Што претставува инклузијата на лицата со попречност и како медиумите може да помогнат во промоцијата на правата на лицата со попреченост? Ова беа главните теми на двете работилници што ги организираше здружението „Еквалис“ со средношколци од училиштето „Браќа Миладиновци“ од Скопје.
На првата работилница, на која учествуваа ученици со и без попреченост од паралелки на македонски и на албански наставен јазик, учесниците дискутираа за тоа што е инклузија, а што сегрегација и интеграција како спротивни концепти на инклузцијата. Исто така, учениците споделија и примери на сегрегација или инклузија на ученици со попреченост преку конкретни примери од нивната околина.
Медиумските кампањи беа претставени како алатка за застапување на правата на лицата со попреченост. Поделени во групи, учениците изработија скици за медиумски објави за различни видови на настани кои што тие сакаат да ги видат во нивното училиште, на теми поврзани со инклузивност на часовите по физичко, пристапност на училишната зграда, натпревари по пливање за лица со физичка попреченост итн. Иста така, учениците определуваа најсоодветните медиуми преку кои би информирале за училишните активности (веб сајтови, социјални мрежи или весници).
На втората работилница за медиумско претставување на лица со попреченост беше презентирана и дискутирана улогата на медиумите во промоција на правата на лицата со попреченост. Учениците научија што се медиумски кампањи и која е нивната функција во зголемување на јавната свест за пристап до права на лицата со попреченост и анализирааа некои од постоечките кампањи што досега биле спроведени во Македонија. На крајот, учениците изработија свои пораки коишто сакаат да ги испратат до јавноста, а се однесуваат на инклузијата на лицата со попреченост.
Пораките за социјални инклузија беа дистрибуирани низ училиштето, но исто така и на социјалните мрежи на Еквалис, како гласовите на овие средношколци би стигнале до што поголем број на граѓани.
Активностите од проектот „Медиумско претставување на мајки на лица со попреченост“ на Здружение за едукативен развој ЕКВАЛИС од Скопје, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.