Граѓански вести

ХЕРА: Една година од ускратувањето на женските права

По повод една година од започнување на постапката за промена на Законот за прекин на бременоста, младинската група на ХЕРА излезе со став кој го пренесуваме во целост:

„Денес, на 29ти мај, се одбележува една година откако започна постапката за промена на Законот за прекинување на бременоста и една година од протестите на кои жените јавно и револтирано се огласија стоејќи зад нивното правото на избор.

Иако укажувањата за негативните страни беа гласно кажани, рестриктивниот закон беше донесен. Она што некои од медиумите се обидоа да ни го пренесат како порака од Министерот беше дека не постојат поголеми и позначајни промени во законот за абортус, туку, дека станува збор само за некои дополнувања и корегирања на терминологијата. Меѓутоа, тоа беше далеку од вистината со која се соочивме, а токму затоа можеби и треба да се наведат некои од тие “дополнувања” на малкуте дупки во законот.

Статистиката покажува дека секоја година бројот на извршени абортуси во Македонија се намалува, па од таму и прашањето која е основната цел на законот. Со новиот закон се наметнува задолжително време на чекање од 3 дена по советувањето на жената, со цел да се осигура дека е донесена вистинската одлука за прекин на бременоста, а тоа директно влијае на правото на телесен интегритет на секоја жена и девојка.

Според гинеколозите периодот на чекање директно влијае и го загрозува здравјето на жената, преку одложување на здравствената грижа, со што способноста на жената да пристапи до безбедни и легални услуги за абортус се доведуваат во прашање. Надлежните не можеа а да не нè информираат дека законот предвидува поголема и посигурна заштитна на жените при процесот на прекинување на бременост. Притоа не објаснија како тоа одложување на некоја медицинска услуга ќе донесе поголема заштита. Од друга страна пак, според Светската здравствена организација абортусот е една од најбезбедните медицински интервенции ако се изведуваат во соодветни здравствени установи и од обучен кадар. Овие стандарди во целост ги задоволуваат нашите болници и абортусот воопшто не претставува опасност по здравјето и животот на жената.

Во Македонија во последните 30 години не е регистриран ниту еден смртен случај како резултат на извршен абортус во безбедни услови. Овие се само дел од многубројните причини поради кои младинската група на ХЕРА повикува на поголема информираност на сите граѓани, која има за цел уживање на личното право на одлучување и контрола на раѓањето, а со самото тоа и контрола над своите животи. Правото на легален и безбеден абортус помага во независноста на жените и нивните одлуки за сопствениот живот, без никакво ограничување. За да се постигне тоа, неопходно е сите, вклучувајќи ги и младите да имаат соодветни, научно потврдени и релевантни информации кои ќе ја подигнат свеста за нивното сексуално и репродуктивно здравје и права. Од друга страна, како што и гинеколозите велат, овие промени ќе ги погодат оние најзагрозените, кои живеат во сиромаштија или се маргинализирани, затоа што за нив целиот тој административен пат е бариера за добивање соодветната услуга.

Од тука произлегува и потребата овој закон да биде променет и во него да бидат инкорпорирани сите принципи на легален и безбеден абортус, а пред се оние принципи коишто се однесуваат на унапредување на човековите права. Иако законот е донесен ние како млади активисти нема да прекинеме да ги информираме сите, вклучително и младите за важноста за пристап до легален и безбеден абортус и нивните права, а многу повеќе и за користењето на модерна контрацепција, која патем и не е на позитивна листа“.

Младинската група на ХЕРА

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.