Европска социјална повелба (ревидирана)
Преамбула:
Владите потписнички, членки на Советот на Европа,
Имајќи предвид дека цел на Советот на Европа е да оствари потесно единство меѓу своите членки за да се сочуваат и остварат идеалите и принципите коишто се нивно заедничко наследство и да се поттикне нивниот економски и општествен напредок, токму преку заштита и развој на правата на човекот и основните слободи;
Имајќи предвид дека, согласно со одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи потпишана во Рим на 4 ноември 1950 година и на дополнителнитепротоколи, земјите-членки на Советот на Европа се согласни да им ги обезбедат на своето население граѓанските и политичките права и слободи наведени во тие документи;
Имајќи предвид дека, во согласност со одредбите од Европската социјална повелба која е отворена за потпишување во Торино на 18 октомври 1961 година и протоколите кон Повелбата, земјите- членки на Советот на Европа се согласни да им ги обезбедат на своето население социјалните права наведени во тие документи, со цел подобрување на нивниот животен стандард и нивната социјална благосостојба;
Потсетувајќи дека Министерската конференција за човекови права одржана во Рим на 5 ноември 1990 година ја нагласи потребата од заштита на неприкосновеното единство на сите човекови права, без оглед дали се граѓански, политички, економски, социјални или културни, од една страна, и давање на нов поттик на Европската социјална повелба, од друга страна;
Решени, како што беше одлучено во текот на Министерската конференција одржана во Торино на 21 и 22 октомври 1991 година, да ја надградат и усогласат суштинската содржина на Повелбата со цел земање предвид на основните социјални промени кои се појавија од донесувањето на текстот на Повелбата;
Препознавајќи ја предноста на воведувањето на правата гарантирани со Повелбата и нејзините измени, правата гарантирани со дополнителниот Протокол од 1988 година и дополнување со нови права, во ревидираната Повелба, која е создадена со цел постепено да ја замени Европската социјална повелба,
Се согласија со следново:
ПРВ ДЕЛ
Страните-договорнички прифаќаат како цел на својата политиката, што ќе ја водат со сите расположливи национални и меѓународни средства, да биде создавање на услови кои ќе овозможат ефикасна примена на следните права и принципи:
1. Секој треба да има можност да заработува за живот преку слободно избрана работа.
2. Сите работници имаат право на еднакви услови за работа.
3. Сите работници имаат право на безбедни и здрави услови за работа.
4. Сите работници имаат право на правична заработувачка што им обезбедува ним и на нивните семејства, пристоен животен стандард.
5. Сите работници и работодавачи имаат право на слобода на здружување во национални или меѓународни организации заради заштита на своите економски и социјални интереси.
6. Сите работници и работодавачи имаат право на колективно преговарање.
7. Децата и младинците имаат право на посебна заштита од физичките и моралните опасности на кои се изложени.
8. Вработените жени, во случај на мајчинство, имаат право на посебна заштита.
9. Секој има право да користи соодветни погодности за професионално насочување, со цел да му се помогне во изборот на професија соодветна на неговите лични способности и интереси.
10. Секој има право да користи соодветни погодности за стручна обука.
11. Секој има право да ги користи погодностите од сите мерки што му овозможуваат уживање на највисокиот можен достапен здравствен стандард.
12. Сите работници и лицата кои тие ги издржуваат имаат право на социјална сигурност.
13. Секое лице кое нема доволно средства за живот има право на социјална и медицинска помош.
14. Секој има право да ги користи услугите на службите за социјална заштита.
15. Лицата со посебни потреби имаат право на независност, социјално вклучување и учество во општествениот живот.
16. Семејството, како основна единица на општеството, има право на соодветна социјална, правна и економска заштита заради обезбедување на свој целосен развој.
17. Децата и младинците имаат право на соодветна социјална, правна и економска заштита.
18. Државјаните на било која од страните- договорнички имаат право да вршат доходовни дејности , на територијата на било која друга страна-договорничка, на рамноправна основа како и нејзините државјани, со ограничувања кои се засновани на убедливи економски или социјални причини.
19. Работниците-мигранти државјани на една од страните-договорнички и нивните семејства имаат право на заштита и помош на територијата на било која друга страна- договорничка.
20. Сите работници имаат право на еднакви можности и еднаков третман за прашања поврзани со вработување и професија без каква било полова дискриминација.
21. Работниците имаат право да бидат информирани и консултирани во рамки на претпријатието.
22. Работниците имаат право да учествуваат во определувањето и подобрувањето на условите за работа и работната средина во рамки на претпријатието.
23. Секое постаро лице има право на социјална заштита.
24. Сите работници имаат право на заштита во случај на престанок на работниот однос.
25. Сите работници имаат право на заштита на нивните побарувања во случај на несолвентност на нивниот работодавец.
26. Сите работници имаат право на достоинство на работното место.
27. Сите лица со семејни обврски и кои се вработени или сакаат да се вработат имаат право на вработување без да бидат предмет на дискриминација и колку што е можно повеќе без да се создаде конфликт помеѓу нивните работни и семејни обврски.
28. Претставниците на работниците во претпријатијата имаат право на заштита од дејствија кои би можеле да бидат штетни за нив и треба да им се овозможат соодветни услови за извршување на нивните активности.
29. Сите работници имаат право да бидат информирани и консултирани за постапките за колективен технолошки вишок.
30. Секој има право на заштита од сиромаштија и социјална исклученост.
31. Секој има право на домување.
ВТОР ДЕЛ
Страните-договорнички ги прифаќаат, како што е предвидено во дел III, обврските што произлегуваат од подолу наведените членови и ставови.
Член 1
Право на работа
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работа, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да прифатат како една од своите основни цели и одговорности постигнување и одржување на највисоко и најстабилно можно ниво на вработеност, со цел постигнување на целосна вработеност;
2. На ефикасен начин да го заштитуваат правото на работниците да заработуваат за живот преку слободно избрана работа;
3. Да воспостават или да одржуваат бесплатни услуги за вработување за сите работници;
4. Да обезбедат или да унапредат соодветно стручно насочување, обука и рехабилитација.
Член 2
Право на правични услови за работа
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на правични услови за работа, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да утврдат разумна должина на дневното и неделното работно време, со тоа што работната недела да биде постепено смалувана онолку колку што зголемувањето на продуктивноста и другите фактори тоа го дозволуваат;
2. Да предвидат платени државни празници;
3. Да обезбедат најмалку четири недели платен годишен;
4. Да ги елиминираат ризиците од професии кои по природа се опасни или штетни по здравјето, и онаму каде што тоа не е можно значително да ги елиминираат или намалат таквите ризици, да им обезбедат на работниците вработени на такви работни места скратено работно време или дополнителен платен одмор;
5. Да обезбедат неделен одмор кој ќе се совпаѓа што е можно повеќе со денот во неделата кој традиционално или вообичаено е прифатен како ден за одмор во земјата или регионот;
6. Да осигурат дека работниците се информирани во писмена форма во најкраток можен рок , а во секој случај не подоцна од два месеца по датумот на започнување на нивниот работен однос, за суштинските аспекти на договорот за работа и работниот однос;
7. Да осигурат дека работниците кои извршуваат ноќна работа ги користат мерките наменети за нив поради специфичната природа на работата.
Член 3
Право на безбедни и здрави услови за работа
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на безбедни и здрави услови за работа, страните-договорнички се обврзуваат, во консултација со организациите на работодавците и на работниците:
1. Да формулираат, спроведат и периодично да ја прегледуваат кохерентната национална политика за безбедност и здравје при работа и работна средина. Примарна цел на оваа политика е подобрување на безбедноста и здравјето при работа и спречување на незгоди и загрозување на здравјето, коишто произлегуваат од работата, се поврзани со работата и се појавуваат во текот на работата, особено преку сведување на минимум на причините за опасностите кои се неразделив дел од работната средина;
2. Да донесат прописи за безбедност и здравје;
3. Да овозможат спроведување на таквите прописи преку спроведување мерки за надзор;
4. Да го унапредуваат постепениот развој на службите за трудово здравје за сите работници, кои главно би извршувале превентивни и советодавни функции.
Член 4
Право на правична заработувачка
Со цел да обезбеди ефикасно остварување на правото на правична заработувачка, страните- договорнички се обврзуваат:
1. Да им го признаат правото на работниците на доволна заработувачка, која ќе им обезбеди ним и на нивните семејства, пристоен животен стандард;
2. Да им го признаат на работниците правото на зголемена заработувачка за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи;
3. Да им го признаат правото на работниците мажи и жени на еднаква заработувачка за еднаква работа;
4. Да им го признаат правото на сите работници на разумен отказен рок во случај на престанок на работниот однос;
5. Да дозволат одбитоци од платите само под услови и во рамките пропишани со национални закони или други прописи, или утврдени со колективните договори или арбитражните одлуки.
Примената на овие права мора да биде обезбедена или со слободно склучени колективни договори или со законски постапки за утврдување на платите, или на друг начин кој е во согласност со националните услови.
Член 5
Право на организирање
Со цел да ја гарантираат или да ја унапредат слободата на работниците и работодавачите да формираат локални, национални или меѓународни организации за заштита на нивните економски и социјални интереси и да се зачленат во овие организации, страните-договорнички се обврзуваат, со националното законодавство да не ја повредуваат оваа слобода, ниту да го применуваат на начин според кој истата се повредува. Обемот во кој гаранциите предвидени во овој член ќе се применуваат врз полицијата, ќе биде утврден според националните закони или прописи. Принципот според кој се раководи примената на овие гаранции за припадниците на оружените сили и обемот во кој тие ќе се применуваат за оваа категорија лица, исто така, ќе бидат утврдени со националните закони или прописи.
Член 6
Право на колективно договарање
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на колективно преговарање, страните- договорнички се обврзуваат:
1. Да ги унапредуваат заедничките консултации меѓу работниците и работодавците;
2. Да го унапредуваат, кога е тоа потребно и корисно, механизмот на слободни преговори меѓу работодавачите или организациите на работодавачите, од една страна, и организациите на работниците, од друга страна, со цел со колективни договори да се уредат условите за вработување;
3. Да го поттикнуваат воведувањето и примената на соодветни механизми за доброволно помирување и арбитража при решавањето на работните спорови;
и им го признаваат:
4. Правото на работниците и работодавачите на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото на штрајк, кое е ограничено со обврските што би можеле да произлезат од важечките колективни договори.
Член 7
Право на заштита на децата и младинците
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на заштита на децата и младинците, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да утврдат дека минималната возраст за вработување изнесува 15 години, со тоа што исклучоци, сепак, се дозволени за деца вработени на определени лесни работи без ризик по нивното здравје, нивниот морал или нивното школување;
2. Да утврдат дека минималната возраст за вработување на одделни утврдени работни места кои се сметаат како опасни или штетни по здравјето изнесува 18 години;
3. Да забранат лицата, кои се уште подлежат на задолжително образование, да бидат вработувани на работи коишто би ги лишиле од сите придобивки од нивното образование;
4. Да го ограничат работното време на лицата помлади од 18 години во согласност со потребите за нивниот развој и особено со потребите за нивната стручна подготовка;
5. Да го признаат правото на младите работници и приправници на правична заработувачка или на друг соодветен надоместок;
6. Да обезбедат часовите што младинците ги користат за стручна подготовка во текот на редовното работно време со согласност од работодавачот, да бидат сметани како составен дел на работниот ден;
7. Да утврдат минимум од четири недели платен годишен одмор на работниците помлади од 18 години;
8. Да забранат вработување на лица помлади од 18 години на ноќна работа, со исклучок на некои работни места утврдени со националните закони или други прописи;
9. Да обезбедат, лицата помлади од 18 години, вработени на некои работни места, определени со националните закони или други прописи, да бидат задолжени на редовна лекарска контрола;
10. Да обезбедат посебна заштита од физички и морални опасности на кои се изложени децата и младинците, а особено од оние кои се непосредна или посредна последица на нивната работа.
Член 8
Право на работничките на заштита на мајчинството
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работничките на заштита на мајчинството, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да им обезбедат на жените работнички, пред и по породувањето, одсуство од работа во вкупно траење од најмалку 14 недели, било како платено одсуство, било со соодветни надоместоци од социјалното осигурување или надоместоци од јавни фондови;
2. Да сметаат дека е незаконски кога работодавецот ќе даде известување за отпуштање од работа на жена за време на периодот откако таа го известила својот работодавец дека е бремена до крајот на нејзиното породилно отсуство или пак ако и даде известување за отпуштање со отказен рок кој истекува за време на породилното отсуство;
3. Да им обезбедат на мајките кои ги дојат своите новороденчиња доволни паузи наменети за таа цел;
4. Да го регулираат вработувањето на ноќни работни места на жени во текот на бременоста, жени кои неодамна се породиле и жени кои ги дојат своите новороденчиња;
5. Да забранат секое вработување на жени во текот на бременоста, жени кои неодамна се породиле и жени кои ги дојат своите новороденчиња на подземни работи во рудници, и на сите работни места што се несоодветни заради тоа што се опасни, штетни по здравјето или особено тешки, и да преземат соодветни мерки за заштита на правата од работен однос на овие жени.
Член 9
Право на професионално насочување
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на професионално насочување, страните- договорнички се обврзуваат да формираат или да унапредуваат, во согласност со потребите, служба која ќе им помага на сите лица, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, во решавањето на проблеми поврзани со изборот на професија или на унапредувањето во професијата, имајќи ги предвид индивидуалните способности и нивната поврзаност со можностите на пазарот на трудот; оваа помош треба да биде бесплатна, како за младинците, вклучувајќи ги и децата од училишна возраст, така и за возрасните.
Член 10
Право на стручна обука
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на стручна обука, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да обезбедат или да унапредуваат, во согласност со потребите, техничка и стручна подготовка на сите лица, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, во консултации со организациите на работодавците и работниците и да им обезбедат услови за пристап до повисоко техничко и универзитетско образование, исклучиво врз основа на индивидуалните капацитети;
2. Да обезбедат или да унапредуваат систем за стажирање или други системски облици на обучување на младите момчиња и девојки, за нивните различни занимања;
3. Да обезбедат или да унапредуваат, во согласност со потребите:
а) соодветни и лесно достапни можности за обука на возрасни работници;
б) специјални услови за професионална преквалификација на возрасни работници, која произлегува како потреба од технолошкиот развој или новите трендови при вработување;
4. Да обезбедат или унапредуваат, во согласност со потребите, посебни мерки за преквалификација и реинтеграција на долгорочно невработените лица;
5. Да го поттикнуваат целосното користење на предвидените погодности со соодветни мерки, како што се:
а) намалување или укинување на сите даноци или давачки;
б) давање финансиска помош во одделни случаи;
в) вклучување во редовните работни часови на времето поминато на дополнителна обука која работникот, на барање на работодавецот, ја имал во текот на работата;
г) обезбедување, по пат на соодветен надзор, а во консултација со организациите на работодавците и на работниците, на ефикасен систем на стажирање и на други планови за обучување на младите работници и, воопшто, соодветна заштита на младите работници.
Член 11
Право на здравствена заштита
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на здравствена заштита, страните- договорнички се обврзуваат, директно, или во соработка со јавните или приватните организации, да преземат соодветни мерки кои, меѓу другото, имаат за цел:
1. Да се отстранат, што е можно повеќе, причините за слабото здравје;
2. Да се обезбедат советодавни и образовни капацитети за подобрување на здравјето и развој на чувството за лична одговорност за здравјето;
3. Да се спречат, што е можно повеќе, епидемии, ендемии и други болести, како и несреќни случаи.
Член 12
Право на социјална сигурност
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на социјална сигурност, страните- договорнички се обврзуваат:
1. Да воспостават или да одржуваат систем на социјална сигурност;
2. Да го одржуваат системот на социјална сигурност на задоволително ниво, т.е. барем на ниво потребно за ратификација на Европскиот кодекс за социјална сигурност;
3. Да настојуваат, системот на социјална сигурност постепено да се подига на повисоко ниво;
4. Да преземаат мерки, преку склучување на соодветни билатерални и мултилатерални договори или на друг начин, и под услови предвидени во тие договори, со цел да обезбедат:
а) еднаков третман меѓу сопствените државјани и државјаните на другите страни- договорнички во однос на правата за социјална сигурност, вклучувајќи го и задржувањето на бенефициите што произлегуваат од законите за социјална сигурност, без оглед на тоа на која територија на страните-договорнички престојуваат социјално осигурените лица;
б) давање, зачувување или повторно воспоставување на правата на социјална сигурност со средства како што се акумулација на периодите на осигурување или вработеност, согласно со прописите на секоја од страните-договорнички.
Член 13
Право на социјална и медицинска помош
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на социјална и медицинска помош, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да обезбедат дека секое лице, кое не располага со доволни извори на приходи и кое не е способно само да ги обезбеди тие приходи или да ги добие од друг извор, особено бенефиции според шемите за социјална сигурност, да може да добие соодветна помош, а во случај на болест, неопходна нега во зависност од неговата здравствена состојба;
2. Да им гарантираат, на лицата кои користат таква помош од таа причина, дека нема да им бидат намалени политичките и социјалните права;
3. Да обезбедат сите лица да можат, преку надлежните јавни или приватни служби, да ги добиваат сите потребни совети и сета лична помош за да се спречи, отстрани или да се намали личната или семејната потреба за помош;
4. Да ги применуваат одредбите од став 1, 2 и 3 од овој член, на рамноправна основа, на своите државјани, како и на државјаните на другите страни-договорнички кои легално се наоѓаат на нивната територија, во согласност со обврските преземени со Европската конвенција за социјална и медицинска помош, потпишана во Париз на 11 декември 1953 година.
Член 14
Право да ги користи услугите на службите за социјална заштита
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на користење на услугите на службите за социјална заштита, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да поттикнуваат формирање или да формираат служби, кои преку користење на методи на социјална работа, ќе придонесуваат за благосостојбата и развојот на поединците и групите во заедницата, како и за нивно прилагодување кон општествената средина;
2. Да го поттикнуваат учеството на поединци и на доброволни или други организации во формирањето или поддршката на тие служби.
Член 15
Право на лицата со посебни потреби на независност, социјална интеграција и учество во општествениот живот
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на лицата со посебни потреби, на независност, социјална интеграција и учество во општествениот живот, без оглед на нивната возраст, природата и потеклото на нивниот инвалидитет, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да преземат неопходни мерки за да им овозможат на лицата со посебни потреби ориентација, образование и стручна подготовка во рамките на општата програма онаму каде што е тоа можно, или онаму каде што тоа не е можно, преку специјализирани јавни или приватни тела;
2. Да го унапредат нивниот пристап до вработување користејќи ги сите мерки кои имаат за цел да ги охрабрат работодавците да вработат и да задржат во работен однос лица со посебни потреби во вообичаената работна средина и да ги прилагодат условите за работа на потребите на лицата со посебни потреби, или онаму каде што тоа не е можно поради типот на инвалидноста, преку уредување или создавање на заштитено вработување согласно со степенот на инвалидност. Во одредени случаи, таквите мерки подразбираат користење на услугите на специјализирани служби за посебно распоредување и поддршка;;
3. Да ја унапредат нивната целосна социјална интеграција и учество во општествениот живот особено преку такви мерки, вклучувајќи и техничка помош, кои имаат за цел надминување на пречките во комуникацијата и движењето и овозможување на пристап до превоз, домување, културни и рекреативни активност
Член 16
Право на семејството на социјална, правна и економска заштита
Со цел создавање на неопходни услови за целосен развој на семејството, како основна клетка на општеството, страните-договорнички се обврзуваат да ја унапредуваат економската, правната и социјалната заштита на семејниот живот, преку социјални и семејни додатоци, фискални олеснувања, поттикнување на изградбата на станови соодветни на потребите на семејствата, помош на млади семејства и други соодветни мерки.