Децата со аутизам имаат можност да се образуваат во специјални училишта. Родителите на овие деца велат дека условите што ги нудат специјалните училишта не се на високо ниво, особено за децата од албанската етничка заедница. Од друга страна, наставниците од специјалното училиште „Иднина“ велат дека веќе се оформени паралелки каде што се вклучени децата од албанската етничка заедница, наведува весникот „Коха“.
Но, целта и на родителите и на Министерството за образование е како да овозможат овие деца да се приклучат во редовните училишта. Емша Ферати е мајка на едно 12-годишно дете со аутизам, која се преселила од Тетово во Скопје за да му овозможи подобри услови на нејзиното дете.
За да го социјализира своето дете, таа го пратила на училиште, но, тоа не го добило истиот третманот како и сите други деца, и затоа одлучила да го премести во специјалното училиште „Иднина“ во населбата Север во Скопје. Продолжувањето на образованието донело нови предизвици за Емша, како што се немање на соодветен превоз, основни услови и професионален кадар во училиштето каде што посетува настава нејзиното дете со аутизам. “Мојот син оди во специјално училиште. Во училиштето недостасува стручен кадар, нема логопед Албанец. Албанските паралелки се пренатрупани со многу ученици. На училиште патувам заедно со синот, но и останувам со него на часовите. Патуваме секој ден со автобус, но бидејќи понекогаш се соочува со кризи, тој знае да реагира. Тоа предизвикува реакции кај граѓаните во автобусот, па затоа многу често сум принудена да патувам со такси“, вели мајка Емша.
Таа додава дека во македонските паралелки има дефектолог, логопед и психолог Македонец, додека пак во албанската паралелка има само дефектолог Албанец, но не и логопед. Наставничката Авидан Имери, која е дефектолог во училиштето „Иднина“, вели дека се оформени паралелки со албански кадар. Додека, пак, родителите на децата со аутизам поради недостиг на логопед Албанец во училиштето „Иднина“, нивните деца ги носат на приватен логопед.
Во здружението „Интеракција Плус“ наставата се одржува и на албански јазик. Ана Петреска, оснивач на ова здружение, вели дека се вработени двајца наставници Албанци кои се занимаваат со спектарот на аутизмот. Но, многу родители се жалат дека немаат финансиска можност за нивното дете да го пратат на приватни часови кај логопед или психолог, затоа тие бараат логопеди, дефектолози и психолози Албанци.
Автор: Дељвина Крљуку
Сторијата е објавена во дневниот весник „Коха“
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.