Граѓански вести

Од некаде мора да се почне

Автор: Владо Апостолов
Новинар во неделникот „Фокус“
Деновиве се најавува втората сезона на серијата Куќа од карти (House Of Cards) каде главната улога маестрално ја игра Кевин Спејси. На постерот за продолжението на приказната за макијавелистичката кариера на Френсис Андервуд (Спејси), како слоган за новите серии се користи фразата дека - демократијата е преценета.

Кој ја гледал првата сезона ќе ја сфати пораката, ама сигурен сум дека некое поголемо образложение не им е потребно ниту на оние кои секојдневно се будат во Македонија. За овие луѓе, од ова парче земја, не многу одамна Никола Младенов напиша дека тие би сакале да живеат во слободна и во демократска држава, ама ако може за таа слобода и за таа демократија некој друг во нивно име да се избори. Ако не, тогаш – добро!

Не ни можете да очекувате повеќе од луѓе кои не заработуваат повеќе од 300 евра месечно и чија главна преокупација е да преживеат. Таквите немаат време да се свртат околу себе, да видат што се случува со нивните пријатели и со нивните сограѓани и да проверат дали можеби ова општество, кое сите ние го сочинуваме, им нанесува некаква голема неправда. Кога е во прашање лебот, тогаш слободата и демократијата сведени на нивото на солидарноста и на соживотот, се само ситни монети кои без многу размислување ги даваме во рацете на оние неколкумина моќни.

Затоа навистина ми е тешко да пишувам што било за човековите права. Секој кажан или напишан збор на оваа тема во Македонија е како да се дереш на врвот од Мон Блан и тоа вечерта на 31 декември пред Нова Година, кога и најзакоравените алпинисти се некаде на топло и прославуваат. Со други зборови кажано, ти можеш да зборуваш, да пишуваш, па дури и да го дигнеш гласот, ама нема кој да те слушне. Сите ја прославуваат своjaтa дневнa порција леб!

Токму во ваква позиција се наоѓаат новинарите во Македонија исправени пред предизвикот дали „да се дерат од Мон Блан“ или да пишуваат за лебот кој го нема. За мене нема дилема - треба жестоко да се пишува и истражува и за двете работи.

Ерозијата на човековите права во Македонија одамна не е прашање на нечие мислење, став или на нечиј истенчен вкус. Не е прашање на став дали сте за хомосекуалната љубов или сте против неа, дали сте за секуларна држава или за државен апарат близок до црквата, дали ви е важна презумпцијата на невиност или побитно ви е да се полнат затворите преку цврстата рака на господарот. Во Македонија е опасно по живот ако некоја ваша потреба влегува во графата што некој некаде ја нарекол човеково право и следствено на тоа - опасно по живот е да застанеш во одбрана на тоа право. Како што реков, одамна не станува збор за ставови и за мислења.

Затоа не треба да ве чуди што речиси никој не се загрижи што луѓе со месеци скапуваат во притвор, иако на сите им е јасно дека ги исполнуваат сите услови да се бранат од слобода. Затоа не треба да ве чуди што никој, ама аполутно никој не се загрижува што некој одлежува затворски казни по судски процеси на кои што може и големиот Лазо Колишевски да им позавиди. Со кого и да разговарате на оваа тема полугласно ќе ви кажат оти им е жал за човекот, ама ќе додадат оти си го барал. А тоа „си го барал“ значело дека премногу зборувал.
Видете, во Македонија јавноста прифаќа дека наместо да добиеш тужба за клевета и за навреда, сосема е ОК да ти измонтираат судски процеси и да си лежиш минимум една деценија, чисто оти „си го барал“, многу си мудрувал и си чачкал мечку у ...

И ако постои некоја критична маса која сфаќа што се случува, и таа се обесхрабрува преку црните кампањи плаќани со државна пари или се заплашува со бруталните контрапротести. Затоа имате една апсурдна состојба кога неколку илјади граѓани ќе излезат и ќе го гушкаат ГТЦ за да се спаси трговскиот од барокот, ама никој, буквално никој од нив нема да го гушне затворот во Идризово или притворското одделени во Шутка поради неправдите врз неколку наши сограѓани.

И оној граѓански активизам што го имаме, испречен пред црната пропаганда за странски платеници и за предавници не сака да се замерува премногу, оти во Македонија се знае што добиваш кога „си го бараш“.

Кога некој ја критикува работата на новинарите во Македонија, јас речиси рефлексно враќам дека македонските новинари се онолку добри колку и македонските професори, адвокати и македонските лекари. Ние не сме нешто полоши или подобри од останатите! Ама тоа не значи дека ние новинарите не сме виновни што не разобличивме некои од апсурдните случаи и што не успеваме да ја убедиме јавноста дека луѓе лежат во притвор само зашто на некој начин се замериле со моќниците или зашто не ја притискаме полицијата да ги најде насилниците кои кога сакаат, го кршат ЛГБТ-центарот во Скопската чаршија.

Нашата работа е штитење на јавниот интерес, а во неговата срж се човековите права - од оние основните, па до оние што ги нарекуваат втора или не знам која генерација на човекови права.

Знам и многу аргументи во наша, новинарска полза: можам да кажам дека работиме во нечовечки услови со уште понехумани притисоци, а за возврат добиваме и малку признание и уште помалку пари, ама од некаде мора да се почне. Ние новинарите мора да почнеме да си ја вршиме работата и тоа да го докажуваме секој ден преку личните примери. Оти како беше онаа поговорка - ако сакаш да го смениш светот почни од себе! Нема поголема вистина.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.