Граѓански вести

Авторски осврт: Окружувањето може да ја нагласи попреченоста

Пишува: Маргарита Гулевска
Соработник за комуникации во „Отворете ги прозорците“

Прашањето на попреченост е актуелно само во круговите кои се засегнати со таа проблематика. Но, реалност е дека од 10-15% од популацијата се лица со попреченост и во недостиг на статистички податоци од Македонија, ни останува да и веруваме на Светската здравствена организација (СЗО).

Ако најмалку двеста илјади граѓани во Македонија се лица со попреченост, сте се запрашале ли зошто толку ретко ги среќаваме во нашето окружување? Зошто ги нема пропорционално во толкав број во нашето соседство, на училиште, на факултет, на работното место, во банка, на пазар?

Корените на односот кон лицата со попреченост низ призмата на милосрдие се премногу длабоки и оставаат траги. Семејствата кои имаат лице со попреченост, се затворени во многу тесен круг од долгогодишно талкање по решенија, кој страшно ги исцрпува и ги фрла во изолација.

Попреченоста е состојба која кај лицата манифестира намалена или изгубена способност за извршување на некоја функција. За една ваква состојба потребни се служби за поддршка кои ќе им помогнат да се ориентираат во околината, која за нив не е пристапна. А околината, пак, може да направи голема разлика - од една страна може да ја нагласи попреченоста, а од друга страна да ја направи небитна. Тоа можеме да го видиме низ следниот пример:

Вера има тринаесет години и е седмо одделение во едно скопско основно училиште. Вера е весело девојче и вреден ученик. Иако има церебрална парализа која ја има стекнато од раѓање, таа рамноправно напредува со своите врсници. Поради проблеми со моториката на рацете не може да користи пенкало, па за неа компјутерот беше основна алатка за описменување, а понатаму и за следење на наставата. Кога тргна на училиште знаеше да користи компјутер, бидејќи од петгодишна возраст доаѓа во Центарот за асистивна технологија на „Отворете ги прозорците“. Вера компјутерот го употребува со асистивни уреди и без нив компјутерот воопшто не и е од корист. Низ целиот образовен процес се појавуваат многу технички проблеми, но со силна поддршка на нејзиното семејство таа досега нема отидено на училиште без домашна задача.

И покрај тоа што ова е навистина позитивен пример, ако ја прашате мајката на Вера, Надјенка, таа низ воздишка ќе каже: „Се надевам само дека за генерациите што доаѓаат ќе биде поинаку и дека нема да има потреба да поминуваат по истиот пат“.

Во голем број случаи околината ја отежнува состојбата на лицата со попреченост. Слушаме животни приказни за неприфаќање, отфрлање, и тоа за некои семејства е сурова реалност. Нема служби кои може да им помогнат да го пребродат периодот на транзиција во различни фази на развој. Кога ќе се роди дете со попреченост на родителите им е потребна помош да ја прифатат новата состојба. Кај нас додека помине тој период, детето веќе треба да тргне во градинка. Аналогно со проблемите со кои се соочуваат од најмала возраст на своите деца, генерално застапеноста на лицата со попреченост се намалува секаде, како што се намалува и нивната сила од притисокот на системот кој не им овозможува да се изборат за основните права. На пример, едно истражување на „Отворете ги прозорците“ за потребите за Проектот на УСАИД за е-пристапно образование што се спроведува веќе четврта година, утврди дека застапеноста на учениците со попреченост во основното образование е помала од 2%, што е поразителен факт во однос на податоците за застапеноста на СЗО.

Нашата држава ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост пред малку повеќе од три години. Овој документ не промовира нови права, но ги изедначува со правата на сите граѓани. Конвенцијата одредува специфични мерки за реализација на истите права, како и за сите граѓани во државата.

Иако институциите прават поместувања, усвојуваат стратегии, дополнуваат закони, но тоа во пракса се’ уште не им помага на лицата со попреченост да ги остварат своите основни човекови права. Институциите не се хуманитарни организации и треба да преземат сериозни решенија кои на системски начин ќе им овозможат на лицата со попреченост и на нивните семејства подобри услови за реализирање на нивните права.

Сите заеднички треба да се избориме да се намали јазот што го создава окружувањето. Тоа ќе овозможи повеќе луѓе подеднакво да придонесат во општеството.

Сменете го погледот и ќе видите како и околината околу вас ќе почне да се менува.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.