Автор: Фросина Димеска
Новинар во „Нова Македонија“
Деновиве на македонските интернет-портали прочитав текст во кој се набројуваат дваесет машки стереотипи за жените. Како припадник на таа полова група, не се пронајдов во повеќе од половина од нив.
На пример, некои меѓународни истражувања заклучиле дека повеќето мажи мислат дека жените не поднесуваат алкохол од типот на пиво, или, пак, дека жените секогаш мора да се нашминкаат пред да излезат од дома…Нешто, што воопшто не ме карактеризира мене лично, иако како што вели текстот, мажите би ме сместиле во групата мразачи на пиво.
Стереотипите претставуваат ментална слика за поединец или група заснована врз предрасуди или полувистини за оние кои се разликуваат порасна, верска, полова, етничка или друга припадност. И тие постоеле отсекогаш, бидејќи на човечкото суштество му е многу полесно да ги складира сознанијата за светот ставајќи ги во одредени групи. Уште децата кога ги учат поимите, прво ја учат половата поделба, односно дека тие се девојчиња или машки и зависно од тоа, родителите им ги обликуваат сознанијата - што треба да прават, со што да си играат, а што е наменето за спротивниот пол.
Но, стереотипите може да бидат далеку по опасни кога се пренесуваат преку медиумите, бидејќи така поттикнуваат дискриминација, негативно мислење за „другиот“ кое може да доведе и до насилство. Таквото карактеризирање на „другиот“ особено се применувало за време на Втората светска војна од сите страни, со цел да се оцрни непријателот и да се оправдаат големиот број цивилни жртви и злосторства против човештвото, за кои всушност и нема оправдување. Сега во Европа, пак, голем проблем претставува стереотипизирањето на Ромите. Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, во извештајот за човековите права објавен во 2011 година, оцени дека е време да се промени новинарската етика и кодот на однесување, бидејќи преку еднострано известување се засилува ксенофобијата и се постигнува само евтин сензационализам.
Состојбата во медиумите во Македонија е речиси идентична. Обидете се да наброите што прво ви паѓа на памет кога некој ќе ги спомене Ромите? Веројатно дека тие се валкани, питачат, живеат во Шутка или Топаана, не се грижат за своите деца, играат и пеат цел ден и воопшто не ги интересира иднината?!
Секако, има и луѓе што не се согласуваат со ваквите претпоставки за припадниците на оваа заедница. Но, многумина го делат ова мислење, иако овие претстави не се вистинити и не може да се пресликаат врз сите Роми, бидејќи меѓу нив има и сосема спротивни примери. Тие претпоставки всушност произлегуваат од стереотипите коишто медиумите често ги поддржуваат и поттикнуваат при известувањето за Ромите. Стереотипите во најголем дел не ги креираат медиумите, туку тие потекнуваат од општеството, социјалната средина, опкружувањето, па дури и од политичарите. Но, новинарите, свесно или несвесно, за жал ги пренесуваат и со тоа дополнително ги засилуваат. Краткиот новинарски израз и желбата да се биде што поблиску до публиката придонесуваат за таков пристап кон оваа етничка заедница, која се чини е подложна на стеротипизација како ниту една друга.
Во македонските медиуми многу ретко се пишува за што било друго поврзано со Ромите, освен за темите што всушност произлегуваат од стереотипите за нив. Најчесто текстовите се однесуваат напроблемите со просењето, домувањето, здравстената негрижа, а во последниве години и на нелегалниот азил. На прсти може да се избројат новинарските приказани кои промовираат нешто надвор од стереотипите, односно некоја успешна приказна на припадник од оваа етничка заедница.
Така, на пример, во весниците осамнуваат написи со наслови: „Ромите куртулија, остануваат во старата сапунара“, кој алудира на тоа дека група луѓе живееала нелегално во конкретен објект. Постојано во текстот се нагласува дека се работело за Роми, иако е нејасно зошто е важна етничката припадност на жителите без документи. Па, се поставува прашањето - дали ако се работеше за Македонци насловот ќе беше: „Македонците куртулија, остануваат во старата сапунара“? Или, пак, наслови како: „Ромите просјаци ќе се тргаат од улиците“ од кои се добива впечаток дека најважно за проблемот со злоупотребата на децата е тоа што тие се припадници на ромската заедница, а не тоа што се злоупотребени.
Но, не се само Ромите „жртва“ на стереотипите во медиумите. Многу често при известувањата за прекршувањата на законите и криминалните дејствија се нагласува етничката припадност на извршителот, со што се создава краен впечаток дека одредена етничка заедница е криминогена, за разлика од другите. Стеротипите за жените, пак, кои ги промовираат македонските медиуми, често наоѓаат поддршка или се потикнати од изворите во текстот. Па, така ланската изјава на митрополитот Г. Петар кој вината за големиот процент на пропаднати бракови ја лоцираше кај жената, обвинувајќи ја дека не била смирена, туку била горделива и сакала да командува, притоа заборавајќи дека глава на куќата е мажот, „заслужи“ место дури и на насловните страници. Изјавата на свештеното лице, полна со стереотипи, ја пренесоа речиси сите медиуми, а само во дел од нив беше проследена со негативен новинарски коментар од аспект на дискриминација.
Дека жените според домашните стереотипи се уште треба да бидат оние кои седат дома и се грижат за семејството, покажуваат и наслови од типот: „Ни Балканците не се тоа што беа- газат жените во политика“. Во поддршка на друг стереотип - дека припадничките на овој пол се материјалисти, македонските медиуми пренесуваат и наслови како: „Жените се палат на пари: спонзоруша доби тоа што заслужи“?!
Новинарите и уредниците несомнено мора да внимаваат на употребата на стереотипите во медиумите. Темите секогаш имаат најмалку две страни, а луѓето кои припаѓаат на групата на која и се „лепат“ стереотипи, секако дека не се меѓусебно исти и секој од нив има различна приказна. Одговорноста на новинарите е да ја откријат, да ги видат сите лица, наместо најлесното - да посегнат во фиоката во која ги сместуваат предрасудите изградени од опкружувањето и да ги залепат во својот текст.
И според етичките и професионалните принципи, новинарите се обврзани да ги бранат човековите права, достоинството и слободата. Во членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија се наведува определбата дека тие нема свесно да создаваат, ниту преработуваат информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говорат со јазикот на омразата и нема да поттикнуваат насилство и дискриминација по која било основа, односно национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, по основа на сексуална ориентација или политичка определба. Затоа, нивната одговорност како бранители на човековите права е особено важна и треба да внимаваат при употребата на стереотипите, кои несомнено може да предизвикаат негативни ефекти.