Основци од кумановското училиште Толи Зордумис, низ едукација и креативни активности се запознаваа со попреченоста и со начините на инклузија на лицата со попреченост во општеството. Овие активности беа дел од двете работилници што ги организираше Едукативниот културен центар „Нана“ од Куманово, во рамки на кампањата „Нацртај попреченост“.
На работилниците младите се информираа за проблемите со кои се соочуваат нивните соученици со попреченост, а во исто време и искуствено се соочија со тие проблеми. Преку вежби, симулации и дискусии, учесниците поблиску се запознаа со потешкотиите со кои се среќаваат нивните соученици со оштетен вид и слух, како и децата со физички попречености.
„Едуцирањето на децата во рана возраст е една од најдобрите можности да ги научиме на одредени вредности. Токму од тие причини се спроведува и кампањата за подигнување на свеста за лицата со попреченост во училиштата, првенствено да им се укаже на учениците за важноста на грижата за нивните соученици кои имаат одредени пречки во развојот. Работилниците имаат цел да придонесат за поголемо разбирање на попреченоста, како да се комуницира со лицата со попреченост, објаснување на видовите на попреченост кои можеме да ги сретнеме кај другите ученици, како да им дадеме соодветна помош и поддршка, и како да го почитуваме концептот на еднаквост без оглед на попреченоста“, истакнаа едукаторите од „Нана“.
Оттаму додаваат дека мора да се стави акцент на општествено важни прашања и да им се даде приоритет. Училиштата се базата во која децата примаат општествено важни сознанија и информации кои ќе ги применуваат во текот на нивниот живот, особено кога ќе се вклучат во општеството како одговорни возрасни лица.
„Значењето на едукацијата за лицата со попреченост за време на образованието води кон инклузивно општество, во кое лицата со попречености се еднакви, прифатени и соодветно згрижени“, додаваат од Едукативниот културен центар „Нана“.
Активностите од проектот „Нацртај попреченост“ на Едукативниот културен центар „Нана“ од Куманово, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.