Лица со попреченост и нивните родители, осознаваа како подобро да се дружат и интегрираат во средината и општеството на различни работилници наменети за социјални вештини организирани од невладината „За среќно детство“. Целта беше како индиректно да се влијае на нивната самодоверба и развој во рамките на проектот „Попреченоста е перцепција“ организиран од Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет за инвалидски организации, а финансиран од страна на Европската унија.
Невладината „За среќно детство“ се фокусираше на социјалните вештини и потребата од нивно познавање заради тоа што непоседувањето на социјалните вештини може да доведе до висок степен на анксиозност и проблеми во училиштето и средината во која тие живеат. Преку различни работилници, разговори и забава, лицата со попреченост и нивните родители стекнуваа различни вештини, како да другаруваат и како да се однесуваат во различни средини.
Од месец март оваа година кога беше одржана првата Работилница по градинарство на која учествуваа околу 40 лица со попреченост со нивните родители, како и студенти од Институтот за социјална работа и социјална политика, до последната и завршна Работилница на тема – Подготвуваме коктели, лицата со попреченост покажаа дека можат, сакаат и се способни да работат и соработуваат.
Инаку, во рамките на работилниците се учеше и применуваше таканаречена „асертивна комуникација“што е важен начин на комуницирање особено кај лицата со попреченост, бидејќи е поврзан со бранење на сопствените права и вредности, но поставување на граница во комуникација со другите. Лицата кои беа присутни на работилницата учествуваа во практични вежби и учеа како да кажат НЕ на барањата на другите.
Воедно, имаше работилница насловена „Позитивна психологија“ или - колку е потребно за среќа. Традиционалната психологија прашува “Што не е во ред со тебе?“, додека позитивната терапија прашува “Што е во ред со тебе и зошто?”. Во рамките на проектот четвртата работилница беше на тема Мултиетничко и културно дружење, а петтата „Готвиме заедно со лицата со попреченост“, на која волонтери готвеа и ги оспособуваат лицата со попреченост да подготвуваат одредени видови јадења, како што се салатите.
Проектот заврши со обуката за подготовка на безалкохолни коктели кои бесплатно се делеа на децата низ Градскиот Трговски Центар (ГТЦ) што покажа дека комуникацијата може да биде успешна.
Активностите од проектот „It is Up2U“ на За среќно детство од Скопје, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.