Здружението на слепите лица на Општина Велес ја претстави Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попречениот подготвена на Брајово писмо и снимена во аудио формат, за време на седницата на Националното координативно тело за имплементација Конвенцијата, што се одржа во просториите на Владата на Република Северна Македонија.
На настанот се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која изрази поддршка за иницијативата за изработка на Конвенцијата на Брајово писмо, бидејќи на тој начин им се овозможува на граѓаните со оштетен вид да бидат информирани и свесни за своите права.
Владо Крстовски, претставник на Национален совет на инвалидски организации на Македонија, потенцираше дека целта на оваа иницијатива е да им овозможи поголем пристап до информации на слепите лица, кои за жал во изминатите скоро осум години од ратификацијата на Конвенцијата не можеа соодветно да се информираат за своите права.
Здружението на слепите лица од Велес ја изработи Конвенцијата на Брајово писмо и во аудио формат со поддршка од проектот „Попреченоста е прашања на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
„Целта на проектот е да ја подобри видливоста на лицата со попреченост во медиумите, и на тој начин да придонесеме кон подобро разбирање на оваа група граѓани од страна на пошироката јавност“, истакна Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми. Таа додаде дека се спроведуваат низа активности за подобрување на ефикасноста во комуницирањето со јавноста од страна на граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попречност, како и за поддршка на новинарите за практикување на инклузивно новинарство.
Дел од присутните гости апелираа оваа иницијатива да биде дополнителен поттик за институциите и за сите засегнати страни да поддржат подготовка на разновидна литература на Брајово писмо, за да можат и лицата со оштетен вид да се едуцираат и информираат, како и сите други граѓани.
Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Брајово писмо и во аудио формат ќе биде достапна за граѓаните преку 18-те Здруженија на слепи лица ширум земјава.