Со пуштање на 100 светло сини хелиумски балони на плоштадот во Прилеп и редење на шарена сложувалка, прилепските основците го одбележаа Светскиот ден на лицата со аутизам.
Оваа активност e дел од кампањата „И ние сме тука“, што ја спроведе Асоцијацијата „Ластовица“, во соработка со ученици и наставници од Прилеп. Целта на кампањата е да се подигне свеста за присуството на лицата со попреченост, со акцент на децата со аутизам.
Во изминатиот период, како дел од кампањата, во основното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп беа организирани 12 креативни работилници со ученици од трето, четврто, петто, седмо и деветто одделение. Под менторство на 12 наставници и еден дефектолог, учениците подготвуваа хартиени балони, цртаа и испишуваа пораки за другарство, изработуваа сложувалка, брошури и налепници со симболи кои го претставуваат аутизмот или неделата на аутизам.
Исто така, учениците и одговорните наставници дискутираа за проблемите и потребите на лицата со попреченост и како може да се олесни нивната интеграција во наставниот процес.
Учениците ги претставија своите креации на изложбата која се одржа на 2 април во училишниот хол. На изложбата присуствуваа учениците и дел од наставниците од посебните паралелки и сите заедно искажаа поддршка за зголемување на свесноста за присуството на лицата со попреченост, за нивните права, но и за обврската на соучениците да им помогнат во нивната социјализација.
Потоа, сите наставници и одделенија кои беа вклучени во работилниците, заедно со промотивните материјали кои ги изработија, продолжија кон центарот на Прилеп, каде што делеа брошури, лепеа лепенки со симболи за аутизмот, редеа шарена сложувалка и на крајот пуштија 100 светло сини хелиумски балони.
Видео-прилог објавен на веб-порталот „Инфокомпас“:
Видео-прилог објавен на канал „Визија“:
Активностите од проектот „И ние сме тука“ на Асоцијацијата за права на деца и младинци со посебни потреби „ЛАСТОВИЦА“ – Прилеп, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.