Стории

Ќотекот порано бил нормална воспитна мерка

Автор: Александра Денковска
Истражување на „Нова Македонија“ (Втор дел)
За насилството врз децата и за лошите услови во кои живеат во институции од овој тип говорат и извештаите на народниот правобранител. Во нив се вели дека, и покрај забраната за физичко и психичко насилство, тоа сѐ уште е застапено кај децата згрижени во установите

ИСТРАЖУВАЊЕ: „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ДВА МЕСЕЦА МЕЃУ ДОМСКИТЕ ДЕЦА  (Втор дел)

Со посетите во домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ можевме да забележиме дека, освен што на децата им недостигаа внимание и љубов, тие се и многу исплашени. Бегаа од нас кога ќе дојдевме и се плашеа од критика ако не можеа да научат дел од песничките. При секоја посета можевме да забележиме дека децата се обидуваат дури и најмалиот проблем да го решат со тепање. Во една ситуација, кога со дечињата учевме песнички, дојде едно од поголемите деца, пушташе гласно музика и им ги земаше книгите на децата. Кога се обидов да му посочам дека не е во ред тоа што го прави, тој почна да ми кажува дека е тој газда и посилен од мене и дека ќе ме истепа. Откога виде дека не се плашам од него, си замина од училницата. По половина час се врати и се извини. Имаше ситуации кога децата не сакаа да бидат во иста група, или само да седат еден до друг, но наместо да разговараат за тоа, тие се тепаа.

Мирослава Милошевиќ-Николоска, професорка по детска психологија, која во 1974 година работела во домот, вели дека таквото однесување покажува дека децата се исплашени и мислат дека ќе добијат ќотек ако направат некоја грешка.

- Најверојатно ќотекот бил користен како воспитна мерка, можеби во институцијата или, пак, во семејството од каде што доаѓаат децата. Кога работев таму, во 1970-тите, ќотекот беше нормална воспитна мерка. И тогаш ситуацијата во тој дом беше шокантна. И тогаш беше недефинирана установа - вели Милошевиќ-Николоска.

По неколку посети во домот децата почнаа да нѐ чувствуваат за блиски и почнаа да ни се доверуваат. Ни зборуваа за симпатиите, за најдобрите другари, за своите семејства, за животот во домот и за начинот на кој вработените се однесуваат со нив. Неколку деца велат дека една од воспитувачките ги удирала со обувки, а за друг воспитувач, пак, дека им удирал шлаканици. И самите бевме сведоци како еден од нив фати момче за блуза и насилно го изнесе од собата. Го забележавме и стравот во очите на децата кога некоја од воспитувачките ќе почнеше да вика низ ходниците. Имаше случај кога девојче со температура и треска со денови не добиваше лекарска помош.

Познато е дека децата што живеат и растат во домовите за згрижување во Скопје најчесто живеат во супстандардни услови. Ги воспитуваат луѓе што не секогаш се стручни за тоа. Дури и директорот на домот кажа дека не сите воспитувачи знаат како да работат со децата.

Многу често се жртви на физичко и психичко малтретирање, што може да се види по нивното однесување, однесувањето на оние околу нив и по извештаите што ги објавува народниот правобранител.

Што вели народниот правобранител?

За насилството врз децата и лошите услови во кои живеат во институции од овој тип говорат и извештаите на народниот правобранител. Во нив се вели дека, и покрај забраната за физичко и психичко насилство, тоа сѐ уште е застапено кај децата згрижени во установите. Според народниот правобранител, особено загрижува фактот дека децата се плашат јавно да зборуваат за овие состојби, а уште помалку имаат храброст да побараат заштита од надлежните органи и институции. Во последниот извештај народниот правобранител напишал дека по сопствена иницијатива повел постапка за заштита на правата од сексуална злоупотреба на воспитаник во домот „25 Мај“-Скопје од страна на друг воспитаник, кој во меѓувреме поради полнолетство го напуштил домот.

- Народниот правобранител констатира дека установата нецелосно спровела постапка и не презела мерки за заштита на злоупотребеното лице, не го пријавила случајот во полиција, не повела постапка против лицето, иако постоеле индиции дека два дена пред неговото полнолетство тој сторил дело што е казниво со закон - пишува во извештајот.

Податоци за насилството има и во информацијата за насилство врз децата сместени во установи што ја подготвило одделението за деца од канцеларијата на народниот правобранител. Единствената ваква анкета е направена во 2009 година, а во неа учествувале деца од домовите „11 Октомври“, „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“. Според податоците од анкетата од домот „25 Мај“, вкупно 20 деца пополнувале анонимен прашалник. Податоците покажуваат дека поголемиот број деца не си ги знаеле своите права и се жалеле на физичко и психичко малтретирање од страна на вработените во домот. Според одговорите на штитениците, вработените најчесто ги влечеле за коса и за уши или им удирале шлаканици. Имало случаи и кога децата биле удирани со клоци, книги, прачки и слично. Во овој документ исто така пишува дека поголемиот број деца не го пријавувале насилството затоа што се плашеле и затоа што и по пријавувањето ништо не се решавало. Во еден од извештаите пишува дека децата се жалеле на недоличното однесување на ноќниот чувар.

Стевчо Соколов, директорот на установата, тврди дека вработените на ниту еден начин не вршат насилство врз децата.

- Откога јас сум директор на овој дом, тука нема насилство, а извештаите на народниот правобранител секоја година се сѐ подобри. Децата понекогаш лажно пријавуваат насилство од воспитувачите. Кога се работи со деца што се ранлива категорија потребно е со секое дете да се има различен пристап - во зависност од карактерот на штитеникот. Точно е дека не сите воспитувачи добро работат со децата, има и добри и лоши, сите имаат различен принцип на работа. Се случува брат и сестра да се степаат или штитениците меѓу себе, но воспитувачите не ги тепаат децата - тврди директорот.

Разговори за насилство врз децата слушнале и соседите што со години живеат во околината на домот.
- Со некои од децата сме разговарале, има многу мили деца што раскажуваат што им се случува во домот. Сме слушнале секакви приказни, некои од нив се многу страшни. Децата велат дека некои од воспитувачите ги тепаат и ги принудуваат на просење, а имало и доста случаи кога штитениците се обидувале да ни продадат украдени производи - велат соседите.

Некои од вработените во домот, кои сакаа да останат анонимни, велат дека најголем проблем децата имаат со ноќните воспитувачи - дека тие ги тепале.

Нема доволно кадар

Неофицијално, вработени во домот велат дека во институцијата се прават голем број абортуси на малолетните девојчиња. Според нив, често се случува воспитувачите да се затвораат во канцеларии и да ги оставаат децата без никаков надзор.

- Децата немаат компјутери, имаат лоши услови за живот. Се случува парите што им следуваат да ги земаат некои од воспитувачите. Храната е лоша. Домот немаше никаква програма за ресоцијализација и за анимација на децата. Дури пред неколку месеци почна да се подготвува - вели вработена во домот, која инсистираше да остане анонимна.

Установата се финансира од буџетот, кој се планира преку Министерството за труд и социјална политика и на годишно ниво изнесува околу 12.500.000,00 денари. Дел од активностите се финансираат преку Министерството за образование (околу 700.000,00 денари), а дел од сопствени приходи, кои се стекнуваат преку подготовка на топол оброк за народните кујни.

Директорот Соколов вели дека домот одамна има програма за работа, но сега се работело на модернизација и на програмата и на набавка на компјутери за децата. Тој вели дека буџетот што го има не е доволен за да може да постигне сѐ.

- За секоја набавка што треба да ја направам, за најмалите пари што треба да ги подигнам, јас треба да барам дозвола од Министерството. Во вакви случаи се случува да не им дадеме џепарлак на децата, но потоа им надоместуваме. Неколкупати ни се случило да немаме нафта за греење или пак нешто друго, но се снаоѓаме на некој начин - објаснуваше Соколов.

Тој смета и дека во домот нема доволно кадар, а некои од воспитувачите што работат со децата немаат осет како треба да се работи со овие деца. Соколов вели дека еден воспитувач треба со секое дете да има посебен и различен однос, затоа што сите деца имаат различни карактери. За абортусите кај малолетните девојчиња вели дека имало случаи, но тие не биле чести.

Во текот на нашите посети успеавме неофицијално да поразговараме со воспитувачите. Во разговорите воспитувачите кажаа дека организацијата на институцијата е лошо поставена, но и дека на државата не ѝ е многу грижа за овие деца. Велат дека немаат пари да им овозможат некои поубави работи на децата.
- Да имаме пари, знаеме како ќе ги анимираме децата. Ние не можеме да ги поттикнеме да одат на јазик, на спорт или на некоја друга активност затоа што немаме доволно финансии. Овие деца тука се како и сите други и сакаат да им се посвети повеќе внимание - ни рече една од воспитувачките.

ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА ЌЕ ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ

Професорката Милошевиќ-Николовска вели дека овој проблем на децата згрижени во институциите може да се реши со згрижувачки семејства, нешто слично како „СОС-детско село“.

- Во згрижувачки семејства децата ќе имаат поблизок однос со родителот. Ќе разговараат често, тој ќе може да им посвети повеќе внимание, со што однесувањето на децата ќе биде многу поинакво од она во институцијата. Вака децата ќе имаат чувство дека живеат во семејство - вели професорката.
Директорот на домот објасни дека се работи на модернизација на домот и нова програма за работа. Планираат да направат чајни кујни во кои децата заедно со воспитувачите ќе си ги организираат оброците. Секој воспитувач ќе има група од пет до осум деца за кои ќе се грижи.

- Наскоро ќе ги одделиме децата од сиромашни семејства со оние со воспитни проблеми. Ќе бидат сместени во различни објекти што се во рамките на домот. Сега правиме и станбени единици, односно чајни кујни каде што децата ќе поминуваат повеќе време со воспитувачите. Ќе има по двајца воспитувачи за неколку деца, по еден воспитувач за прва и по еден за втора смена. Мислам дека вака децата ќе имаат поблизок однос со воспитувачите и ќе има поголема доверба помеѓу нив. Друга позитивна работа од ова е што децата ќе ги подготвиме за кога ќе излезат од домот да знаат да приготват јадење - објасни Соколов.

Експертите предупредуваат дека сѐ додека не се смени ставот на општеството и на граѓаните кон децата сместени во институциите, нивниот живот нема да биде нормален. Секогаш ќе има нешто што овие деца ќе ги враќа кон примарните инстинкти. Ќе се повлекуваат во себе, а можно е и да му се вратат на криминалот. Мора да им се даде шанса за да можат да успеат и за да не создаваат поколенија што ќе ја имаат истата судбина како родителите.

Прашања за насилството врз децата во институциите и за финансиската состојба на домот испративме и до Министерството за труд и социјала, но досега оттаму не добивме одговор.


Кој го врши насилството

47,17%  никој психички не ги малтретира, понижува или навредува
24,53%  од децата  не дале никаков одговор на ова прашање
16,98%  често се врши од поголем број вработени во установата
11,32%  се врши ретко и само од одредени лица


Најчести форми на насилство

50,94% не одговориле на ова прашање што може да се толкува дека
            не се врши никаков вид физичко малтретирање или дека        
            децата се плашат да одговорат за начините на кои врз нив
            се врши физичко насилство
18,87% со влечење за коса или за уши
16,98% со шлаканица
13,21% на друг начин, односно децата се удирани со предмет, книга, клоца, прачка и сл. 

(Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), a е финансиран од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Содржината на текстот е одговорност единственo на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија или на МИМ).

 

 

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.