Граѓански вести

Меѓународен ден на Ромите

Светот денеска го обележува Меѓународниот ден на Ромите - 8 април. На овој датум во 1971 година во Лондон започна Првиот конгрес на Ромите.

По тој повод, дваесеттина години подоцна Обединетите нации го прогласија 8 април за Меѓународен ден на Ромите, со цел да се поттикне афирмирањето на ромската култура, но и да се подигне свеста за предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа заедница.

И покрај тоа што во голем број земји се спроведуваат најразлични програми и активности за интеграција на Ромите во општеството, тие се уште се соочуваат со дискриминација во различни сфери од секојдневното живеење. Голем дел од Ромите ширум светот сè уште живеат во гета, нивните деца не се целосно вклучени во образовниот систем, а честопати наидуваат на бариери во пристапот до здравствена заштита.

Во Македонија, Ромите се една од малцинските заедници, која според пописот од 2002 година брои околу 53 879 припадници. Со измените на Уставот од 2001 година, Ромите се признати како народ еднаков со сите останати граѓани.

Како една од најранливите заедници во земјава, Ромите и натаму остануваат на маргините на општеството, и покрај низа чекори и обврски кои ги преземаат надлежните институции за подобрување на состојбите. Особено алармантна е состојбата со децата на улица и со нивното образование, преголемиот број на деца во специјалните училишта, здравственото осигурување, правата на жените и девојчињата од ромската етничка заедница и двојната дискриминација со која тие се соочуваат.

Ромите во земјава честопати се предмет на дискриминација во медиумското известување. Во „Белата книга за приоритетите и механизмите за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за ефикасна заштита на човековите права“, се наведува дека медиумите и новинарите треба да бидат почувствителни во известувањето за етничките заедници, а особено за Ромите, со цел да се намалат предрасудите, стереотипите и говорот на омраза кон овие групи.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.