Граѓански вести

Прашувај, приклучи се, активирај се!

Автор: Тамара Атанасоска
Граѓански активист

Кога навлегуваме во „транзициските“ години помеѓу дете и возразен, често, ако не и секогаш, се чувствуваме како да растеме паралелно со околината, а не заедно со неа.

Ни изгледа како сегашноста да е киднапирана од многу постарите, оставајќи не беспомошни и на маргините, а општеството и неговите текови за нас се нејасни и туѓи.

Најчесто во системот кој не опкружува се вклучуваме по принцип на шок - стануваме свесни за своето место и самото неговото постоење кога за првпат ќе се судриме со него. Судирот е често болен и е првиот од низата кои во текот на следните години ќе ја рушат нашата наивност кон опкружувањата.

Ова е последица на нашето незнаење и дистанца од општествените текови. Можеби не е можно да се избегне шокот кога прват ќе се судриме со неправда, или кога за прв пат ќе ги сфатиме своите ограничувања. Но, многу е важно и потребно што побрзо да ги разбереме овие процеси кои се случуваат околу нас, за да можеме да се чувствуваме и да бидеме поинтегрирани во нив, а со тоа да живееме поквалитетен живот.

Македонија нема стратегија и некој структурен план како да ги вклучи младите во општеството, па годините во школските клупи ни поминуваат без се стекнеме со таа многу важна животна лекција - како да ја исполниме нашата граѓанска функција, односно како да бидеме граѓани. 

Сепак, има многу што самите може да направиме околу тоа:

- Не плашете се да оформите мислење

Нашите обиди за креирање на издржана политичка мисла се пресечени со острите кривини на светска политика, турбуленциите во глобалната економија, локалните етнички проблеми, патот покрај зградата со дупки, полниот или празен фрижидер. Секој став кој ќе го формираме е колеблив и несигурен, што најчесто се одлучуваме сето ова на крај да го скокнеме и - да молчиме. 

Погрешно! Со самото тоа што ќе споделиме и артикулираме еден став, колку и да е погрешен, сме тргнале во вистинскиот правец. Со тоа што ќе го изразиме, ние го отвораме за критика, а со тоа и за промена и различна перспектива. Комуницирајте колку повеќе можете на прашањата кои ве бунат, прашувајте, а најмногу од се зборувајте. Ајнштајн рекол дека слабоста, односно немањето став, станува слабост на карактерот. Се надевам - сите ние се стремиме да бидеме подобри од тоа.

- Излезете од вашиот непосреден круг на пријатели

Додека сме млади лесно е да се заглавиме во кругот на најблиските кои ги знаме веќе со години - да кружиме околу истите мисли, да ги одржуваме сите стереотипи, предрасуди, сфаќања и ставови кои ги влечеме од најмладите денови. Општеството е големо, разнолико и составено од најразлични групи, и колку повеќе комуницираме, се запознаваме и мешаме, толку подобра слика ќе креираме за целината. 

Прошетај се до АКСЦ (Автономен Културно Социјален Центар), на некој од многуте настани, измешај се со уметниците и левичарите, зачлени се во организација како МОФ (Младински Образовен Форум) на пример, запознај врсници и стекни нови вештини, оди на некое предавање за кое си видел/а само настан на Фејсбук, за да чуеш, ете, барем една нова перспектива таа недела. Ако имаш нешто што сакаш да го правиш, а твоите најблиски не се заинтересирани, искористи ги социјалните мрежи, како Твитер, каде можеш да испиташ дали можеби некој би ти се приклучил.

Лесно е да имаме предрасуди за некоја друга етничка група ако не познаваме ниеден нејзин член, да изградиме негативно мислење за некој сегмент на општеството ако ги слушаме поларизираните медиуми, или да се чувствуваме сами со своите мисли ако никогаш не сме ги споделиле.

- Читајте сешто, читајте надвор од своето поле, читајте за светот

Многу е важно да читаме и да се информираме за нашата околина, а потоа и за светот за да можеме подобро да сфатиме каде ние стоиме и на каде одиме. Многу е важно добро да ги следиме и да ги разбереме принципите и концептите околу кои се случува се што не опкружува, за да можеме подобро да учествуваме во нив. Како млади сме целосно деполитизирани, а политиката е едно големо табу со кое одбиваме да се занимаваме, сметајќи дека нема влијание на нашето секојдневие. А всушност, баш напротив. Еве, на пример: ако сме информатичари, не може да читаме само за синтакса во програмските јазици, туку треба да читаме и за индустријата за подобро да разбереме што правиме. Ако читаме за индустријата, треба да читаме и за глобалната економија, за да разбереме зошто е индустријата таква каква што е. Ако читаме за економијата, треба да научиме за политичките системи и општествените уредувања за да можеме вистински да ја разбереме нивната корелација.

- Активирајте се

Вклучувањето во општеството и исполнувањето на граѓанската функција не мора да е нагло. Не мора да втрчаме директно во нешто што сосема и не го разбираме, затоа што тоа може дополнително да не збуни. Многу од младите, неспремни и непознавајќи го доволно ниту политичкиот систем ниту околностите, влегуваат во поголемите македонски партии, сметајќи го тоа како нужност во ова време кога тие се нашите агенции за вработување, но и како единствен начин на политички ангажман. А, граѓанското и политичкото делување е толку широко!

Посетувајте акции како „Критична маса“, понудете се да помогнете во следната хуманитарна акција, одговорете на повикот на некоја од многуте граѓански организации кои бараат волонтери. На друштвените мрежи, „заследете“ некои од луѓето кои мислите дека делуваат во општеството во правец во кој вие би сакале да делувате и вклучете се во разговорот. Иницирајте нешто, на пример, чистење во вашето маало и преку мини акција почувствувајте ја целата позитива која произлегува од граѓанското делување. Ќе се чувствувате многу подобро.

Правејќи исчекор кон подобро „јас“, правиме исчекор да бидеме и подобри како заедница. Практицирањето граѓанско учество, макар и само преку изразување заинтересираност од што помлада возраст, ни помага да се чувствуваме повеќе како дел од заедниците во кои живееме и да сме посреќни во нив. Стекнуваме вештини за комуникација, навика за самоиницијативност, оптимизам и самодоверба. Уште поважно - учејќи и активно учествувајќи во општествените текови, можеме да ги пресретнеме во нивните нагли промени и глатко да поминеме низ истите.

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.