Стории

Tранссексуалците во Македонија немаат здравствени права - Страна 2

Индекс на артикл


"Во Македонија нема ниеден хирург подготвен за оваа област. Тука се отстрануваат дојки, но кај пациентки болни од рак. Кога ќе слушнат хирурзите дека трансмомче сака да направи зафат само во горниот дел, да ги отстрани дојките, хирурзите воопшто не се впуштаат во тоа", вели Игор Раиден.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и ЛГБТ центарот досега трипати организирале обука за медицински лица од Македонија, првенствено за психолози, а како предавачи доаѓаат активисти на европската организација "Транс џенери", како и претставници на лекарскиот тим од Белград. На обуката се даваат основи и критериуми за дијагностицирање на транссексуалноста. Обуката финансиски е покриена од амбасадите на САД и на Холандија, кои го поддржуваат ЛГБТ центарот во целина. Се планира и натамошна обука.
"Кај нас, всушност, проблем е дијагностицирањето на транссексуалноста. Бидејќи тука нема кој да го направи тоа, дијагнозата се утврдува во Белград, зашто е најблиску. Таму ги препишуваат хормоните", објаснува адвокатката Наташа Бошкова. Не само што во Македонија нема тим (психолози, ендокринолози и хирурзи за дијагноза, следење, хормонска терапија и за операција за промена на полот), нема ни правна регулатива за овој процес. Европскиот суд за човекови права, преку членот 8 од Европската конвенција за човекови права и слободи, има развиено една правна пракса како треба да се регулира процесот во државите кои ја немаат. Преку пресудите, Судот толкува како треба да се однесуваат земјите кои немаат норми за потребите на овие лица", објаснува Бошкова.
"Државата треба да одлучи дали е поевтино да обучи тим овде во Македонија, или да плаќа интервенции во странство. Во никој случај не може да ги остави овие пациенти да лебдат во општеството без никакви здравствени права", реагира Бошкова.
Бошкова застапува случаи на неколку трансродни лица што примиле хормонска терапија, направиле дел или комплетна трансформација, и сега бараат државата да им го признае посакуваниот идентитет, што е и крајна цел на процесот на транзиција.
"Името и презимето, според нашите закони, не е проблем да ги смените, ако немате законски ограничувања. Проблем е да ја смените ознаката м во ж (од машко во женско) и обратно. Таа повлекува промена во единствениот матичен број", објаснува адвокатката. Досега само едно лице успеало да го стори тоа, пред две години, и сега си живее со ново име, со променет пол, идентитет и лични документи.
Освен за здравствените права и промената на полот и идентитетот во личните документи, Канцеларијата поведува и води постапки пред центрите за социјална работа и пред судовите за домашно насилство и за насилство врз транссексуални лица од околината. Во моментот има пет активни случаи.

Германија прва дозволи неодреден пол

Германија стана прва европска земја која дозволи децата родени со карактеристики на двата пола да се регистрираат ниту како машки ниту како женски. На родителите, со стапување во сила на новиот закон, им е дозволено на изводот од матичната книга на родени, полето за ознака на полот да го остават празно, со што во јавниот регистар, практично, се создава категорија на неодреден пол.
"Ова ќе биде првпат со закон да се признае дека постојат човечки суштества што не се ниту машки ниту женски, или се и двете, луѓе што не се вклопуваат во традиционалните правни категории", изјави неодамна Констанца Плет, професор по право на Универзитетот во Бремен.
Плет вели дека по ова ќе мора да уследи и промена на правилата за останатите лични документи. Промената е воведена за да се намали притисокот родителите да мора брзо да донесат одлука за контроверзните операции на приспособување на полот кај новороденчето. Иако Законот стапи во сила на почетокот на ноември, не се отстранети прашањата како ќе изгледа животот без законски одреден пол. Експертите проценуваат дека на секои 1.500 до 2000 деца се раѓа по едно со неодреден пол.

Родовиот идентитет надвор од сите закони

Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви извештај за спроведувањето на препораката ЦМ/Рец(2010)5 на Комитетот на министри на Советот на Европа за мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во Република Македонија, во кој констатира дека македонските власти не презеле никакви чекори за спроведување на препораката на Советот на Европа. Препораката не е ниту преведена на македонски јазик, а образложението на Министерството за надворешни работи е дека препораките на СЕ не се обврзувачки за земјите-членки, наведува Хелсиншкиот комитет. Ова се дел од заклучоците содржани во извештајот во сенка:
- Сексуалната ориентација беше исфрлена од Законот за спречување и заштита од дискриминација како посебна основа, додека, пак, родовиот идентитет воопшто не беше земен предвид при зготвувањето на Законот.
- Не постојат точно утврдени и јасни постапки за промена на матичниот број, што е неопходно за законско признавање на промената на полот во случај на трансродово лице, поради што се создава конфузија во постапувањето, како кај државните службеници така и кај самите трансродови лица.
- И покрај тоа што државата нуди ендокринолошки и психолошки третман, кој им е потребен на трансродовите лица, тие не се ефективни ниту соодветни, од причина што не постои практика ниту обуки за професионалните здравствени работници за случаи на трансродови лица. Државата не нуди хируршки интервенции за промена на полот и нема докази за рефундирање средства од Фондот за здравствено осигурување, дури ниту во случаите кога лицата ја извршиле операцијата во странство, со сопствени средства.
- Во областа на спортот, државните органи не вложија дополнителни напори за да ја надминат дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родов идентитет, како и говорот на омраза.
- Во здравството, освен превентивните програми и бихевиорални студии во рамките на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, маларија и туберкулоза, не постојат други програми и услуги кои им се достапни на ЛГБТИ лицата.

(Овој текст е изработен во рамки на проектот "Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување", кој го реализира Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а е финансиран од Европската унија, преку ЕИДХР програмата.
Содржината на текстот е одговорност единствено на медиумот и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската унија или на МИМ)

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.