Ученици од основни училишта од Скопје беа вклучени во четирите работилници наменети за поголема инклузивност на децата со образовна попреченост што се одржаа во текот на месеците февруари и март, каде учениците се дружеле и заеднички учеле преку едукативни игри.
Активностите се спроведуваа како дел од кампањата ,,Инклузија без граници”, во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“ кој го реализира Здружението „Мултиетничка организација за интернационални култури — МОЗАИК-М, Скопје“, a e поддржан од Институтот за медиуми и различности од Лондон (МДИ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) финансиран е од Европската Унија.
Главна цел на кампањата е прифаќање и инклузија на учениците со попреченост во образованиот процес преку креативни активности.
„За време на работилниците децата ни потврдија дека попреченоста е навистина само прашање на перцепција и не треба да не ограничува во играта, учењето и другарувањето. Вкупно 14 ученици беа вклучени од две училишта на територија на Град Скопје - ПОУ ,,Златан Сремец” и ООУ ,,Владо Тасевски”. Кампањата влијаеше во надминување на дискриминацијата и неприфаќањето на учениците со попреченост и создавање на меѓусебно разбирање на различностите помеѓу сите ученици“, велат од МОЗАИК-М.
Од здружението додаваат дека предизвик во иднина е целосна инклузија и вклученост на лицата со попреченост и не само во образованието, туку и во општеството како целина, со што ќе им се овозможи квалитетен и исполнет живот.
Активностите од проектот ,,Инклузија без граници” на Мултиетничката организација за интернационални култури — МОЗАИК-М од Скопје, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.