Изминатиот викенд во Националниот парк Маврово, осум планинари продолжија со подготовките за придружба на лица со оштетен вид во планина. Идејата на обуките е планинарите соодветно да се подготват со цел да им овозможат на лицата со оштетен вид излет во планина и да ги почувствуваат природните убавини.
Обуката се состоеше од теоретски и практичен дел во природа, осврнувајќи се на главните аспекти на движење на планина, заедно со лица со оштетен вид.
За лицата со оштетен вид природата не е лесно достапна и тие често зависат од своите блиски. Целта на кампањата „Осети природа“ е да поттикне соработка помеѓу планинарите и лицата со оштетен вид и на тој начин да им овозможи на овие лица да се охрабрат да излегуваат почесто од урбаната средина во природа и да ја уживаат со сите сетила. На тој начин, кампањата се обидува да влијае врз јавната перцепција кон лицата со оштетен вид, преку создавање позитивни примери за надминување на попреченостите.
По завршување на обуките за планинари, активностите ќе продолжат во доцна пролет кога ќе се организираат излети во планина за лица со оштетен вид.
Кампањата „Осети природа“ ја спроведува Здружението „НАТУРА МК“ од Скопје, со поддршка од Националниот парк Маврово, кој се приклучи кон овие активности со желба во иднина да ја изгради првата адаптирана патека за лица со оштетен вид во Македонија.
Активностите од проектот „Осети природа“ на Здружението „НАТУРА МК“ од Скопје, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.