Граѓански вести

Европскиот парламент со поддршка за Белата книга на МИМ

Иницијативата на Македонскиот институт за медиуми за продуцирање на Белата книга за подобрување на релациите меѓу граѓанското општество и медиумите беше истакната и поддржана во Резолуцијата за Извештајот за напредокот на Македонија за 2013 година, која Европскиот парламент ја усвои деновиве.

Белата книга е заеднички производ на претставници од граѓанското општество и новинарите, во кој се посочуваат некои од приоритетите и механизмите за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите. Целта на документот е да поттикне и поголема видливост на темите поврзани со човековите права во јавноста, како и поголемо влијание на граѓанското општество преку медиумите.

Инаку, во однос на прашањата од медиумската сфера, годинава во фокус на Резолуцијата на Европскиот парламент е влошувањето на репутацијата на државата во однос на медиумските слободи, при што се изразува и загриженост што заштитата на слободата на изразување од страна на различни и плуралистички медиуми слободни од политички влијанија, останува витален предизвик за државата. „...Недостигот од медиумски плурализам е делумно резултат на владиното рекламирање; (ЕП) ја истакнува потребата да се осигура независност и одрживост на јавниот сервис, охрабрувајќи ги авторитетите да усвојат заштитни механизми во медиумските закони во оваа насока; верува дека сегашните медиумски закони треба да бидат предмет на натамошни консултации и дијалог, со цел толку важни реформи да бидат прифатени само ако постои широка поддршка од новинарската заедница во државата; посочува дека се потребни се повеќе напори да се подобри и да се реобнови довербата меѓу Владата и медиумската заедница; ја поддржува иницијативата на Македонскиот интитут за медиуми за издавање на ’Белата книга’ за подобрување на релациите меѓу граѓанското општество и медиумите, со поддршка на ЕУ; ја потенцира потребата од поголеми напори за заштита на правата и независноста на медиумските работници; ја истакнува потребата за транспарентност во однос на медиумската сопственост.

Европскиот парламент ja истакнува и својата поддршка за разговорите меѓу Владата и Здружението на новинарите на Македонија, како механизам за натамошен напредок во насока на  обезбедување на слободата на изразување и подобри работни услови за новинарите. Во Резолуцијата се нагласува дека целосна слобода на изразување може да се постигне во општествата каде непречено функционира слободниот пристап до јавните информации, и каде постои простор за суштинска јавна дебата. Посочувајќи го примерот со затворањето на новинарот Томислав Кежаровски, европските институции уште еднаш истакнуваат загриженост за можноста од примена на селективна правда.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.