Автор: Неда Чаловска
Граѓански активист и правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови
права
Ние, како општество, одамна ја изгубивме свеста за разликата меѓу доброто и лошото, заборавивме на моралните вредности на кои некогаш не учеа и кои некогаш постоеја.
Нѐ ни беше доволно секојдневното битисување во земјава, па моравме да си го зачиниме со нови стереотипи, како: подобни и неподобни, патриоти и предавници, верници и „богохулници“, протестанти и контра-протесанти, „соросоиди“ и „сендвич" активисти, антички Македонци и Словени, „про-геј“ и „анти-геј“, вакви, такви, никакви... И колку и да сакаме да кажеме дека ова е наметнато и е нечија политика од која не сме дел, не можеме. Затоа што не се спротивставуваме на секојдневното практикување на овие стереотипи, како во медиумскиот простор, така и во секојдневната меѓусебна комуникација, кои кулминираат со дискриминација, говор на омраза, а се почесто и со дела сторени од омраза. Не ги надминавме ниту стереотипите кон Ромите, кои остануваат да бидат најмаргинализираната и најдискриминираната етничка заедница во Македонија.
Во овој контекст, морам да ја споменам и прес-конференцијата на одредено ромско здружение за шарената зграда „Папагал“ во Општина Центар, на која беше изјавено дека оваа зграда е во „ромски стил“ и се испрати порака до градоначалникот на Општина Центар во иднина да се градат повеќе вакви згради за ромското население. Оваа прес-конференција беше проследена со бурни реакции од останатите ромски здруженија на граѓани и граѓански активисти дека Ромите се злоупотребуваат за дневно политички цели, што доведува до ситуација Ромите да се дискриминираат, стереотипизираат и исмејуваат самите себе.
Мене, пак, целава ситуација не ми е нималку чудна, посебно не кога се во прашање Ромите, со кои како најранлива етничка заедница, е најлесно да се манипулира. Впрочем, тие не прават ништо ново од она на што веќе сме навикнати и она на што ова општество ги научи - да се поделат меѓусебно по различни основи, да ја исмејат својата култура, својот идентитет, својата различност. Затоа сметам дека Ромите само го следат трендот на подвојување и себеисмејување, што како цел и не е тешко да се постигне, ако се земе предвид состојбата во која оваа етничка заедница опстојува.
Иако супстандардните услови во кои живее ромското население се реалност за сите региони во земјава, како пример кој не е многу познат во јавноста, ќе го наведам градот Кочани и старата касарна, која претставува импровизирано живеалиште на околу 35 ромски семејства.
Објектот е пред целосно распаѓање и се наоѓа на ридот над градот Кочани, изолиран од останатиот дел од градот. Дворот пред касарната служи како отпад за ѓубре на жителите, кој сериозно влијае на нивното здравје, особено на здравјето на децата. Според информациите од жителите, тие побарале од локалната самоуправа да им обезбеди контејнери во кои ќе можат да го фрлаат секојдневниот отпад, но до денес - нема одговор. Внатрешноста на објектот мириса на влага и мувла, како последица од распаднатиот кров од врнежите од дожд и снег. Немаат никакви услови за одржување на личната хигиена, поради тоа што постои само една чешма и едно монтажно ВЦ надвор од касарната, за сите 35 семејства. Единствениот приход на најголемиот дел од повеќечлените семејства е социјалната парична помош, за која основицата изнесува од 2.334,00 денари, а за секој член на семејството основицата се зголемува, но најмногу до пет члена и не надминува 5.500 денари.
Жителите на касарната истакнаа дека сакаат да работат и бараат работа, но работа за нив нема, со оглед дека се необразовани и се чувствуваат непожелни во градот. На прашањето дали се евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени кои активно бараат работа, наведоа дека не знаат што значи тоа, бидејќи кога одат во Агенцијата им кажуваат дека треба повторно да дојдат за 3 месеци и во меѓувреме никој не ги контактира за работа. Од ова може да се заклучи дека во Агенцијата се евидентирани како економски активни или неактивни лица кои не бараат активно работа и/или не се подготвени да прифатат работа. Исто така, не се информирани ниту за програмите за вработување на невработените лица-Роми, како што се Програмата за самовработување и Програмата за поддршка на Роми.
Во однос на образованието, велат дека се обидуваат децата редовно да посетуваат училиште, но имаат постојани проблеми околу обезбедувањето облека и храна, како и непостоење на услови за учење, поради што покажуваат многу слаби резултати. Низ солзи кажаа дека проблемот со одржување хигиена на децата е нерешлив, со оглед дека има само една чешма за сите 35 семејства и истата се наоѓа пред касарната. Поради ова, повеќето ромски деца оделе во едно основно училиште и не се дружат со останатите деца, од другите етнички заедници.
Според Локалниот акционен план на Општината Кочани за ромската заедница, во делот на комуналната инфраструктура, домување иурбанистичко планирање, уште во октомври 2011 година требало да се започне со изградба на живеалишта од тврда градба наменети за семејства со нерешенстатус на домување, а како приориетна целна група на овој проект се наведени сите регистрирани семејства кои живеат вообјектот на старата касарна.Сепак, до денес таков објект не е изграден, со образложение дека не се одобрени средства од централната власт.
Со оглед на фактот дека Ромите ги имаат истите проблеми ширум државата, како и пред 10 години, кога беше подготвена Стратегијата за Ромите во Република Македонија, време е да признаеме дека потфрливме во нејзината имплементација и обезбедување на минимум стандарди за живот на ромското население и вистинска инклузија во општеството. Ромите и понатаму остануваат да бидат дискриминирани, сегрегирани, социјално и општествено исклучени. Затоа, доста беше зачуденост и збунетост. Време е да се разбудиме, да ги надминеме предрасудите и стереотипите кои завладеаа со нашата свест во последните 10 години. И време е да покажеме меѓусебна сплотеност за проблемите кои сите нѐ допираат, но и солидарност кон социјално онеправданите, кои се сé побројни, вклучувајќи ги и Ромите.