Само малкумина со проблеми со слухот завршуваат факултет. Според Националниот сојуз на глувите, во последната година само пет лица со оштетен слух завршиле факултет и тоа со помош на придружници.
Барањата на Националниот сојуз на глувите и наглувите за отворање на градинки и адаптирање на постојните основни и средни училишта за настава за учениците со пречки во говорот и слухот, наидоа на „глуво уво“ од страна на државните институции. Законот за употреба на знаковниот јазик, кој беше усвоен во 2009 година, не се применува во секојдневниот живот. Мал е бројот и на телевизии кои на своите екрани имаат толкувачи за глувонемите лица.
Од Националниот сојуз на глувите и наглувите велат дека проблемите на луѓето со оштетен слух и говор се од различна природа. “Социјалната помош која ја примаат глувите лица не е доволна. Тие се дискриминирани за разлика од другите лица со попреченост, како што се слепите, или, пак, тие со телесна попреченост, кои, на пример, примаат 7000 денари, додека лицата со оштетен слух земаат само 4000 денари социјална помош! Тука очигледно е дека има разлики“, вели Лиза Велковска од Националниот сојуз на глуви лица. И оваа категорија на граѓани, како и сите други имаат потреба од образование. Меѓутоа, актуелните услови во училиштата не се соодветни за оваа категорија ученици.
“Министерството за образование испланирало овие деца да се вклучат во редовните училишта за да се социјализираат, но, во пракса многу е тешко нивното вклучување, затоа што тие бараат посебно внимание. Исто така, во училиштата нема доволно наставници по знаковен јазик. Навистина е тешка инклузијата во образованието на овие лица поради фактот што не се на исто ниво со другите деца“, вели Велковска, додавајќи дека во Македонија постојат само две училишта за оваа категорија на луѓе – основното училиште „Кочо Рацин“ во Битола и средното училиште „Партениј Зографски“ во Скопје,.
“Јас имам дете со проблеми со слухот, но во нашата земја нема градинки за овие деца. Мислам дека претшколската настава е многу корисна за овие деца за да се подготват за основно и средно училиште. Овие деца тргнуваат во училиште во Битола без познавање на основни работи. Тие немаат образование до 6 годишна возраст“, додава Велковска, која истакнува дека потребата за отворање на градинки и паралелки во некои училишта е повеќе од итна. Исто така, мал е бројот на глувонеми лица кои завршуваат факултет. Според Националниот сојуз на глувите и наглувите, само пет лица завршиле факултет во последната година и тоа со помош на придружници.
Ружа Мишева е глувонема уште од 4 годишна возраст како последица на менингитис. Таа постојано е придружувана од нејзината роднина Славица, при што зборуваат преку знаковниот јазик. Во животот сакала да биде новинарка, но неможноста за школување и го ограничи нејзиниот сон. Веќе осумнаесет години е пензионерка а претходно работела во печатница во Струга.
“Мене повеќе ме интересираат телевизија, вестите, затоа што сум сонувала да бидам новинарка во животот. Но, поради тоа што сум лице со попреченост, потребно ми е толкување вестите на знаковен јазик. Не ми се допаѓаат синхронизираните филмови, затоа што немаат превод за да можам да читам и да разберам што зборуваат ликовите од филмовите. Многу е тешко да ги разбереме медиумите. Новинарите треба кратко и јасно да се изразуваат, затоа што јазикот на глувонемите е многу сиромашен и информациите не може да се доловат во целост. Во весниците среќавам многу зборови кои се компликувани за мене, затоа што имам само основно и средно образование. Во мое време, пред 40 години, немав можност за понатамошно школување, но и денеска гледам дека глувонемите лица се соочуваат со истите бариери“, вели за Мишева.
Во меѓувреме, Министерството за образование потврди дека недостигаат условите за оваа категорија на луѓе, но, велат дека децата со проблеми со слухот наставата може да ја следат во специјални училишта, или да бидат дел од посебните паралелки за ученици со оштетен слух во редовните основни училишта. Од МОН додаваат дека средното образование за оваа категорија на ученици продолжува во државното училиште за едукација и рехабилитација „Партениј Зографски“, кое е сместено во Скопје и каде што има подготвен персонал и соодветни едукативни програми, како и дом за учениците.
Автор: Дељвина Крљуку
Сторијата е објавена во дневниот весник „Коха“
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.