Во момент на целосна доминација на комуникациската технологија, глувонемите лица остануваат без елементарна комуникација, слепи пред ТВ – екраните од кои треба да ги добијат секојдневните неопходни информации. Од Националниот сојуз на глуви и наглуви за позитивен пример ги издвојуваат само емисијата „Светот на тишината“ што се емитува на МРТ како и толкувањето на вести на ТВ 24 Вести.
|
„Глувите лица треба да имаат достапни информации од сите сфери на животот, кои што ќе се пренесуваат повеќе пати во текот на денот и на повеќе медиуми“ – Томица Стојановски, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви.
Отсутен толкувач на знаковен јазик честа слика пред екраните на националните телевизии
Во Република Северна Македонија само една од телевизиите кои емитуваат програма на ниво на целата држава има емисии наменети за лица со попреченост, и само таа има ангажирано толкувачи за толкување на програмата правејќи ја достапна за сите. Станува збор за Јавно радиодифузно претпријатие МАКЕДОНСКА РАДИОТЕЛЕВИЗИЈА Скопје.
„Со години се снимаат и емитуваат емисиите „Петтиот ангел“ за лица со инвалидитет и „Светот на тишината“, наменети за луѓето со тешкотии во слухот и говорот. Тие се емитуваат по два пати месечно, со уште по најмалку две репризни изданија, а се емитуваат и на првиот програмски сервис, но и на Собранискиот канал, како и на сателитскиот сервис на МТВ“ објаснува Виолета Совкаровска, новинар во МРТ.
Во Македонската телевизија работат тројца преведувачи – толкувачи на гестовен јазик. „Едниот ги подготвува редовните емисии, наменети за глувонемите лица. Другите двајца се ангажирани во информативната програма. Секојдневно получасовни вести се емитуваат на програмата, како и некои од дебатните емисии се покриени и со превод на гестовен јазик“ – вели Совкаровска.
Севкупно, во јавниот радиодифузен сервис, околу пет часа неделно се покриени со толкување – вестите и емисиите.
Во 21ТВ нема конкретни емисии или програма со преведувачи-толкувачи за глувонемите лица. Оттаму со објаснување: „Многу често во нашите попладневни емисии кои се од забавно информативен карактер имаме гости или одработуваме теми на оваа проблематика. Доколку имаме гости во студиото кои се глувонеми лица, секако дека има преведувач-толкувач. Како во емисиите, така и во вестите (информативните изданија) третираме теми кои се однесуваат на овие лица“ изјави Един Растодер, заменик главен и одговорен уредник во 21ТВ. Тој потенцираа дека немаат вработено лице за превод-толкување, ниту посебна емисија и програма за глувонемите лица.
Во телевизија Телма нема содржини, емисии наменети за глувонемите лица и лицата со попречености и нема ангажирано толкувачи. „Според потребите за одредени емисии користиме хонорарно ангажирани лица. Немаме превод во редовните програми освен по потреба кога правиме емисии за лица со попреченост. Толкувачите се застапени само во емисиите за лицата со попреченост“ изјави Снежана Лупевска Созен, одговорен уредник во телевизија Телма.
Телевизија СИТЕЛ во моментов нема вработено лице на позицијата преведувач/толкувач за лица со попреченост. Кога постои потреба од толкувач, медиумот хонорарно ангажира толкувачи, најчесто за лицата со оштетен слух.
„Меѓутоа во насока за поедноставен пристап до сериите на лицата со попреченост речиси сите турските серии, кои се емитуваат на СИТЕЛ Телевизија се надсинхронизирани на македонски јазик од актери, со што истите се подостапни за одредени групи на лица со попреченост“. – појаснува Виктор Стефановски, извршен продуцент од телевизија Сител.
Во повеќе ситуации толкувачи биле ангажирани за емисијата ,, На иста страна” , за некои разговори во рамки на утринската програма ,,Ја сакам Македонија” , а во неколку наврати толкувач преведувал прилог кој оди во рамки на Дневникот на СИТЕЛ.
И во Телевизија Алсат-М нема емисии наменети за глувонемите лица и не се ангажираи толкувачи. –„За жал, одговор е НЕ за сите прашања“ изјавува Адмир Ќосе, уредник во Алсат.
Неодамна, Телевизија 24 Вести започнаа да ангажира толкувач за вестите во 20 часот. Присутноста на толкувач со задоволителен кадар во главните вести е огромна промена и чекор напред во информираноста на лицата со попреченост. Ова е првата комерцијална телевизија која ја воведе оваа промена и е добар пример за сите други.
АВМУ мотивира, телевизиите незаинтересирани
Според Конвенцијата за правата на лица со инвалидност, која Република Македонија ја ратификуваше на 5.12.2011 година, државата е должна ги да ги поттикнуваат масовните медиуми, вклучувајќи ги и оние за обезбедување на информации преку интернет, да обезбедат достапност за лицата со инвалидност.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности – (АВМУ), се повикуваат на Законот за аудио и аудиовизуелни уметности, според кој обврски да создава и емитува програми наменети за сите сегменти на општеството, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби има само Јавниот радиодифузен сервис и во таа насока тие можат само да ги мотивираат да ги направат програмите пристапни за лицата со сетилна попреченост.
„Се обидовме да ги мотивираме, пред сѐ, поради тоа што самите тие програми кои ги прават достапни за лицата со сетилна попреченост се во интерес на телевизиите, не само што го подобруваат нивниот имиџ на почитување, пред сѐ, на човековите права, но и исто така имаме сознание дека има и финансиски мотив за такво нешто. Според некои наши мерења дојдовме до сознание дека ваквите видови на програми некаде ја подигнуваат гледаноста и до 20 проценти“ – изјави Сашо Богдановски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности.
Според прирачникот „Како да се обезбеди пристап до програмите за лица со попреченост“ од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, телевизиите треба:
- да го зголемат поделениот екран со толкувачот
- вестите преведени на знаковен јазик на МРТ1 да се емитуваат во ударно време (по 17 часот)
- телевизиите да користат истовремено знаковен јазик и титлување на програмите
- телевизиите на знаковен јазик да преведуваат што е можно повеќе програми (вести, информативни, документарни, образовни програми, временска прогноза, спортски програми, сервисни информации и други)
- телевизиите да ги распоредуваат програмите пристапни за глувите во вечерните термини
- телевизиите да вложат напор да обезбедат повеќе емисии со пристап за деца
Од АВМУ дополнуваат дека не се искористени можностите што ги дава дигиталното емитување на програмата, затоа што тоа овозможува многу едноставно да се додаде титл на програмата и тие воедно да бидат достапни и на тој начин. Или, пак аудио опис кој што ќе биде интегриран, исто така, во програмската понуда на сервисот.
Па така, три години по усвојувањето на Програмата за обезбедување достапност до медиумите на лица со сетилна попреченост на АВМУ, сѐ уште нема напредок и интерес од телевизиите да потпишат Корегулациски акт кој што ќе овозможи телевизиите својата програма да ја направат пристапна за лицата со попречености.
Сојузот и толкувачите со самостојни напори за подобрена информираност на лицата со попреченост
Националниот сојуз на глуви и наглуви е во процес на подготовка на проект со назив „Интернет ТВ за глувите“ чија цел е во соработка со неколку национални телевизии да пренесуваат дневни информации од различни сфери на животот што тие ги објавуваат на нивната програма, а со помош на толкувач на знаковен јазик на веб – страната ќе бидат достапни за глувите во кое било време од денот.
„Еден позитивен чекор на подобрување на ситуацијата на глувите од аспект на нивната информираност е проектот што НСГНРМ се надева дека ќе го спроведе во пракса во почетокот од наредната година. Исто така, се надеваме дека националните телевизии ќе ги прифатат барањата од НСГНРМ и од глувите лица за да се зголеми бројот на емисии кои што ќе бидат толкувани на знаковен јазик на интернет телевизијата“ – изјави Томица Стојановски, претседател на НСГНРМ.
Славица Стефаноска, секретар на Здружението на глуви и наглуви – Охрид, изјави дека понекогаш помага за толкување на вести за глуви лица на охридската телевизија ТВМ. Таа била и дел од неколку емисии на телевизиите Канал 5 и Сител, каде учествувале членови од здружението. Стефаноска не е задоволна и покрај тоа што сега се прават напори и многу телевизии имаат вклучено толкување на некои делови од програмата.
„За да се подобри ситуацијата, мои лични идеи и мислења се прво филмови и серии со титл, за да може да ги гледаат и да учат зборови со читањето, како и емисии со прашања и одговори за нив“ – препорача Славица Стефановска.
Медиумските работници не треба да се повикуваат на Законот кој го обврзува само јавниот радиодифузен сервис, тие треба да настапат на сцена и да преземат активности и мерки со кои ќе ги направат медиумските содржини достапни за сите. Новинарите имаат морална одговорност да им овозможат пристап до информации на лицата со попреченост и со тоа да го обезбедат исполнувањето на нивните основни човекови права, тоа може да се постигне само доколку се обезбеди еднаков пристап до информациите на сите.
Автор: Ангела Рајчевска
Сторијата е објавена на веб-платформата „inbox7.mk“.
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.