Новинари од различни редакции во земјава се дел од обуката „Во чевлите на другиот“ која од 24 до 26 октомври се одржува во Охрид и има за цел да ги подготви новинарите за нови пристапи во известувањето за лицата со попреченост, притоа вклучувајќи ги основните принципи на инклузивното новинарство.
Учесниците на обуката ќе се стекнат со вештини и со поголемо разбирање за важноста од вклучување на темите за лицата со попреченост и ќе имаат можност да откријат нови перспективи за известувањето од оваа област. Работилницата ја водат, Даниела Драштата, новинарка во Хрватската радио и телевизија и Марина Тунева, професор на Институтот за комуникациски студии.
На работилницата, како гости-говорници ќе бидат поканети лица со попреченост да ги претстават своите искуства, предизвици и очекувања од медиумите. Како добри примери ќе бидат презентирани повеќе видео содржини на оваа тема произведени од медиумите во Македонија, Хрватска и од Словенија, а новинарите ќе симулираат и „редакција за инклузивно новинарство“ во рамки на која ќе се генерираат предлози и идеи за содржини за ТВ, радио, печатени или онлајн медиуми, во чиј фокус ќе бидат лицата со попреченост.
Оваа работилница е дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија , а е финансиран од Европската Унија.