Граѓански вести

ЦИВИЛ: Државните институции се најголеми дискриминатори

Речиси триста граѓани во Македонија се изјасниле дека биле жртви на дискриминација по различни основи. Од нив, во десетина случаи се работи за кршење на човековите права и слободи од страна на институциите.

Ова се само дел од заклучоците на Извештајот за состојбата со човековите права и слободи во земјата, што денеска го презентираше Цивил.

„Она што не прави поспецифични нас како држава, е непризнавањето и непочитувањето на правата на припадниците на маргинализираните групи од страна на институциите на системот. Токму од оние институции чиј мандат е заштита на маргинализираните заедници од дискриминација и насилство“, истакна Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.“

Ништо подобра не е ситуацијата и со младата популација во државата. Истражувања на  Македонскиот образовен форум (МОФ) покажале дека поголем број од младите незнаат ниту еден правен акт кој ја промовира антидискриминацијата.

„Младите денес се исклучени од одлучувањето. Средношколците немаат право на глас. Студентските сојузи се узурпирани од партиски контролирани студентски моќници. Студентите молчат бидејќи се плашат за студентското легло, се плашат нивните родители да не ја изгубат работата, средношколците стравуваат да не им се намалат оценките и поведението“, нагласи Марјан Забрчанец, извршен директор во МОФ.

За прекршувањето на човековите слободи се огласија и повеќе граѓански активисти во земјава. Тие ги презентираа сведоштвата на испитаниците за стравот на граѓаните според кои тортурата на работното место, прекршувањето на правото на штрајк, етничката и верската дискриминација, не се ништо ново и непознато за земјава.

„Во Македонија не треба да си експерт за човекови права за да видиш дека граѓаните своите права не можат да ги остварат или ако треба да ги остварат треба да имаат огромни заби и да гризат по државните институции за да дојдат до она право кое им следува. Кога ќе влезете во некоја државна институција имате една огромна листа, за се што треба да соберете за да го остварите своето право, а никогаш нема листа за тоа што ви следува од државата“, посочи активистот Џелал Хоџиќ.

Од Цивил сметаат дека институциите треба да покажат заинтересираност за овие бројки и да преземат итни чекори за подобрување на овие состојби.

 

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.