „така е најбрзо и најпаметно“, без разлика што секој граѓанин пред да добие дозвола за градба должен е да плати давачки кон државата за има водовод и канализација.
„Пред некој ден една улица ја поврзаа со водоводот. Разбравме дека тоа било донација од некоја странска влада. Има уште некои делови кои општината ги приклучи, ама тоа ви е лотарија, не се знае кога, како и дали ќе се случи“, вели Трајко .В., сосед на Никола.
Трајко раскажува дека се соочуваат и со социјални проблеми во обидите да обезбедат самите пристап до јавен водовод.
„Во нашава улица има две семејства кои немаат пари за инвестираат самите. Што да правиме, мора ние другите да собираме пари. Ама нека е и така, зошто да плаќаме за нешто што ни припаѓа и веќе сме го платиле“, вели тој.
Од општината, пак, велат дека тие прават се за сите домаќинства да бидат приклучени на водоводот. Не сакаа да навлегуваат во, како што велат „поедини случаи“.
Никола и Трајко не испратија огорчени велејќи дека им е „мака да бидат на само 5 километри од скапата бронза на скопскиот плоштад која чини стотици милиони евра, а за нивните проблеми да не можат да се издвојат ниту неколку илјади евра“.
И при вода – жедни
Но, да имате пристап до јавен водовод не значи да имате постојано вода. Градот Куманово кој е втор по големина град во Македонија речиси секое лето останува без вода. Причините е премногу стариот водовод во кој не се инвестира за да може да функционира. Или барем така се мисли, со оглед на тоа што надлежните органи од локалното претпријатије за водовод и државното постојано си ја префлраат вината едни на други, додека граѓаните се како пинг понг топче.
„Каква вода, сметки плаќам и кога немам вода. Знаете ли вие што значи во лето на 45 степени да немате вода да се истуширате, да се напиете“, вели Миланка, мајка на 2 мали деца од Куманово која потенцира дека состојбата е уште пострашна ако имате бебиња.
Слични проблеми има и во Скопје во ридските населби. Жителите на скопската населба Бутел 2 во близина на центарот на Скопје се жалат дека секое лето тие мора да перат и готват после полноќ бидејќи само тогаш се нормализира притисокот.
„Сум било во општина и во водовод многу пати. Ми велат тоа, водоводот е од пред 50 години. Нема притисок воопшто, не можеш ниту да се истушираш преку ден, едвај капки паѓаат, ти викаат чекај навечер, прилагоди се. Зошто да се прилагодувам кога редовно плаќам сметки, тие што прават со нашите пари, зошто не инвестираат“, се жали Насте Митковски кој во оваа населба живее од нејзиното основање после скопскиот земјотрес во 1963 година.
Експертите за човекови права велат дена не станува збор за кршење на човековите права.
„Пристапот до вода е едно од основните човекови права впишано во Универзалната декларација на ООН уште во 1948 година и секоја членка има обврска да ја почитува и следи.Не може да има оправдување зошто граѓаните немаат пристап до безбедна вода во 21 век ил и зошто се соочуваат со ограничен пристап некаде, тоа се основи права и основни потреби.“, вели Уранија Пировска – извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„ Македонија се обврзала со многу меѓународни документи и има обврска да обезбеди вода до сите граѓани. Но, кршење на правата на човекот и граѓанинот е и лимитираниот пристап до вода, не може да има, па во лето да нема. Што се однесува до случаите кога граѓаните сами поставуваат водоводи затоа што државата не може или не сака, тоа е противзаконски и противуставно бидејќи ќе повторам државата има обврска на секој граѓанин да му обезбеди пристап до вода, вели Џабир Дерала, претседател на невладината организација ЦИВИЛ која ги следи сотојбите со човекови права во Македонија.
Владата во моментов се пофали дека преку Министерството за транспорт и врски
започнува проект со кој намерува да обезбди пристап до водоводните мрежи во секој дел од државата. Но, фалби и ветувања имало и претходно и имало многу. Засега, земјата позната по своето водно богатство останува да живее со ироничната судбина - и при вода жедни.
Јавното претпријатије Водово и канализации инвестираше повеќе од 10 милиони евра за да гради нова административна зграда под Калето.
(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).